Novosti
Humanitarni Informacii
Pomosh
Pozadina na situacijata
Organizacii
Linkovi
Makedonski Centar za Megjunarodna Sorabotka
Action by Churches Together
  Стории и извештаи

"И најлон наместо кров е доволно само да сме дома"

Скопје, 17 август 2001

Преноќиштето "1-ви Мај", во близина на Бит пазар во Скопје од почетокот на август оваа година е претворено во колективен центар. Во него, засега се сместени 48 лица, етнички Албанци од Кумановско-липковскиот регион, најмногу од селата Мајтејче и Ропајце. Комбето со кое МЦМС ја донесе хуманитарната помош за раселените лица за час е истоварено. Сите помагаат, дури и децата сакаат да бидат дел од овој настан.

Сопственикот на преноќиштето, ни објасни дека од доаѓањето на луѓето овде еднаш добиле хуманитарна помош од "Ел Хилал". Помошта од МЦМС е добредојдена и во вистински момент затоа што започнале да дотрајуваат и сопствените резерви на преноќиштето. Го прашавме дали некои од луѓето ќе сакаат да поразговараат со нас.

"Верувам дека нема да им смета ни одговори тој", поведувајќи не од другата страна на големата куќа.

Во дворот имаше неколку жени, две постари, традиционално облечени, две помлади жени и пет-шест деца кои потскокнуваа играјќи ги нивните игри. Се поздравивме со нив. Домаќинот им кажа зошто сме дојдени, за момент помислив дека нема да можеме да поразговараме, двете постари жени одмавнуваа со главата. "Тие не знаат македонски", ми објаснува тој, "но таа знае", додава, со глава покажувајќи на една од помладите жени. Сабиље Сулејмани, нашата соговорничка има нешто повеќе од 30 години. Таа со сопругот и двете деца веќе три месеци се побегнати од нивниот дом во селото Матејче.

Во другиот дел од куќата помошта што ја донесовме веќе е складирана, па сега ни се придружи и сопругот на Сабиље, Исак. Бегањето на семејството Сулејмани трае веќе три месеци. "Во првиот месец се криевме во подрум", вели Сабиље, "кај комшиите, ние немаме подрум. Потоа кога го напуштивме селото и дојдовме во Скопје не сместија во една куќа во улицата Дижонска. По месец дена ни кажаа дека треба да ја напуштиме куќата. Останавме на улица, не знаевме каде да одиме. Едни луѓе на улица не прашаа што се случува со нас и не упатија во училиштето "Никола Вапцаров". И таму останавме еден месец. Ова ни е последното пребивалиште, тоа е накратко", вели Сабиље.

Ги прашуваме дали некогаш имале проблеми со соседите во Матејче. "Не", вели Исак. "Матејче има 600 куќи, во него живеат етнички Албанци и етнички Срби. Секогаш добро сме живееле, заедно во кафуле, во слаткарница, во чајџилница. И кга почна пукањето немавме проблеми, заедно се криевме во подрумите. Незнам како ќе биде кога ќе се вратиме, ама ние не се разделивме со лошо."

Исак и Сабиље слушнале дека добар дел од селото е разрушено од борбите помеѓу македонските безбедноси сили и тнр. ОНА. "Околу 80% од куќите се разрушени", вели Исак. Го прашуваме дали знае за нивната куќа, вели "не, таа е цела засега, нашата куќа е мала, поголемите се урнати".

Семејството сепак не знае што се случило со стоката што ја оставиле таму, четири крави, едно теле и коњ. "Веројатно умреле за јадење и вода", со тага вели Исак, "во селото останаа само неколку стари луѓе, сите други побегнаа. Имавме и камион, комбе и трактор. Со тракторот побегнавме. Прво кон Куманово, потоа во Скопје."

Пред неколку дена, ужасите на времето во кое живееме им го одзеле на Сабиље и Исак и нивното сеуште неродено бебенце. "Се слушнаа неколку истрели пред некоја вечер", ни рече Исак, "таа се исплаши, и се слоши. Моравме веднаш во болница. Ни кажаа дека не можат многу да помогнат. Беа љубезни со нас, ни помогнаа колку што можат, за жал на бебето не можеа да му помогнат". "Бев во четвртиот месец", завршува Сабиље со солзи во очите.

Ги прашуваме дали ќе се вратат во Матејче кога ќе се смири состојбата. "Секако", ни одговараат. "Ако и се случи нешто на куќата, и најлон наместо кров е доволно само да сме дома", вели Сабиље.

Ги оставаме Исак и Сабиље во нивното последно пребивалиште. И се надеваме дека е последно, дека следната дестинација ќе биде нивниот дом во селото Матејче.

Од Гонце Јаковлеска, МЦМС

Istovaranje na pomoshta
Sabilje Sulejmani vo nejzinoto posledno privremeno prebivalishte
(држи го курсорот над фотографиите за подетален опис)

Back to Main Menu