Novosti
Humanitarni Informacii
Pomosh
Pozadina na situacijata
Organizacii
Linkovi
Makedonski Centar za Megjunarodna Sorabotka
Action by Churches Together
  Стории и извештаи

Хуманитарна помош од сите за сите

Кризата во Македонија во хуманитарниот аспект постојано ескалира.

Без оглед на прекините на огнот, примирјата и постигнатите договори, бројот на раселени лица постојано расте, како и бројот на директно загрозените подрачја. Во последниот месец, обидите на хуманитарните организации да обезбедат помош за жителите во подрачјата со ограничен пристап, беа злоупотребувани за постигнување други цели. За да се спречат ваквите работи, домашните невладини организации, преку својата НВО хуманитарна координација, објавија Апел за поддршка на мирот со хуманитарна помош.

Една од пораките во апелот е спротивставување на ограничувањето на пристапот кон основните потреби на населението, како и почитување на човековите права, вклучувајќи го и правото на хуманитарна помош, како основа на одржлив мир. Исто така, домашните НВО повикаа и на неутралност и неопределување на хуманитарната помош според идентитетот на лицата и групите во потреба.

За да не остане ова само на зборови, на 22 август, четири домашни НВО: Милосрдие (хуманитарна организација на Македонската Православна Црква), Ел Хилал (хуманитарна организација на Исламската верска заедница), Класје на добрината и Македонскиот центар за меѓународна соработка (МЦМС), организираа конвој со хуманитарна помош за општините Вратница (за четири села со етничко Македонско насление и две со етнички Албанци) и Шипковица (населена со етнички Албанци).
Како и претходните конвои, како по обичај и овој денешниот тргна од бензинската пумпа во близина на Тетово. Таму веќе чекаа и два автобуси со жители од Лешок, Теарце и Вратница, кои сакаа да ги посетат своите домови. Со конвојот имаше и неколку домашни новинари, претставник од Координативното тело за справување со кризи (КТСК), како и екипата на Мониторинг мисијата на Европската унија (ЕУММ).
Конвојот се распореди во две колони, едниот кој требаше да оди за Вратница и Јажинце и другиот за Шипковица. Бевме информирани дека треба да тргнеме. Еден од камионите што беше во дефект (наменет за Јажинце) се уште не беше пристигнат.


За прв пат во Шипковица

Додека со двата камиона за Шипковица чекавме да пристигне екипата на ОБСЕ, добивме информација дека конвојот за Шипковица, нема биде пуштен од страна на полицијата, но по неколку телефонски разговори, се беше средено и ние тргнавме.

Се наоѓаме на патот кон Шипковица. Пред нас оди возилото на ОБСЕ. Во нашето возило беа и претставници на Ел Хилал. Низ Тетово се забележуваше голема раздвиженост на граѓаните. Пред нас се издигаше големата Шар планина. Во изминатите месеци тука имаше големи борби меѓу македонските сили за безбедност и припадниците на ОНА. Поминуваме низ Тетово и пристигаме на последниот контролен пункт на полицијата, пред патот за Попова Шапка. По вообичаената контрола продолжуваме понатаму кон нашата цел. Се движиме низ тесниот, но асфалтиран, планински пат. Шипковица се наоѓа околу 10 километри од градот. По патот престретнавме две возила на НАТО. Го поминавме селото Гајре и од патот можеше да се забележат многу разурнати куќи од жестоките борби. Но, бидејќи не ни беше дозволено да сликаме, не се задржавме и продолживме понатаму. Ги преминавме трите контролни пункта на ОНА и се најдовме во центарот на селото. Децата низ тесните селски улички не следеа и извикуваа “НАТО, НАТО”, мислеа дека сме странци.

Бројните чајџилници во селото беа преполни со луѓе. Во една уличка видовме една група на старци кои седнати на ладниот цемент, си муабетеа. Ни замавтаа со рацете. Претставникот на Ел Хилал излезе од возилото за да види каде треба да ја истовариме помошта. Ни рекоа дека треба да одиме кај училиштето, кое се наоѓаше на крајот на селото. Разбравме дека градоначалникот на општината беше заминат за Тетово, така што веднаш беше информиран имамот на селото, да дојде за да ја прими помошта.

Децата без престанок трчаа околу нас и поставуваа разни прашања. “Од каде сте дојдени вие”, прашуваше едно љубопитно детенце, кое постојано го меркаше фотоапаратот што го носевме. Кај чешмата застанаа три коња да се напијат со вода, бидејќи ги чекаше долг пат по планината, каде селаните одеа да сечат дрва. Додека го чекавме имамот се восхитувавме на убавините на природата. Сред кањонот, што ја одделуваше Шипковица од другата страна на планината, каде се наоѓаат селата Селце и Лавце, тече реката Пена (Схкумбин). По половина час, пристигна имамот Зендел.

“Добар ден. Стигнавте ли?”, не поздрави оџата. Ние му возвративме и го информиравме за помошта која ја донесовме. Тој веднаш ги распореди луѓето за растовар на продуктите, кои се складираа во магацинот на училиштето. Во неа учат околу 700 ученици. Децата се трудеа да помагаат, колку што можат да носат. Јас забележав еден стар човек покрај чешмата, кој седеше и гледаше што прават другите.

Му се приближив, за да го прашам за нивниот живот тука.

“Како сте чиче”, му се обратив јас и седнав до него. “Добро, да се рече”, воздивна тој. Се викаше Сафер Муареми, шеесетиседумгодишен, кој 32 години живеел и работел во Леверкузен, во фабриката за лекови. “Кога дојдов две недели пред Велигедн дома, ме зафати војната, и веќе не можев да се вратам. Морам да отидам бидејќи треба да ја земам пензијата.” Тој заедно со неговото семејство, четирите деца и осумте внука, за време на борбените дејствија се криеле во подрумот. “Најмногу се плашев за внуците, јас и така си го одживеав животот. Со храна се снаоѓавме од тоа малку што го имавме.

Некои позајмуваа од тие што имаа повеќе. Настрада многу добиток бидејќи немавме со што да го нахраниме.” Чичко Сафер стана да се напие вода и оттаму го следеше разговорот што го правев со оџата Зендел, кој ни се приклучи подоцна.

“Засега храната можеби ќе биде доволна, но сепак ќе биде проблем бидејќи голем број на жители се враќаат од Косово. Во нашата општина има околу седум илјади жители. Таму ги потрошиле парите што ги имале со себе. Не е лесно да бидеш три-четири месеци надвор од куќата. Главен проблем остануваат хигиенските артикли. Бидејќи од помошта што ја добивме од Меѓународниот црвен крст и Ел Хилал немаше детергент, сапуни и други артикли. И ова што го донесовте вие не знам како ќе го поделам.”, ни рече Зендел оџата и ги креваше рамениците.

“Главно дека се ова заврши. Ќе се снајдеме некако. На луѓето од другите секла сега ќе им биде потребно да им се направт куќите, бидејќи зимата ни е пред врата.”, се надоврза дедото Илми, и една по друга ги палеше цигарите. “Ти не знаеш какви сурови можат да бидат тука зимите. Од месец април немаме електрична енергија. Благодарни сме на Бога дека имаме вода колку сакаш, и не мора да платиме”.

Камионите веќе беа истоварени, а ние полека се подготвуваме да тргнеме кон Тетово.
Од време на време се слушаа пукотници од пешадиско оружје. “Не плаши се, ние веќе навикнавме на тоа”, ми вели дедо Илми. Подоцна разбрав дека припадниците на ОНА стрелаа во воздух, во знак на поздрав, бидејќи поголемиот дел од нив се враќаа во нивните домови по Шара и се подготвуваа да го предадат оружјето. Се поздравуваме со нашите домаќини и се враќаме назад. Со конвојот од Вратница и Јажинце се сретнавме повторно кај бензинската пумпа.


Патувањето до Вратница

Колоната појде, предводена од тимот на ЕУММ, во кој повторно е нашиот пријател од претходните два конвои за Вратница, Сегундо Мартинез. Јас сум на крајот од конвојот со колегата Фатмир (етнички Албанец) и шест новинари.

На влезот во Тетово чека поголема група граѓани. И тие сакаат да се придружат, да ги посетат домовите во Лешок, Непроштено, Теарце, но одлуката е да продолжиме без запирање. Неколку возила сепак се приклучуваат.

Излегуваме од Тетово и кај градскиот стадион, пред влезот во Порој, конвојот запира. Сегундо добива информација дека другиот дел од конвојот, оној за Шипковица, нема да биде пропуштен на полицискиот пункт. Ми вели дека тоа може да биде проблем и за нашето непречено поминување.

За среќа, недоразбирањето е брзо надминато и продолжуваме понатаму. Без запирање стигнуваме на првата дестинација, селото Лешок. Автобусите влегуваат во селото, а камионите остануваат да чекаат на патот. Новинарите од нашето возило сакаат да појдат до манастирот и јас се согласувам. Фатмир останува со возачите, да им ја “гарантира безбедноста”.

Пристигнуваме во манастирскиот комплекс, кога сите Лешочани веќе се враќаат од таму. Запалиле свеќи покрај остатоците од црквата и во тажна поворка се упатуваат кон своите домови. Изгледаат како да не веруваат во она што тукушто го виделе. Преостанатите две кубиња над влезната порта, немо сведочат за грандиозноста на зданието кое веќе го нема. За мене, по искуството од Косово, само уште една врежана слика во бескрајната низа докази на човечката деструкција, уништени куќи, цркви и џамии.

Оставаме свежа храна за малкуте преостанати жители на Лешок и продолжуваме понатаму. По кратко задржување во Теарце се упатуваме кон Вратница. Го поминуваме и селото Доброште, каде што пред три недели, конвојот беше блокиран. Неизвесноста поминува и стигнуваме до полицискиот пункт пред Вратница. За разлика од претходниот пат, сега има детална проверка на личните и транспортните документи. Во нашето возило се прашуваме како полицајците ќе реагираат на присуството на етнички Албанец, но се поминува без проблеми.

На сред Вратница, ги гледам истите лица од пред две недели, кога за прв пат донесовме хуманитарна помош, градоначалникот Тони Коцевски, одговорниот за прием на помошта Мите и многу други. Се поздравуваме и тие се насмевнуваат, но нема радост зад таа насмевка. Како што им вели на новинарите една од жените од селото:

“Убаво што го донесовте ова и многу ви благодариме, но ние не сакаме вака да живееме. Не ни треба помош, само нека биде слободно движењето до Тетово, да одиме на работа и од платите да живееме”.

Друга жена кажува што им недостигало изминатите денови: “Немаме свежа храна – зеленчук, хигиенски производи, лекови, а нема ни храна за стоката”. Чувствувам задоволство, бидејќи токму тоа беше содржината на четирите камиони. Иако помошта беше планирана во контакти со градоначалникот на општината, непосредната потврда од жителите дава дополнителна сатисфакција за нашата работа, дека се задоволени вистинските потреби на населението.

Камионите брзо се растовараат, магацинот се полни. Ги завршувам и формалностите со документацијата и седнав да се одморам со чаша ладна изворска вода, но слушам изјава на една од жените која ме враќа во работниот ритам: “Треба да има помош за сите. Па и Албанците во Јажинце се во иста ситуација како и ние. И нив треба да им се помогне”.

Проверувам каква е состојбата со камионот наменет за Јажинце (токму тој имаше дефект по патот) и колегите кои останаа со него ме информираат дека целата содржина е претоварена во друг камион, кој е спремен да тргне. Останува уште да се обезбеди придружба. Но, ЕУММ смета дека нема да има време да се вратат до Тетово и потоа пак до Јажинце до 16 часот, за кога е закажано враќањето на конвојот.

Моето убедување дека е многу значајно помошта да стигне денес до Јажинце, не помага тимот на ЕУММ да се премисли, иако велат дека токму тоа било употребено како аргументација за да биде обезбедено непречено поминување на конвојот. Јас имам дополнителна мотивација да се најде решение, бидејќи при претходната дистрибуција на помош во Јажинце, кога само дел од планираните количини беа испорачани, ветив дека со следниот конвој ќе биде донесена целата планирана помош.

На крајот, повторно Сегундо Мартинез наоѓа решение. Контактира со тимот на ОБСЕ, кој се согласува да го придружува камионот и тој пристигнува во Јажинце. Јас и Фатмир исто така. За разлика од првиот пат кога бев дочекан со недоверба и требаше трпеливо да се разговара со селските лидери да ја примат помошта, сега Зулфи Азизи (претседателот на селскиот одбор) ме пречека со насмевка и широка прегратка.

Луѓето се задоволни и не повикуваат да останеме подолго, да не почестат со кафе, но веќе е 16 часот и мораме да се вратиме назад.

Целиот конвој се упатува кон Теарце и Лешок, да ги вратиме во Скопје луѓето кои ги посетија своите домови. Повторно сум на крајот на колоната, задоволен од комплетно завршената мисија. Но глетките што следат ме враќаат во реалноста на кризата во која се наоѓаме. Автобусите, во кои имаше 10-тина празни места кога тргнавме од Скопје, сега беа преполни. Луѓето и натаму се раселуваат.

Додека ги чекавме автобусите на главниот пат, неколку возила со голема брзина поминаа покрај нас. Некои од возилата беа со странски регистрации, а некои и без таблички. Повеќето имаа по 3-4 млади лица, со намуртени лица, кои сомнително не погледнуваа. Некои од нив беа во зелени или црни блузи, а некои во униформи. Некои без, но некои и со ознаки на ОНА. Оружје сепак не видов. Немаше провокации, ниту сметав дека сме или ќе бидеме загрозени на било кој начин, но чувството секако беше непријатно.

Сепак, ова не го наруши задоволството од успешно завршената работа и особено од постигнувањето на целите. Четирите домашни НВО, со заеднички сили и соработка обезбедија значителна помош за жителите во Тетовското кризно подрачје, без разлика на нивната етничка или верска припадност.

Znacite na NVO zaedno i na kamionite
Raselenite lica od Leshok i Tearce vo ochekuvanje da gi vidat domovite
Odzhata Zendel raskazhuva za sostojbata vo Shipkovica
Pomosh za Shipkovica
Vo razgovor so chichko Safer
Razurnatata crkva vo Leshochkiot manastir
Pomoshta stigna vo Vratnica
Prechekot vo Jazhince
(држи го курсорот над фотографиите за подетален опис)

Back to Main Menu