Novosti
Humanitarni Informacii
Pomosh
Pozadina na situacijata
Organizacii
Linkovi
Makedonski Centar za Megjunarodna Sorabotka
Action by Churches Together
  Стории и извештаи

Цикле и Фатмир го држат центарот во Македонија
од Антони Махони

Сите го знаат Александар Кржаловски како “Цикле”, прекар што тој го добил како ученик во средното училиште за млади надежни математичари “Корчагин” во Скопје. Продолжил со студии по информатика и техничката кариера му изгледала предодредена, но животната патека го однела во Македонскиот центар за меѓународна соработка (МЦМС), каде што моментно раководи со кризната програма. МЦМС беше основан од Светскиот совет на црквите (ССЦ) во 1993-тата година, со помош на Холандската црковна помош, како обид да се подобрат меѓуетничките односи и преку развој, да се придонесе кон мирот.

Како и другите негови врсници, и Цикле видел многу промени во неговата земја во последните десет години, откако таа доби независност од поранешна Југославија. За прв пат во својата историја, Македонците добија шанса самите да ги водат своите работи, наместо да бидат предмет на владеење на Белград или на Отоманците, претходно. Ерата на братство и единство во комунистичка Југославија ги држеше многуте различни етнички групи заедно во едно мултиетничко општество. Но, кога таа заврши, започна да се појавува многу поизострена слика за различните идентитети. Во новата Македонија етничката самосвест на луѓето стана многу појака, без разлика дали тие беа Македонци или Албанци, или, пак, припадници на некое од другите малцинства, како Власи, Роми или Турци.

Цикле се сеќава дека во неговиот клас имало само еден Албанец од вкупно 35 ученика, и дека имал малку контакти со Албанци пред неговото доаѓање во МЦМС. Тој признава дека неговите ставови се промениле: “Нивото на мојата толеранција е многу повисоко по пет години минати во МЦМС и мислам дека сите вработени го имаат истото искуство”. Наспроти тоа, тој кај своите врсници забележал ставови и мислења што порано ги немало - на површината започнаа да излегуваат знаци на расни предрасуди и ксенофобија. Уште позагрижувачки е силниот притисок на којшто се изложени луѓето со умерени погледи, за да прифатат нетолерантен став за сегашната криза во земјата. Нов обичај стана да се обвинат другите за предизвикување на кризата – Македонците ги обвинуваат Албанците, кои, пак, за возврат ги обвинуваат Македонците. Просторот за дијалог и интеракција помеѓу етничките групи во земјата постојано се намалува, особено од избувнувањето на насилство во почетокот на оваа година.

Во изминатите осум години МЦМС работеше со албански заедници во многу пригоди, вклучувајќи проекти за водоснабдување на села во северниот и западниот дел на земјата, како и други развојни и иницијативи за генерирање приходи. Ова искуство беше битно кога во 1999-тата година се донесе одлука да се започне со работа во Косово, по завршувањето на бомбардирањето на НАТО. МЦМС сакаше една македонска организација да работи во Косово, како знак на посветеноста на соседната земја кон потребите на луѓето таму. Преку новата канцеларија во Ѓаковица, МЦМС почна да гради доверба кај месните жители, обезбедувајќи им материјали кои навистина им беа потребни, како градежни материјали и храна. Организацијата научи дека имаше доволно капацитет за да ги задоволи барањата што произлегуваат од една голема хуманитарна програма, а нејзините вработени умееја да развијат нови улоги.

Цикле беше распореден на новата програма во Косово, каде што често пати работеше до доцна во канцеларијата. “Цикле, се претопи во околината!”, велеше еден негов колега. Тоа не беше задача за оние со слабо срце: Во почетните денови од работењето, канцеларијата добиваше заканувачки телефонски повици, откако неколкумина вработени беа отпуштени, така што беше потребно и посредување на градоначалникот. Цикле мораше да биде претпазлив за својата безбедност: Иако тој беше добро познат и почитуван насекаде во Ѓаковица, тој не можеше јавно да зборува на својот јазик, плашејќи се да не биде, по грешка, сметан за Србин и секогаш беше придружуван од некој од локалните вработени. “Како и да е, се чувствував посебно бидејќи бев свесен дека сум единствениот Македонец кој работи слободно во Ѓаковица”, се потсетува тој.


Фатмир Битиќи дојде во МЦМС по сосема друг пат. Тој порасна во Скопје, во населба што е 90% македонска, но неговото семејство секогаш имало добри односи со соседите. Тој беше одличен ученик во училиштето на албански јазик “Зеф Љуш Марку” во Скопје, а негов сон отсекогаш бил да се запише на една од воените академии во Југославија. Вообичаено, неговите резултати би требало да му обезбедат место на академијата, но таквата шанса никогаш не дојде. Кога го заврши училиштето во 1993-тата година, тој се одлучи да студира менаџмент на универзитетот. Но, кога се пријави на универзитетот во Скопје, таму повеќе немаше слободни места. Што можеше да се стори? Се уште постоеше можност да се запише на сличните студии на Факултет за економски менаџмент при универзитетот во Тирана, но, одејќи таму, тој не ќе беше подобен за каква било поддршка од македонската влада. За среќа, неговито постар брат се согласи да го “спонзорира” во наредните четири години.

Сепак, срцето на Фатмир беше се уште определено за воена кариера, исто како и некои членови на неговото семејство пред него. Тој се надеваше дека шансата ќе се појави во 1997-та година, кога тој го служеше воениот рок во македонската армија. Но, новата Македонија немаше воена академија; таа остана во Србија, при распаѓањето на Југославија, и Фатмир се приклучи во редовите на армијата. Ова беше едно искуство повеќе за него: “Открив колку е тешко да си Албанец и да служиш во Армијата. Во мојот вод, јас бев единствениот кој студираше, но тоа не ми помогна да добијам унапредување. Најпосле, можеби и не сум ‘роден’ за војска”. Повторно, неговиот сон остана неисполнет.

Во 1999-тата година Фатмир бараше начин да ја започне работната кариера. Тоа не беше добро време за барање работа во Македонија, особено бидејќи неговите квалификации не беа признаени од локалните работодавци. Тој признава дека не бил голем оптимист. Сепак, во тој момент неговата среќа се промени. Еден негов пријател му препорача да се пријави во МЦМС. “Интервјуто за работа ми ги отвори очите за она што се случува во невладиниот сектор во оваа земја. Открив дека с# уште тука работат добри луѓе”, вели тој.

Тој беше вработен во програмата на МЦМС за развој на невладините организации како обучувач. Набрзо се најде на курс наречен “обука за обучувачи” во Холандија. Но, на самиот почеток од неговата кариера, експлодира кризата во Косово. Во октомври, Фатмир започна да работи на програмата на МЦМС во Косово, за што тој беше особено квалификуван и работеше на врските помеѓу организацијата и локалните партнерски невладини организации. “Тоа беше предизвик за мене. Јас ги познавав луѓето и културата, мислев дека ќе биде лесно.” Но, работите се беа смениле за луѓето кои најпрво беа раселени, па потоа беа вратени во нивните домови во Косово. Нов, поостар и понетолерантен став излезе на површина: “Беше нормално да чуе македонски или српски тука, но повеќе не.”

Политичката ситуација во Македонија оваа година му донесе посебен предизвик на МЦМС. Понекогаш беше болно за Фатмир кога неговите колеги разговараа за меѓуетничките односи, а силни зборови беа разменувани од луѓе кои инаку имаа извонредни колегијални односи. Тој имаше различни погледи за она што се случува, но отпрвин не сакаше да ги искаже јавно, плашејќи од она што неговите колеги можат да го кажат. Директорот Сашо Клековски смета дека тој и вработените мораа да ја преземат одговорноста за зачувување на мирот во самата организација. “Мирот се базира на односите помеѓу луѓето, а не помеѓу политичките елити. Јас сакав да ја промовирам идејата дека сите можеме да се искажеме, дури и кога сме лути. Луѓето треба да знаат како се чувствуваме, дури и кога искажуваме спротивставени мислења. Тоа е значењето на толеранцијата. Молкот го прави јазот помеѓу нас уште поголем”. Така, тие се договорија да се одржуваат редовни информативни состаноци на кои вработените беа охрабрени отворено да разговараат за тековните политички прашања. Ова го зачува чувството на заедничка припадност и взаемната доверба помеѓу вработените за време на клучните моменти.

Колегите мораат да си помагаат еден на друг на практичен начин. Некои Македонци не сакаа да патуваат во области со мнозинство Албанци од безбедносни причини. Што се однесува до него, Фатмир не се осмели да појде во Битола, каде што албанските дуќани и имоти беа нападнати и запалени од разлутената маса кон крајот на април. Од друга страна, тој го посети Пробиштип, етнички македонски град во источниот дел од земјата во набљудувачка посета на локална невладина организација, придружуван од колега Македонец. Тој е сигурен во јакоста на неговите врски со луѓето и организацијата со која соработува, без оглед на нивната националност. Но, во моментната ситуација, сите се повнимателни од порано. “Никогаш не се знае кој може да те запре на патот”, вели тој.

Во овие тешки времиња кога заедниците се раздвојуваат од страна на деструктивните сили, секој знак на соработка и разбирање треба да се поздрави како знак на надеж. “Не е како пред војната”, вели Цикле, “но, со нашето искуство во Македонија и со нашиот мешан етнички состав, можеме да покажеме пример за соработка помеѓу различни луѓе”. Работејќи во корист на заедницата и во служба на мирот, Цикле и Фатмир го прават она за што меѓународните посредници и локалните политичари можат само да зборуваат – тие се на центарот во Македонија.



Антони Махони е консултант за Југоисточна Европа на Светскиот совет на црквите за Екуменското партнерство во Југоисточна Европа. Тој е сместен во Скопје, од почетокот на април.

Fatmir
Cikle
Cikle and Fatmir
(држи го курсорот над фотографиите за подетален опис)

Back to Main Menu