Novosti
Humanitarni Informacii
Pomosh
Pozadina na situacijata
Organizacii
Linkovi
Makedonski Centar za Megjunarodna Sorabotka
Action by Churches Together
  Стории и извештаи

Помошта поврзува, но и разделува

Како помошта може да го поддржи мирот или војната

Хуманитарната состојба во Македонија се повеќе се влошува.

Македонија влегува во шестиот месец од почетокот на насилниот судир, кој меѓу другото влијае на влошувањето на социјалната и хуманитарната состојба во земјата. Дел од влошувањето се должи на директните последици од насилството. Од одредени подрачја се зголемува бројот на раселени лица кои имаат потреба од засолниште и хуманитарна помош. Во дел од заедниците кои беа зафатени со судирите, како Арачиново, на пример, постои потреба од помош за рехабилитација, со што би се овозможил процесот на враќање на раселените лица. Понатаму расте бројот на заедниците кои поради судирите имаат ограничено движење и им е оневозможено снадбувањето. Таква е состојбата во Липково, Вратница и Шипковица, но веројатно и во други места. Во одредени заедници се јавуваат проблеми кои се хронични, но и ја влошуваат постоечката состојба бидејќи се поврзуваат со судирите. Пример е водоснадбувањето на Тетово, каде и претходно се соочувале со проблеми за водоснадбувањето, но сега во услови на зголемени тензии. Индиректните последици на насилниот судир се чувствуваат низ целата земја, преку економската криза и зголемувањето на бројот на социјални случаи.

Хуманитарната помош како дел од самиот судир

Кога хуманитарната помош се дава во контекст на насилен судир, станува дел од тој контекст и исто така дел од самиот конфликт. Во контекст на конфликтот помошта може да го засили или продолжи судирот, но може и да помогне во намалување на тензиите и во јакнење на определбата на населението за пронаоѓање мирни начини за разрешување на проблемите.

За тоа може да се издвојат повеќе примери. Можеби последниот пример со хуманитарната помош за Вратница е еден од најдобрите. Вратница е општина со шест села и околу пет илјади жители, со скоро подеднаков број етнички Македонци и Албанци. Општината е отсечена од остатокот од земјата повеќе од четири недели.

Поради тоа МЦМС се одлучи да организира хуманитарен конвој со две дестинации село Вратница и село Јажинце. Првиот обид беше на 4 август, кога пет камиони со четириесет тони помош, во придружба на Мониторинг мисијата на Европската унија, се упати кон Вратница и Јажинце. Овој хуманитарен конвој беше запрен со блокада, од околу 150 цивили, во селото Доброште. Вооружани лица, без ознаки, извршија претрес на конвојот и го вратија назад.

Но, хуманитараната помош се совпадна со изострување на неколку прашања: безбедноста на патот Тетово - Јажинце, чувствителен период на преговорите во Охрид, тешката хуманитарна состојба во Липково и Шипковица.

Враќањето на конвојот се оправда со логичното барање за хуманитарна помош во Липково и Шипковица и со “откриените униформи, алкохол и скапи цигари марлборо”. Откриените униформи беа всушност еден пар панталони кои еден од возачите ги користел како работни пантолони. Останатото потсетува на аферата со “12 мобилни телефони” за Липково, најдени кај Градоначалникот на Липково. Бараш повод да се оправдаш за нешто што самиот си го предизвикал. Да беше прооден патот, луѓето сами ќе си пазареа што им треба, или да работеа фиксните телефони, на луѓето нема да им требаа мобилни телефони.

Позади ова се сокри суштината на настанот - прекршување на договорот од 26 јули за отвореност и безбедност на патот Тетово - Јажинце. Хуманитарната помош стана дел од судирот. Последователна реакција на овој настан беше барањето за воспоставување контрола на патот Тетово - Јажинце од страна на македонските безбедносни сили. Во ескалацијата се придружи и СМК на Тодор Петров, со закани за реваншизам и блокирање на хуманитарна помош за етничките Албанци. На тоа се надоврза заканата за запирање на водоснадбувањето на Куманово. Значи целосна ескалација каде заканата за страдање на цивилното население се зголемува. А со страдањето и судирот.

За повторно да се прекине ескалацијата, беше неопходно да се оствари првобитниот чекор - пристигнување на помошта до Вратница. Тоа се случи на 7 август и по низа пречки и блокада во Џепчиште. Овој чекор би можел да доведе до деблокада на Шипковица, до подобрување на безбедноста на патот Тетово - Јажинце и би можел да придонесе во градењето на меѓусебната доверба.

Хуманитарната помош во функција на мирот


Во секое општество во судир, вклучувајќи го и нашето, постојат капацитети за мир и поврзувачи и капацитети за војна, тензии и подвојувачи. Затоа на невладините организации (НВО) им е потребно знаење да ги препознаат овие капацитети. Помошта треба да се обезбедува повеќе во врска со и за поддршка на поврзувачите, отколку во релација на поделбите во општеството.

И поврзувачите и подвојувачите можат да се најдат во системите и институциите; пристап; вредности и интереси; заеднички искуства; симболи и настани.
Ако хуманитарните работници се свесни само за факторите кои ги разделуваат заедниците и не ги препознаваат и не ги поддржуваат оние кои ги поврзуваат, помошта може да ги зајакне подвојувачите и да ги потцени поврзувачите.

Најголем дел од населението не се чисти подвојувачи или поврзувачи, туку понекогаш се на едната, понекогаш на другата страна. Затоа, помошта може да ги зајакне мирот или војната.

Пред насилниот судир, еден дел од локалните НВО, иако беа организирани како ромски, муслимански или христијански, и беа насочени да им служат на своите заедници, тие исто така им служеа и на другите кои живееја во подрачјата каде овие НВО дејствуваа. Со започнувањето на насилниот судир, агенциите кои сакаа да останат неутрални во однос на судирот, ги идентификуваа овие НВО како партнери и дистрибутери на помош. Некои агенции помошта која ја канализираа преку локланите НВО ја насочија исклучиво за групата идентифицирана со таа НВО: на ромска НВО за Ромите итн. Пример, една УН агенција дистрибуира информативни материјали за опасноста од мини. Оваа агенција информативните материјали на албански јазик ги доверила на Ел хилал, а на македонски јазик на МЦМС. Тоа го јакне мислењето дека Ел хилал е албанска, а МЦМС македонска организација. Во овој случај, иако поделбите постоеле претходно, начинот на работа ја поттикнала поделбата. Можеби во овој случај најдобро би било доколку оваа ОН агенција ги доделела своите материјали на локалните НВО, а тие самите да се договорат како да ја прават дистрибуцијата. Со тоа можеби би се зајакнало заедничкото одлучување и заедничкото разбирање на состојбите.

Да се почитуваат локалните предности

Дел од горенаведениот проблем би се избегнал, ако не се потценуваат локалните предности. Поголема вклученост на локалните НВО би помогнало и помошта да биде подобра. Би се постигнала поголема приспособеност на помошта спрема културата и обичаите во земјата. Така, не би се случило како помош да се дистрибуира соја која не е прифатена во локалната исхрана. Поради поголема одговорност на локалните НВО пред сопствената заедница би се подобрил и квалитет на хуманитарната помош, во согласност со меѓународните хуманитарни стандарди. Така, не би се случило да се дистрибуираат обувки со броеви 47 - 52 или пак нискоквалитетна храна.

Покрај употребата на локалните знаења и капацитети, значајна и е употребата на локални производи во хуманитарниот одговор на кризата. Меѓународната заедница понекогаш претпочита хигиенските продукти да ги увезе од Египет, прехранбените од Бугарија, а наместо кочански, да набави италијански ориз, или наместо тетовски, да набави чилеански грав. Сигурно така ќе се заштеди некој евро или долар, но на таа сметка се уништува локалниот пазар. Доколку една од индиректните последици е намалување на трговијата и на економска криза, купувањето локални производи, секако, може да ги намали последиците и да ги зајакне капацитетите за мир.

Подобро и делумно погрешна помош, отколку никаква помош

Едно од вообичаените стравувања е дека хуманитарната помош ќе биде злоупотребена од факторите на војната за нивни сопствени потреби или за продажба за финансирање на војната. Тоа може да се забележи и кај нас. Меѓународната заедница ја стопира скоро севкупната помош за Македонија, со образложение дека со помошта ќе се овозможи македонската влада да продолжи со набавките на оружје што директно ја поттикнува војната. Од друга страна, во Липково, Шипковица и донекаде во Арачиново, властите, а сега и во Вратница и Теарце, т.н. ОНА, го ограничуваат пристапот на населението кон основните човечки потреби, како вода или електрична енергија, или кон хуманитарната помош. Тие се водат со истата логика како меѓународната заедница. Хуманитарната помош може да биде одземена и употребена од другата страна во судирот. Дали лековите за Липково не се наменети за т.н. ОНА?

Можеби тука постои ризик. Можеби македонската влада благодарејќи на меѓународната помош да заштеди за уште некој тенк или хеликоптер. Можеби дел од лековите за Липково можат да бидат одземени и употребени од т.н. ОНА. Делумно погрешната помош може да наштети на мирот.

“Логична и морална заблуда е да се заклучи дека бидејќи помошта може да наштети, одлуката да не се даде помош нема да наштети. Во реалноста, одлука да се задржи помош за луѓе во потреба би имала несогледиви негативни последици” - вели Мери Б. Андерсон, во својата книга “Немој да наштетиш“.

Одложувањето на позначителна хуманитарна помош од меѓународната заедница и поврзувањето на истата со политичкиот дијалог што се води во земјата, како и ограничувањето на пристапот кон хуманитарната помош во Липково или Вратница, не придонесува кон заедничката цел - постигнување мир. Напротив, со зголемување на страдањата на цивилното население, дополнително нараснуваат поделбите и тензиите и се јакнат факторите на војната.

Сашо Клековски

ПС. Можеби во сегашниот момент овој напис ќе се чини дека е надвор од суровата реалност. Сепак прашањето на мирот е прашање на долгорочен процес кој го чинат и крупни политички одлуки, но и мали чекори на градење на меѓусебната доверба и на капацитетите на мирот.

Back to Main Menu