Novosti
Humanitarni Informacii
Pomosh
Pozadina na situacijata
Organizacii
Linkovi
Makedonski Centar za Megjunarodna Sorabotka
Action by Churches Together
  Стории и извештаи

Арачиново, напуштеното село

Скопје, 29 јули, 2001

Арачиново е село кое се наоѓа на десетина километри од центарот на Скопје, веднаш до границите на градот. Неговите жители се претежно Албанци, додека етничките Македонци чинат околу 15% од вкупниот број жители. Селото е, исто така, дом и на одреден број Турци, Срби и Бошњаци. Црквата и џамијата се изградени една до друга, во знак на коегзистенција. Арачиново не е претежно земјоделско, туку заради неговата близина до Скопје во изминатите 40-тина години полека растеше како место чии жители работеа во големите индустриски објекти во Скопје. Но, со транзицијата во изминатите десет години, сето ова се смени. Социјалната криза присили многу луѓе да бараат работа во западните земји, а повеќе од 40% од семејствата се социјални случаи и примаат социјална помош од државата. Кризата, исто така, отвори простор за црниот пазар, како што е, на пример, шверцот со цигари.

Името Арачиново стана познато низ светот во почетокот на јуни оваа година, кога беше окупирано од екстремистите на ОНА. Во два дена, скоро целото десетилјадно население го напушти селото, освен неколкуте постари лица кои одлучија да останат. Оттогаш селото е скоро празно. Кон крајот на јуни дојде тридневната офанзива на македонските безбедносни сили и мистериозното извлекување на терористите со посредство на НАТО. Откако повторно беше воспоставена контролата, беа преземени мерки за подготовка на селото за враќање на неговите жители: деминирање, отстранување на телата на мртвите животни, чистење на бунарите и сл.

На 28 јули 2001 и се придружив на интерагенциската оценувачка посета на селото од страна УНХЦР, како претставник на единствената локална организација во групата, Македонскиот центар за меѓународна соработка. Во тоа жешко саботно претпладне го поминавме последниот контролен пункт и се упативме кон центарот на селото. Близу до влезот на селото, неколку преживеани крави и коњи беа собрани околу еден мал, каллив извор. Веднаш забележавме дека куќите во овој дел на селото, сопственост претежно на етнички Македонци, беа скоро целосно уништени. Ова беше фронталната линија во борбите пред неколку недели, што беше силно бомбардирана од страна на македонските безбедносни сили. Повеќето куќи беа означени со црвена боја, знак дека тие се класифицирани како непоправливи. Покрај патот ја видовме штетата направена врз електричната мрежа.

Во центарот на селото најдовме неколку полициски офицери кои н# придружуваа во остатокот на селото. Тие рекоа дека ОНА е на само половина километар, во ридовите над селото. ОБСЕ беше исто така присутна.

Неколку селани ни се придружија. Беа најмногу загрижени за ситуацијата со водата. Пред нешто помалку од две години, МЦМС ја надгледуваше изградбата на централниот систем за водоснабдување, па можев да ги споделам моите информации со нив. Системот беше изграден до половина. Најголемиот дел од примарната мрежа е комплетиран, додека секундарната не е ниту започната. Ова беше скап проект, кој чини 1,5 милиони евра, и немаше време да биде завршен пред кризата. Во меѓувреме, селаните ги користеа своите бунари, но заради прекинот на електрична енергија за пумпите, и овој извор на вода не може да се користи.

Отидовме до делот на селото населен со етнички Албанци. Тука штетата не беше толку воочлива. Голем број прозорци беа искршени, но повеќето покриви беа целосни. Првиот уништен објект на кој наидовме беше една од трите селски џамии. Се спуштивме кон понискиот дел од селото. Училиштето беше целосно уништено. Во непосредна близина се наоѓаше берберница. Сопственикот очигледно заминал набрзина, со оглед на тоа дека се беше на своето место. Како животот наеднаш да престанал.
Марика Платова останала цело време во селото. Таа го очекуваше нејзиното семејство да дојде по неа и нејзината покуќнина. Таа рече дека младите не сакаат да се вратат од страв од нови напади на ОНА.

Во близина беше амбулантата. По косовската криза, таа беше реконструирана со поддршка на меѓународен донатор, чиј симбол се уште стоеше неоштетен на остатоците на објектот. Низ скршената врата можев да видам микроскоп и друга опрема.

Се вративме во македонскиот дел од селото. Претставник на локалните власти ни објасни дека од вкупно 1300 куќи, 160 се со помали, додека 310 со значителни штети.
Ја завршивме нашата посета. На патот до Скопје, имавме жива дискусија за процесот за враќање на населението. Минималните услови за враќање, вклучувајќи електрична енергија, вода и засолништа, не постојат. Еден од нашата група кажа дека најбитно прашање е сигурноста на населението, но комбинацијата од нервозни македонски безбедносни сили заради близината на ОНА, како и луѓето кои ќе се враќаат, придружени со голем број меѓународни хуманитарни работници, го прави селото доста привлечна цел за понатамошни напади.

Следниот ден добив повик од УНХЦР и Министерството за труд и социјална политика и бев известен дека на раселените лица од Арачиново им било дозволено да се вратат. МЦМС беше повикано да помогне околу итните потреби за вода. Еден камион со вода во шишиња беше веднаш испратен. Селото го најдовме тотално различно. Беше полно со живот. Додека едни беа среќни што се дома, други беа гневни што нивните домови се уништени и што изгубиле се што имале. Некои етнички Македонци се пакуваа и заминуваа. Рекоа дека немаат сигурност да останат. Други, пак, рекоа дека нема да се селат, бидејќи се што имаат е во Арачиново.

Обновата на разрушените објекти е задача за блиска иднина, но уште поголема задача ќе биде повторно да се изгради довербата меѓу различните групи на нашата земја и повторно да се обнови нашиот национален живот.

Сашо Клековски, МЦМС

A red mark on the gate means the house is beyond repair
Destroyed homes on the village frontline
Horses roam freely in the empty streets
The mosque, which the police said was used as a sniper nest
(држи го курсорот над фотографиите за подетален опис)

Back to Main Menu