Novosti
Humanitarni Informacii
Pomosh
Pozadina na situacijata
Organizacii
Linkovi
Makedonski Centar za Megjunarodna Sorabotka
Action by Churches Together
  Стории и извештаи

Прифатилиштето за деца во кризна состојба, Меѓаши

Прибежиште за 4 семејства од Арачиново

Скопје, 20 март 2002

Во Прифатилиштето за деца во кризна состојба, во просториите на ПДАС Меѓаши во Скопје, уште од почетокот на кризата во скопското село Арачиново, привремено се наоѓаат четири семејства од селото.

Според зборовите на извршниот директор на Меѓаши, Драги Змијанац, Прифатилиштето за деца во кризна состојба било предвидено да започне со работа во текот на минатата година, со 24-часовна покриеност од професионално вработени психолог, педагог и социјален работник и со СОС-линија, но воената криза наложила отворање на вратата на Прифатилиштето за неколку семејства од Арачиново, времено раселени од своите домови.
“Никаде не е како дома, но овде, во Меѓаши, има добри услови за живот. По започнувањето на кризата во Арачиново и по првите раселувања упативме известување во медиумите дека имаме можност да згрижиме некоку семејства. Така, во Прифатилиштето за деца во кризна состојба сега имаме 15 лица, 7 деца и 8 возрасни, односно 4 фамилии. На располагање имаат занимална, пералница, кујна, трпезарија, купатило, сите се во одделни соби. Повремено организираме заеднички посети на кино, театри, заеднички славевме Нова година, Божиќ, па сега, здравје, ќе го славиме и Велигден”, ни појасни Змијанац.

Децата се на возраст од неколку месеци до десетина години. Нивните мајки се невработени. Главите на фамилиите, татковците, на тој план се снаоѓаат некако.

Валентина Стојановска е мајка на две деца. Во Меѓаши, со сопругот и со децата, е од 18 јуни - “Покривот на куќата ни е целосно разурнат, како и вториот кат. Погодени се со тенковска граната. Односно, куќата ни е целосно уништена. По релативното смирување на ситуацијата, мојот сопруг, а во неколку наврати и јас, го посетивме нашиот имот во Арачиново. Куќата ни изгледаше тажно. Засега не размислуваме да се вратиме таму. Се плашиме да го сториме тоа, се плашиме од експлозивните средства што мислиме дека сè уште ги има таму, се плашиме од нашите довчерашни соседи, со кои добро се согласувавме до пред почетокот на кризата. Сега како сè да се измени. Спас гледаме во државата, да ни најде пристојно привремено живеалиште, зашто ние не сме виновни за нашето раселување. Овде е навистина добро и изразуваме голема благодарност до Меѓаши, но колку долго може да живее едно четворочлено семејство во една соба?”

Другите три семејства се наоѓаат во Меѓаши од 15 јуни.

И Сузана Јовановиќ е тука со својот сопруг и со своите две ќеркички. Едната од нив се родила пред седум месеци, на 1 август.

- “Досега ја немам посетено нашата куќа во Арачиново... Или барем тоа што останало од неа. Се плашам да го сторам тоа. Мажот ми го стори тоа неколку пати и така знам дека од куќата нема ништо. Не се враќам таму, опасно е, нека ми остане само во сеќавањето. Еден ден ќе и раскажувам на ќеркичката за нејзиниот дом. Благодариме што Меѓаши несебично ни помогна и ни помага”, ни рече Сузана.

Билјана Јовановиќ ја споделува судбината со своите сограѓанки. И таа е тука со својот сопруг и со најмалото дете во Прифатилиштето – Александар. Како што го гордо ни кажа, Александар се родил на 25 јуни, на денот на ослободувањето на Арачиново. А, од куќата скоро не останало ништо. Ни семејството на Билјана засега не размислува за враќање во Арачиново.

Четвртото семејство, Ѓорѓевиќ, нема големи оштетувања на куќата. Но и тие се плашат да се вратат таму, заради чувството на несигурност.

“Треба многу да се работи на враќање на соживотот во Арачиново. Засега е многу тешко да се зборува за тоа. Веќе не можам да верувам во никого. Тука сум со мојот сопруг и со двете ќеркички, едната од две, а другата од седум години”, ни рече Елизабета Ѓорѓевиќ.

Редовната исхрана на овие семејства ја обезбедува Меѓаши. Повремено доаѓа хуманитарна помош за нив и од други организации, но, како што самите кажуваат, полека како сите да почнуваат да ги забораваат.

Даниел Медароски. МЦМС

 
Назад кон Главната страница