Novosti
Humanitarni Informacii
Pomosh
Pozadina na situacijata
Organizacii
Linkovi
Makedonski Centar za Megjunarodna Sorabotka
Action by Churches Together
  Стории и извештаи


Децата им се вратија на училишните клупи

Матејче, 6 ноември


Училишниот ѕвон одамна во повеќето училишта низ земјава ги привикна учениците да се вратат на нивните клупи. Во некои почна со задоцнување од еден месец, во некои за два, а во некои се уште не е започната. Причините се многубројни. Во регионите од кризните подрачја некои училишта, а ги има доста, помалку или повеќе се оштетени, па затоа нема услови за спроведување на наставата. Во некои недостасуваат учениците, бидејќи се уште не се вратени во нивните домови.

Македонскиот центар за меѓународна соработка во програмата за враќање на раселените лица, освен што е вклучен во поправка на куќите, исто така работи и на рехабилитација на објектите од инфраструктурата, како амбуланти и училишта, со што би се поттикнал процесот на враќање на раселените лица во своите домови. Во моментот МЦМС работи на поправка на 172 куќи од прва категорија во село Матејче, кумановско, и на рехабилитација на локалното училиште.

На нашиот пат до Матејче веќе можеше да се забележи дека полициските и армиските пунктови се поместени, со што луѓето можеа да се движат послободно. Беше видно дека бројот на раселените лица кои се враќаат во нивните домови во селата Лопате и Опае е зголемен. Во Опае веќе неколку дена патролираат мешаните полициски патроли, со што треба да се врати довербата во безбедносните сили. Поминувајќи низ селата, можеше да се забележат бројни автомобили на странски агенции кои работат на теренот, било организации кои вршат поправка на оштетените куќи, екипи за деминирање или дистрибуција на помош.

Селото Матејче го посетувам за прв пат. Секаде се забележуваат траги од воените дејствија. Речиси во секоја куќа може да се види како луѓето работат напорно на поправки на нивните домови, бидејќи зимата веќе почна да се приближува. Во центарот на селото се паркирани неколку камиони, тие на МЦМС и Цхилдрен’с аид дирецт, кои се двете агенции кои работат на реконструкција на куќите во селото. Жителите доаѓаат и според тоа што им следува, ја земаат помошта.

Тргнав кон училиштето за да разговарам со директорот. Во дворот на училиштето беа собрани околу стотина ученици, кои распоредени според класовите чекаа да им се соопшти нешто. Присутни беа и експерти за деминирање. Од еден учител од училиштето разбрав дека вчера симболично почна новата учебна година и дека децата денес треба да влезат во училниците. По прв пат после два месеци. Додека разговаравме на децата им се обрати експертот од екипата за деминирање, кој на учениците им зборуваше како да внимаваат на непознати предмети и опасноста од мини. По неколку минути директорот на училиштето им дозволи тие да влезат во училниците.

МЦМС во Матејче, заедно со Кооперационе италијана, треба да ја врши поправката на училиштето. Во текот на викендот беа рехабилитирани шест училници за да може да почне наставата. Самите жители ги исчистиле училниците, а МЦМС (со средства од УНХЦР), преку локален изведувач изврши замена на стаклата во тие училници.
“Не знаете колкав притисок имав од родителите. Постојано прашуваа кога ќе почне наставата”, ми кажа директорот на училиштето, Сами Шаќири. “Ова значи многу за нас. Децата цел ден седеа надвор, така имаше поголема опасност дека може да им се случи нешто. Но, и учениците не можеа да дочекат да се вратат во нивните клупи и да научат нешто. Така и помалку ќе мислат на тоа што се случило”.

Во основното училиште “Култура” учат околу 940 ученици, сите етнички Албанци. Наставата се одвива во три смени, додека не се комплетираат другите училници. За десет дена треба да почне да функционира и градинката, каде во дневен престој ќе бидат опфатени 140 деца. Пред конфликтот, во минатата учебна година, наставата ја следеле и 12 ученици, етнички Македонци. Но, сега тие се уште не се вратени во нивните домови.

“Некои странски организации веќе подготвија список на потреби од училишни материјали, но се уште не ни се испратени, така што учениците немаат од што да учат. Исто така поради немање на електрична енергија наставата мора да заврши порано. Освен тоа да не заборавиме дека зимата веќе ни пристигна а немаме обебзедено ни дрва за огрев”, додаде директорот Шаќири.

Се поздравив со директорот и му посакав успешна учебна година, иако во вакви тешки услови. Се надаваме дека некоја организација набргу ќе им излезае во пресрет и на учениците да им подарат книги. И тие знаат кога биле во училишните клупи, како им било на тие што немале книги а имале желба да стекнат нови знаења.
Ноќта падна врз Матејче, а поради немање на електрична енергија, селото изгледаше како да си среде гробишта. Вака е веќе пет месеци. Оваа глетка можеби набргу ќе се смени, а живоста во селото ќе се врати.

Грамоз Шабани. МЦМС

Една од поправените училници
Наставниците ги земаат дневниците
По првпат во училницата
Учениците се информираат за опасностите од мини
Учениците влагуваат во училиштето
(држи го курсорот над фотографиите за подетален опис)

Назад кон Главната страница