Novosti
Humanitarni Informacii
Pomosh
Pozadina na situacijata
Organizacii
Linkovi
Makedonski Centar za Megjunarodna Sorabotka
Action by Churches Together
  Стории и извештаи

Договорот го спаси селото


Скопје, 17ти октомври


Кризата, таа воената, како да помина, но сега жителите од кризните региони се опфатени со други проблеми. Повеќето од нив останале без работа, некои од нив не можеле да ја обработат земјата, а другите се уште не можат да се вратат во нивните домови. Но, и тие кои се враќаат немаат доволно услови за живеење, ќе треба да причекаат да им се поправат штетите на куќите од воените дејствија.

Македонскиот центар за меѓународна соработка за време на кризата се грижеше да достави хуманитарна помош во храна во регионите со ограничена пристап. А сега, по кризата, се нафати со поправка на оштетените објекти. Една екипа на МЦМС беше во идентификација на оштетените куќи кои треба да се поправат во тетовскиот регион, во селата Нераште, Глоѓи, Беловиште, Рогачево и Слатино. Бевме и во посета на селото Одри, каде жителите доставиле барање за завршување на водоводниот систем во селото.

Одри е село од општина Теарце со 350 куќи, каде живеат околу две илјади жители, етнички Албанци и Македонци. Селаните живеат од земјоделието, но повеќето се печалбари распрскани во европските земји, додека повеќето етнички Македонци работат и живеат во Америка.

“Во селото никогаш не сме имале меѓуетнички проблеми. Не знам ни кој го почна ова. За сите нас беше многу тешко за време на воените дејствија. Особено ни беше тешко да се снабдеме со храна”, ни раскажуваше чичко Азиз.

Тој ни кажа дека во селото немало скоро воопшто борби. Тие се договориле со селаните Македонци дека нема да се приклучат во воените дејствија.

“Кој знае што ќе станеше со селото, но се добро заврши. Како и тие, и ние нема каде да одиме на друго место”, рече со мала насмевка чичко Азиз.

Колегата Александар со претставниците на месната заедница од селото разговараше за потребите за довршување на водоводниот систем во селото. Отидовме на четири киломтери од селото да го видиме и резервоарот. Монументален објект што селаните со свој придонес го изградиле, но потребно е да се заврши.

Тргнавме кон Нераште да ги видиме оштетените куќи кои треба да се поправат. Големо село со околу 700 куќи и пет илјади жители. За време на кризата тука биле засолнети околу две илјади раселени лица од Радуша, Орашје, Дворце, Нерште и Лавце. Како што ни рекоа селаните, тие три куќи кои биле оштетени селаните сами ги поправиле. Едниствено не замолија да го погледнеме училиштето. Навистина зградата беше многу стара, но со некои средства од училиштето успеале да поправата нешто, единствено салата за физичко воспитување беше со пробиен плафон (таван) и искршени прозорци. Ние им посочивме некои странски агенции кои работат во полето на образованието, па тие можеби ќе им излезат во пресрет.
Откако се поздравивме, заминавме за Беловиште и Рогачево, кои спаѓаат во општина Вратница. Во овие две села не се воделе борби, но биле испукани неколку гранати од страна на припадниците на ОНА, па биле оштетени неколку куќи. Во Беловиште од петте оштетени куќи, останала само една врз која треба да се интервенира, додека другите, селаните сами ги поправиле. Во Рогачево една од трите куќи беше повеќе оштетена.

“За среќа синот што беше во куќата. Наеднаш се слушна голема врева. Сите прозори се искршија од детонацијата. Мајка ми беше повредена во грбот. Ете, уште ден денес не може да се движи слободно”, ни рече Живко, кој работеше во Јегуновце.

Ќерамидите од едната страна на покривот скоро недостасуваат, исто како и прозорците на двете куќи во близина. Тој ни ги покажуваше направените штети од гранатата. Ни рече дали би можело да се надомести и велосипедот на синот кој беше исто така преполовен. Ние му кажавме дека проценката што ќе се врши опфаќа само градежни објекти, а не и покуќнина.

“Добро, само прашав, ако може некако да се надомести. Ете, јас колку години бев во комисијата за доделување станови, на сите им давав, а на себе си не!”, рече со воздишка Живко.

На крај се задржавме во Слатино, каде МЦМС ќе врши поправки на оштетеното училиште. Освен некои пукнатини на фасадата и искршените прозорци, училиштето во целост беше во одлична состојба.

Отткако поминавме низ сите овие села, општо речено, луѓето како веќе започнале да живеат нормално. Можеби се уште постои некоја резерва кај луѓето, но тие сфаќаат дека заедничкиот живот во овие подрачја е неминовен.

Rezervoarot za voda na 4 km od seloto
Selanite od Odri razgovaraat so pretstavnikot na MCMS za problemite so vodata
Unishteniot krov na ednata od kukjite
(држи го курсорот над фотографиите за подетален опис)

Back to Main Menu