Novosti
Humanitarni Informacii
Pomosh
Pozadina na situacijata
Organizacii
Linkovi
Makedonski Centar za Megjunarodna Sorabotka
Action by Churches Together
  Стории и извештаи

“Главно е дека немаше жртви, штетата може да се надомести”

24ти септември 2001

Македонскиот центар за меѓународна соработка (МЦМС) започна со реконструкција на домови во с. Лолате на 20 септември 2001 година. Овој настан го означува почетокот на реконструкцијата во Македонија. Грамоз Шабани пишува за своите впечатоци.

Селото Лопате е првото од селата на патот Куманово – Липково. Во текот на судирите во селото се наоѓаа македонските безбедносни сили. Селото беше напуштено од локалните жители и етнички Албанци и етнички Македонци. Се сеќавам, кога прв пат, во јули годинава, на патот за Липково, поминав покрај Лопате. Тогаш не можеше да се види ниту еден жител. Сега повеќето од околу 2.500 жители се вратени и се обидуваат да ги обноват своите животи. Тогаш училиштето беше празно, а денес се гледаше радоста на многубројните деца од селото.

Нашиот мал конвој се состои од два камиона со разновиден градежен материјал и нашите гости новинари, кои не следат чекор по чекор во нашите активности.
Можеше да се забележи дека во селото немало големи борби, во што и нашиот тим за проценки се увери во тоа пред две недели, кога дојде во селото за да види што е тука уништено. Во селото се оштетени околу 20 куќи од вкупно 300 куќи во селото.
Отткако влеговме во главната селска улица, се распрашавме каде можеме да го најдеме Бејтула, контакт личност одреден од месната заедница. Само што еден селанец ни покажа, веднаш до нас се паркира Бејто (така скратено го викаа), се поздравивме и решивме во кои куќи ќе отидеме прво.

Веста дека сме стигнати, се прошири многу брзо. Така што нашите домаќини, но и тие кои се надеваа дека ќе им се помогне, веќе не чекаа во нивните домови. Прво стигнавме кај куќата на чичко Радомир. Разбра дека сме дојдени за да ги донесеме потребните материјали за поправки на нивните куќи. Во дворот се собраа доста селани, кои со колегата Александар ги потпишуваа договорите за поправка на нивните домови, а некои други се распрашуваа кога ќе им дојде ним редот. Како што можевме да забележиме, куќата на чичко Радомир беше погодена од куршуми. На предната и задната страна, фасадата пукнала на неколку места, а прозорците скоро секаде беа искршени.

“Помошта е добродојдена”, рече чичко Радомир, “но јас како пензионер немам толку пари да ги платам мајсторите за работата што треба да ја направат”. Тој, заедно со сопругата, за време на воените дејствија биле во Куманово. Но, пред неколку недели, се вратиле во Лопате, бидејќи, како што рече тој, се чуствувале безбедни. Тој, цело време му надофрлаше по некоја шега на Бејто. Можев да забележам дека луѓето, без разлика дали се Македонци или Албанци, тука си живееле сложно и без кавги.
Додека тие си муабетеа во дворот, јас и Верица, колешката од “Капитал”, отидовме во другите куќи да разговараме со селаните, за да видеме како живеат во овие посмирени денови, и какви се оштетувањата од нивните куќи. До куќата на чичко Радомир се наоѓаше таа на дедо Жика. Во неговиот двор, заедно со неговите соселани Албанци копаа бунар, бидејќи селото немаше водовод.Тој веднаш не повика дома за да видеме како ја спасил неговата куќа да не изгори.

“Кога сето ова почна на почетокот на мај, дома бевме шест души, се криевме кај ќе стигневме. Куршуми летаа на сите страни. Не знам што не погоди, но веднаш почна да гори каучот горе во собата. Ако не бевме дома можеби ќе изгореше целата. Потоа три месеци бевме сместени во Куаманово”, ни раскажува дедо Жика, и симнувајќи се долу во приземјето, ни го покажа местото каде се криел од куршумите и како успеал да се спаси да не го погодат плочите на купатилото.

“Сега состојбата е мирна. Заедно си се помагаме едни со други, со нашите Албанци”, додава тој и се враќа на работата околу копањето на бунарот, без да му пречат неговите години.

Некаде кон крајот на селото е куќата на Новица Мариновски, кој како работник во фабриката 11 Октомври во Куманово едвам излегува на крај со платата, бидејќи има две деца во училиште, а оваа година нивата останала необработена. Како и сите во селото и тој со семејството засолниште за време на кризата нашол во Куманово, но повремено доаѓал да ја посетува.

Кога излегувавме од кај Новица веќе од камионите почнаа да го истовараат материјалот, некои од тие што требаа да земат помош беа дојдени со коли или трактори. Им помагаа сите, и деца и жени. Додека го следев ова, од некаде слушнав еден длабок машки глас, можев да претпоставам дека веќе беше во години. Се свртев и видов еден стар човек како даваше изјава за телевизијата. Додека зборува за ситуацијата, ми оставија впечаток неговите зборови “главно е дека немаше жртви во селото. Штетата може да се надокнади, ако не денес, утре”.

Изгубен некаде во мисли, си реков дека овие луѓе тука можат да бидат пример на соживот во земјата, слушнав како ме викна колегата Александар, да сликам двајца млади како носат еден прозорец до едно возило. Потоа разбрав дека тоа беа Ирфан и Зоран. До мене седеше Ружди, кој потоа ми кажа дека кога војната почна на трети мај, тој ден имало големи гранатирања, Зоран го повикал во неговиот подрум за да се сокријат заедно.

“Не можам да го опишам тоа чуство, кога ме повика комшијата”, рече со воздишка Ружди. И тој заедно со семејството, како повеќето Албанци се сместил кај роднини во Косово.

Истоварот помалку привршуваше, а ние си седнавме повторно во дворот на чичко Радомир. Неговата сопруга не послужи со кафе и свежа вода од нивниот бунар. Забележав и тука, како и секаде по селото, дека во дворот повеќето имаат грозје и јаболка. Со нас седна и Бејтула и дедо Стојан, кој беше многу хумористичен. Бејтула почна да ни раскажува за неговата работа и штетите што ги претрпел од војната. Тој е еден од шесте браќа, сите со високо образование. Тој има фирма со млечни производи која се вика “Лопате комерц”.

“Пред војната собирав млеко од сите овие села во липковскиот крај, од Матејче, Ропајце, Умин Дол, Љубодраг и од Лопате. Јас соработувам со Битолска млекара. Животот тука почнува полека да се нормализира. Населението почна да се враќа. Јас три месеци бев кај сестра ми во Скопје. Имав доста среќа што мојата куќа се спаси. Во близина се куќите на моите три браќа , тие се доста оштетени, но мојата нималку. Тука доста сложно сме си живееле, не сме имале ниеден проблем со Македонците”.

“Браво бе Бејто, така е. Јас порано сечев дрва во планината, сега не би се осмелил да отидам таму, но можеби кога ќе се смири сето ова ќе отидам пак”, се надоврза дедо Стојан, кој испи две три жолти, па малку го развеселија, но неговите мисли беа бистри. “Пишувај девојче, како ќе ви рече Бејто така е. Ми даваш ли рака дека ќе се почитуваме”. Се приближи до Бејто и си дадоа рака еден на друг.

Малку одалечена од нас стоеше една жена, која беше сосетка на чичко Радомир.

“Добар ден”, и реков јас.

“Добар ден момче”, ми возврати тетка Снежана.

“Како се живее”.

“Па да кажеме добро и кога не е. Сопругот зема четири илјади денари плата, работи како лимар, а имаме две деца. Веќе две недели сме во селото. Едното девојче остана во Долно Коњаре, бидејќи учи во средно, а автобусот не оди во Куманово, додека другото учи тука во Лопате. Треба за нив да се купат облека, ташни и книги. Немаме ни струјата да ја платиме. Што да правиме, ако сакат нека дојдат нека ја исклучат”, со тивок глас и замислена ми раскажуваше.

Истоварот заврши, а ние со нашиот водич Бејто заминавме да ги посетиме куќите на неговите браќа. Патем ја видовме и куќата на чичкото на Ирфан, каде граната паднала на кровот и целата ја уништила.

“И мојата е доста оштетена, ќе дојде ли комисијата да ја види и мојата”, ме праша дедо Неџат, мислеше дека сме дојдени да вршиме проценка. Тој за среќа не бил тој ден дома кога гранатата ја погодила куќата. Има шест хектари земја и ја обработува.

Се качивме во возилата и продолживме до куќата на Бејто, каде во еден голем двор се наоѓаа уште трите куќи на неговите браќа. Можевме веднаша да ја препознаеме таа на Бејто. Во дворот децата си играа со радост, како да заборавиле на тоа што се случило пред некој месец. Куќите на неговите браќа беа доста оштетени. Од највисокиот спрат можеше да се види Липковскиот крај, со зелени полиња и по некој чад. Десно се наоѓаа селата Оризаре и Слупчане. Липково бидејќи се наоѓа како во кањон не може да се види, и лево се селата Отља и Матејче.

Бејтула не покани на кафе во неговата куќа. Беше многу добро уредена. Тој почна да ни раскажува за неговата работа, како стигнал до сето ова “богатство”. Ни раскажуваше како во селото нема ни водовод, ни канализација, ни асфалтирани патишта. Повеќето од селаните се бават со земјоделие. Во Лопате има 48 високо образовани, а само 4-5 од нив се вработени во државни институции. Сите други се невработени.

“Ајде Александар, еве ние тука во селото да се организираме, па да ви пратиме еден проект за водовод”, рече Бејто, на начин како да созема сили и верување дека може да го направи.

“Токму тоа го очекуваме од вас, да се само-организирате и договорите, да покренете иницијатива и со ваше активно учество да покажете дека токму тоа ви треба, а ние сме тука да помогнеме”, му одговори Александар.

Се поздравивме со Бејто, бидејќи веќе бевме изморени од сонцето и требаше да си заминеме. Тој ни се извини неколку пати бидејќи не можел да ни подготви ручек. Со насмевка во лицето ни заблагодари уште еднаш, за помошта што ја донесовме во селото. И се надеваше дека повторно ќе ги посетиме. А ние среќни за успешно завршената работа се вративме во Скопје.


Жителите на Лопате истовараат Корисниците ја земаат помошта за поправка на нивните куќи Селаните ја проверуваат добиената помош На кафе кај Бејто
Ирфан и Зоран си помагаат
Една од оштетените куќи на браќата на Бејтула
Прозорецот ќе му се погоди некому
Една од оштетените куќи
(држи го курсорот над фотографиите за подетален опис)

Back to Main Menu