Novosti
Humanitarni Informacii
Pomosh
Pozadina na situacijata
Organizacii
Linkovi
Makedonski Centar za Megjunarodna Sorabotka
Action by Churches Together
  Стории и извештаи

Дали војната во Липково заврши?

На 24.08.2001 година три локални НВО, Натира, Класје на добрината и Јета, организираа хуманитарен конвој за општината Липково. Ова беше прв конвој од почетокот на распоредувањето на НАТО трупите од операцијата Неопходна жетва. Јас, како претставник на МЦМС (организација која учествуваше во помошта во претходните три конвои), се придружив на конвојот некаде пред влезот на селото Арачиново, село каде што во јуни имаше жестоки борби помеѓу безбедносните сили и екстремистите. Ова за мене беше прва посета на кризниот регион по еден многу долг период, така што со нетрпение очекував да видам на каква состојба ќе наидам.

Некаде околу 11 часот ги пречекав луѓето со кои требаше да се сретнам. Бајрам Сулејмани, претседателот на “Натира”, го предводеше конвојот кој стигна од Куманово. Откако се поздравивме и се собравме сите, се упативме кон првиот полициски пункт на влезот на селото Арачиново. Таму Бајрам ме извести дека јас ќе го водам конвојот и дека јас ќе бидам одговорен. Бев малку изненаден, но не ми претставуваше голем проблем. Откако се поздравивме со надлежните луѓе во пунктот и по неколку јавувања на мобилни телефони, конвојот беше пропуштен со тоа што две возила се вратија, бидејќи претходно не беа вклучени во спецификацијата.

Тргнавме кон Арачиново и на самиот влез можеше да се забележат трагите од (ако можеме да ја наречеме) војната: многу разрушени куќи, скршени бандери за електрична енергија и за телефонија. За момент во главата ми се вратија сликите коишто ги имав видено во Косово, веднаш по завршувањето на бегалската криза во 1999 година. Не ми се веруваше, но тоа беше реалноста, само се надевав дека во следните села нема толкави разурнувања.

За неколку минути го поминавме селото и стигнавме до вториот полициски пункт, каде што многу брзо н&еацуте; пропуштија понатаму. Тргнавме кон другите села каде што веќе немаше полиција, контролата ја преземаше војската. Не ми се веруваше дека толку лесно ги поминавме првите два контролни пункта.

Се упативме кон селото Никуштак каде што на неколку стотини метри пред селото е позиционирана војската на РМ. Конвојот беше запрен, во еден момент само видов како од под сенките истрчуваат неколку војници со автоматски пушки во рацете и излегуваат пред конвојот, а малку подалеку, многу смирено и полека се наближуваше еден старешина со чин капетан. Кога се доближија до првото возило (каде што бев јас), излегов од возилото и се поздравив со старешината. Ме праша дали сум јас Фатмир и дека веќе знае дека јас сум водач на конвојот. По ова почна детална контрола на сите луѓе и камиони со нивните продукти, при што беше утврдено дека седум лица и едно возило не се внесени во спецификацијата испратена до Центарот за раководење со кризата. Бев запрашан зошто има вакви случаи и што да се направи со нив, а јас одговорив дека тоа е нивна одговорност и дека тие треба да одлучат. На крај одлуката беше тие што не се на спецификацијата да се вратат, а конвојот да продолжи кон Никуштак, првото село од општината Липково, контролирано од екстремистите. Во целиот пат до тука бев позитивно изненаден од професионализмот и доброто однесување на полицајците и војниците на контролните пунктови на македонските безбедносни сили.

Стигнуваме во влезот на селото Никуштак, а од далеку се гледаат три возила. Две од нив се возила на НАТО, а едно возило (мерцедес, без регистрации) имаше ознака “ПУ” (скратеница за воена полиција на албански јазик). Откако не; видоа дека доаѓаме, еден човек во сива униформа со радио уред на себе ни пријде, не поздрави и не праша дали сме конвојот којшто треба да се упати кон општина Липково. По позитивниот одговор, тој ни нареди да го следиме неговото возило и да не отстапуваме од патот во ниеден момент.

Влегуваме во самото село, последиците од неколкумесечните борби се очигледни: разрушени куќи, запалени објекти, гранатирана џамија. Тоа беше сликата којашто ја видов на влезот, а само неколку метри подлабоко во внатрешноста на селото здогледав поголема група униформирани луѓе. Се распрашав што се случува и дознав дека сме пред штабот на ОНА, каде што течеа подготовките за претстојното разоружување. Тие се состоеја во евидентирање и издавање потврди на лицата кои се демобилизираат, како и предавање на униформите и оружјето. Сите војници коишто излегуваа од една голема куќа беа во цивилно одело, што мене ми даваше слика дека тие го предаваа и оружјето и униформата. За тоа дека се предава оружјето, видовме едно возило тип Волкскваген без регистрација, којшто во внатрешноста беше полна со автоматски пушки, сигурно околу стотина парчиња оружје. Обемот и масовноста на подготовките, за мене, се знак дека по операцијата за разоружување и демобилизирање на ОНА, можеби навистина ќе имаме мир во овие краеви, па и во целата држава.

Продолживме кон следните села, Виштица, Матејче и Отља, последното село пред крајната дестинација. Истата слика насекаде. Само имињата на селата се различни. Конечно, околу 14:00 часот пристигнуваме во општина Липково. На сретселото се гледа голема маса од луѓе. Деца, млади, стари луѓе, како и голем број припадници на ОНА, собрани на исто место. Се прашував “што се случува сега”? Од некои луѓе од масата разбрав дека има манифестација по повод годишницата од смртта на еден од командантите на ОВК, по потекло од кумановско.

Во зградата на општината се среќаваме со претседателот на цивилната заштита. Кога му кажавме дека носиме околу 13 тона брашно, видно разочаран не праша “Што можам да правам со 13 тона брашно, кога имам над 15 илјади гладни луѓе”? Се мислев “…помалку од килограм брашно по човек…”, но мислите ми ги прекина претседателот, кој сепак ми се заблагодари и рече дека подобро е вака, отколку да немаше помош воопшто.

По завршувањето на редовните процедури околу хуманитарната помош, почна растоварувањето на камионите. Имавме малку слободно време, додека да се истоварат камионите, па се упативме и ние да ја следиме манифестацијата.

А таму, по којзнае колку време, се чуствуваа моменти на радост. Од сите страни на селото луѓето се собираа сретсело и ги поздравуваа говорниците, главно командантите на ОНА. Особено гласно беше кога на присутните им се обрати Али Ахмети, политичкиот лидер на ОНА. Тој беше дојден тука, по повод договорот за разоружување на припадниците на ОНА, а истовремено и за да учествува на манифестацијата.

Луѓето коментираа како се гледа крајот на војната. Неколку млади лица јас ги запрашав како гледаат на целата ситуација и што сега по разоружувањето. Видно среќни, ми одговорија во ист глас: "се надеваме дека оваа луда војна заврши, изморени сме, едноставно сме изнемоштени, сега ни преостанува само да се обидеме да се вратиме во нормалниот живот". Некои постари велеа "среќни сме што тие горе успеаја да направат договор, се надеваме дека докрај ќе се придржуваат на него и дека конечно ќе заврши лудоријава", како што тие ја нарекоа оваа војна. Сите коментари на малкуте луѓе што ги сретнав и имав можност да разговараам беа дека "најтешкото помина, ужасот помина, сега да се обидеме, ако можеме, да се вратиме во живот". Кај сите нив постоеше видлива доза оптимизам за иднината.

Бевме договорени да тргнуваме во 16.30 часот за да ја фатиме истата смена на полицајците во контролните пунктови, но поради големата толпа, камионите остана блокирани во селото. По извесно време, конечно можевме да тргнеме, но сега настана збрка со нашите луѓе коишто уште ја следеа манифестацијата, па никако не можевме да се комплетираме.

Околу 17.15 часот конечно тргнавме и цело време не придружуваше едно возило на воената полиција на ОНА. Патот сега ни е познат и поради изгубеното време застанавме само во Отља, за да го сликаме собирниот пункт за оружјето, поставен од НАТО и во Матејче, каде што сликавме неколку разрушени објекти и еден уништен тенк на АРМ.

На излезот од с.Никуштак придружбата се поздрави со нас и до првиот контролен пункт на АРМ се упативме сами. Таму беше истата смена од претходниот пат. Се помина во најдобар ред и по неколку минути муабетење и контрола на возилата го напуштивме овој контролен пункт. На вториот пункт е извршена смена и до возилото ни пријде ново лице. Полицаецот ни нареди да излеземе надвор од возилата. Видно нервозен, бидејќи немал информација дека претходно сме влегле, бара да излеземе надвор. Започнува, на моменти груб, личен претрес. Но, и ова заврши брзо и по долгото патешествие, со залезот на сонцето, конвојот веќе влезе во Скопје.

Фатмир Битиќи
Скопје, 03.09.2001

Razurnata kukja vo Matejche
Deca se igraat vo Lipkovo
Dzhamija vo Matejche
(држи го курсорот над фотографиите за подетален опис)

Back to Main Menu