Novosti
Humanitarni Informacii
Pomosh
Pozadina na situacijata
Organizacii
Linkovi
Makedonski Centar za Megjunarodna Sorabotka
Action by Churches Together
  Стории и извештаи

Вода за Арачиновци
17 Септември 2001

Во почетокот на септември годинава, Македонскиот центар за меѓународна соработка во скопското село Арачиново постави пет пластични резервоари за итно водоснабдување на населението, со зафатнина од 20 метри кубни вода. Овие резерваори се поставени на разни локации во селото и се поврзани со систем од чешми, поставени на отворено, во непосредна близина на резервоарите. Еден од нив се наоѓа во делот од селото населен претежно со етнички Македонци. Уште еден резервоар со зафатнина од 20 метри кубни е предвидено да се постави во текот на месец септември.

Водата се обезбедува во соработка со владиното Координативно тело за справување со кризи, а транспортот на вода до резервоарите, со помош на цистерни, го врши ЈП Комунална хигиена од Скопје. Резервоарите, во зависност од интензитетот на потрошувачката на водата, редовно се дополнуваат.

"Не се случило до сега да нема вода на чешмиве", ни рече Руфкин, жител на Арачиново. Според него водоснабдувањето сега е значајно олеснето но, сепак тоа не е решението за селото. "На селото му е потребна струја за да можат да се вклучат хидрофорите, барем за почеток", ни се пожали Руфкин.

МЦМС стави приоритет на проектот за итно водоснадбување на околу 6000 жители од с. Арачиново кои се вратија во своите домови, по борбените дејствија што се одвиваа помеѓу безбедносните сили и екстремистите. Арачиновци во првите моменти од нивното враќање во своите домови се соочија со проблемот на недостиг на вода за пиење. Во селото нема водовод, односно во претходниот период жителите се снабдувале од сопствени бунари со хидрофорски постројки. Борбените дејствија целосно го уништија системот за електрично напојување (бандери и кабли), така што во овој момент во Арачиново нема струја. Заради тоа населенито не е во состојба да ги користи хидрофорите, а со тоа и индивидуалните бунарски води.

Сепак, решението на проблемот со водата веројатно ќе се бара многу пошироко, во приклучување на селото на градскиот водовод, така барем се надеваат жителите на Арачиново. "Еден член од семејството", вели Руфкин, "мора да биде постојано ангажиран со водата. Додека да однесе до дома мора пак да се врати. Сега е уште и добро затоа што има повеќе чешми и побрзо оди, но сепак тоа е голема мака на луѓето".

На еден од пунктовите го запознавме и Г'зим. Тој има само осум години и оди во трето одделение. Кога не е на училиште, тој е одговорен за водата. Г'зим турка количка во која се ставени повеќе пластични шишиња полни со вода. "Другите имаат друга работа околу куќата", ни рече тој кога го прашавме зошто некој друг не оди по вода. "Мојот брат ме заменува кога сум на училиште, а кога ќе се вратам јас носам вода. Многу ми е тешко", ни се пожали малиот ученик, "среќа што куќата не ни е далеку од чешмите."

Водата, од страна на МЦМС, е класифицирана како “технолошка вода”. Но, тоа е истата вода што ЈП Комунална хигиена цело време ја дистрибуирала до Арачиново и не ретко арачиновци оваа вода ја користат за пиење. Водата, всушност, е исправна и за пиење. "Немало до сега проблеми затоа што водата се користи и за пиење", ни рече Руфкин. "Ги гледаме огласите до чешмите дека не е за пиење, ама знаете, понекогаш едноставно замижувате на тоа." Надвор од оваа вода, неколку цистерни со вода за пиење постојано циркулираат низ улиците во селото.

МЦМС за проектот издвои средства во висина од 770.000,00 мкд.

Decata se najcesti posetiteli na rezervoarite
Maliot G'zim polni voda
MCMS gi obezbedi sredstvata od mrezata Akcija na crkvite zaedno
Milevka Stojanovska go cisti tepihot
(држи го курсорот над фотографиите за подетален опис)

Back to Main Menu