Novosti
Humanitarni Informacii
Pomosh
Pozadina na situacijata
Organizacii
Linkovi
Makedonski Centar za Megjunarodna Sorabotka
Action by Churches Together
  Стории и извештаи

Сега се мораме да започнеме од почеток

Скопје, 17 август 2001

"Значи го исполнивте ветувањето", не дочекува директорот на Јавната институција за згрижување на деца со воспитно-социјални проблеми "25-ти Мај", која од неодамна е дом за 87 внатрешно реселени лица, етнички Македонци, претежно од Тетово и тетовско. Исполнетото ветување се однесува на хуманитарната помош што МЦМС ја обезбеди за луѓето сместени во оваа институција.

"Вратите на нашата институција ги отворивме за овие несреќни луѓе на почетокот на овој месец", раскажува Ацо Смоковски, директорот на институцијата.

Летниот период им овозможи на луѓето од "25-ти Мај" речиси максимално да излезат во пресрет на потребите на внатрешно раселените лица. Во институцијата која редовно згрижува околу 60 деца на возраст од 7 до 18 години, сега се сместени само 26 деца. Останатите се на летување што им го организира "25-ти Мај", а дел се на одмор кај родителите или роднините.

"Очекуваме во текот на денот овде да се сместат уште девет лица", вели Смоковски застанувајќи само за момент да одговори на телефонот кој постојано ѕвони. "Нема проблем", му одговара на гласот од другата страна на жицата, "ќе ја сместиме". Ја спушта слушалката и ни објаснува дека побарале да ја сместат во институцијата и мајката на полицаецот што загина претходниот ден. "Се трудиме", вели тој, "на сите да им излеземе во пресрет. Такви се времињата."

Од доаѓањето на раселените лица во "25-ти Мај", МЦМС е втора организација која понудила и донела помош. Претходно добиле помош од Меѓународниот комитет на црвениот крст. Деновиве и организацијата КРИК најавила помош во храна (еден оброк неделно). "Знаете", вели Смоковски, "ми рекоа дека ќе донесат печиво за внатрешно раселените лица, еднаш неделно. Како да им објаснам на децата кои се редовно сместени во институцијата дека печивата не се за нив, туку за тие другите деца. Се надевам дека ќе најдеме разбирање".

Тргнавме да поразговараме и со некои од згрижените лица во оваа институција. Со претпазаливост. Луѓето не секогаш сакаат да говорат за својата мака.

Наидовме на неколку жени кои ги средуваа собите во кои се сместени, нивните нови домови, привремени. Сите љубезно не поканија да влеземе. Беа отворени за разговор, беа огорчени на се што се случува.

Милка Серафимовска од Теарце, нејзиниот сопруг и трите деца се тука од почетокот, односно од 1 август 2001 година. "Побегнавме од страв. Прво бевме во село Јанчиште, речиси две недели. Жената што не прими ни е сваќа. Тие беа навистина љубезни кон нас, ама не можевме подолго да останеме. Едвам врзуваат крај со крај и без нас, а помош од никаде. Затоа решивме да заминеме."

Милка, као и нејзините соселани побегнале од селото без ништо. Немале време да ги земат ни елементарните работи. "Едвам количката за детето", вели таа, "мојот тринаесет годишен син е инвалид, и не може да се движи без количката". Ќерката Јасмина има 14 години, "сега ќе оди во прва година средно", вели Милка, "само не знам каде ќе оди", се прашува таа и очите и се полнат со солзи.

Милка не можела да издржи и со еден од конвоите што ги организирала Владата на Македонија се вратила во селото за да ја види куќата. "Искршени прозорци, искршен мебел, телевизор, видео, се што сме спечалиле во животот. Сме позајмувале пари, сме плаќале на рати за да има за децата, тие да се радуваат. Сега, за еден ден, се отишло. Ми кажа девер ми дека ги видел кога влегувале во куќата, "три пати", вели, "три пати кај вас влегуваа, додека сe не испљачкаа".

"А, ни велеа, немојте да се селите, ние сме тука, ништо нема да ви се случи", се вклучува во разговорот една жена со судбина не многу поразлична од онаа на Милка и нејзиното семејство. "И ние им верувавме на нашите комшии Албанци, мислевме вистина се добро ќе биде".

Мира работела во медицинскиот центар во Тетово, нејзиниот сопруг работел во Јегуновце. "Се средивме, неможевме да се пожалиме. Сега", си рековме, "можеме да поуживаме малку во животот, да прошетаме, да не трчаме да печалиме."

Вооружени луѓе од тнр. ОНА ги нашле во бавчата и им рекле дека имаат пет минути да заминат. "Што можете од спечаленото да земете за пет минути", прашува Мира. Со другите селани се собрале пред кафеаната, се договориле да бегаат заедно, да се храбрат кога ги има повеќе. Бегале по нивите, по црната темница, се до патот Тетово-Скопје. Оттаму дошле пред Собранието во Скопје, а потоа биле сместени во "25-ти Мај".

"Тука ни е добро", вели таа, "не можеме да се пожалиме, но нашиот живот е таму, таму каде што е нашите огништа. Сега, се мора да започнеме од почеток", продолжува Мира, "како да не сме создавале порано. Ќе не погледне ли државата, ќе не прашаат ли како ни е, ќе ни се врати ли нормалниот живот…" прашањата се редат во недоглед.

Се поздравуваме и го напуштаме штотуку реновираниот објект во кој се сместени овие луѓе. Што ќе се случи со нив по две недели кога ќе започне новата учебна година,, кога целиот капацитет ќе биде потребен за сместување на децата што вообичаено се згрижени овде. Каде овие луѓе ќе ги склопуваат парченцата од мозаикот на нивните животи?

Од: Гонце Јаковлеска, МЦМС

Marijana, kjerkata na Mira vo nejziniot "nov dom" - soba vo kolektivniot centar vo Butel, Skopje


Back to Main Menu