English

 
 
 
 
 
 
 
 
 
  Апел за мир и хуманитарна помош

Водени од начелата и принципите на хуманоста кои претставуваат основа за заемно разбирање и заедничка акција, верувајќи во правото на пристап кон хуманитарна помош како основно човеково право, поттикнати од нашата заедничка загриженост за влошената социјална и хуманитарна состојба во земјата,

Ние, претставниците на невладините организации од Македонија, ја испраќаме следнава порака


ДА ГО ПОДДРЖИМЕ МИРОТ СО ХУМАНИТАРНА ПОМОШ

Хуманитарната состојба во Македонија се повеќе се влошува. Од одредени подрачја се зголемува бројот на раселени лица кои имаат потреба од засолниште и хуманитарна помош. Во дел од заедниците кои беа зафатени со судирите постои потреба од помош за рехабилитација, со што би се овозможил процесот на враќање на раселените лица. Понатаму расте бројот на заедниците кои поради судирите имаат ограничено движење и им е оневозможено снадбувањето. Во одредени заедници се јавуваат проблеми кои се хронични, но и ја влошуваат постоечката состојба бидејќи се поврзуваат со судирите. Низ целата земја се чувствуваат последиците на економската криза и зголемувањето на бројот на социјални случаи. Вака сложената хуманитарна состојба ја влошува актуелната политичка и безбедносна состојба во земјата.

Постои потреба од значителна и брза хуманитарна помош и покажување посебно внимание за потребите на населението.

Сметаме дека значителна и навремена хуманитарна помош ќе помогне во намалување на тензиите и во јакнење на определбата на населението во пронаоѓање мирни начини во разрешување на проблемите.

Одложувањето на позначителна хуманитарна помош од меѓународната заедница и поврзувањето на истата со политичкиот дијалог што се води во земјата, не придонесува кон заедничката цел - постигнување мир.

Напротив, со зголемување на страдањата на цивилното население, дополнително нараснуваат поделбите и тензиите и се влошува актуелната политичка и безбедносна состојба во земјата.

Се спротивставуваме на ограничувањето на пристапот кон основните потреби на населението и повикуваме на почитување на човековите права, вклучувајќи го и правото на хуманитарна помош, како основа на одржлив мир.

Повикуваме на неутралност и неопределување на хуманитарната помош според идентитетот на лицата и групите во потреба.

Потребна е приспособеност на помошта спрема културата и обичаите во земјата и минимален квалитет на хуманитарната помош, во согласност со меѓународните хуманитарни стандарди. Ја истакнуваме потребата за употреба на локалните знаења, капацитетите и добрата во хуманитарниот одговор на кризата.

Ние ја повикуваме меѓународната заедница, домашните власти и невладините организации да ги поддржат мирот, меѓу другото, и со јакнење на хуманитараната помош.

Nazad kon Pomosh