Novosti
Humanitarni Informacii
Pomosh
Pozadina na situacijata
Organizacii
Linkovi
Makedonski Centar za Megjunarodna Sorabotka
Action by Churches Together
  НАЦИОНАЛНА ХУМАНИТАРНА КООРДИНАЦИЈА

ЗАПИСНИК
од 3 координативен состанок

одржан на 26.07.2001 година во Скопје


Присутни

  • Државни институции:
    Боге Чадиноски - Министерство за труд и социјална политика; Флора Латифи - Кабинет на Претседателот на Републиката; Петар Димовски - Министерство за надворешни работи; Сашо Кузмановски- Министерство за одбрана; Сами Бислими – Министерство за економија

  • Агенции на ООН:
    Агостино Мулас - УНХЦР; Моник Торман – УНИЦЕФ; Кристина Профили, Амбросио Маненти- СЗО

  • Движење на Црвениот крст и полумесечина:
    Филип Гилард - МКЦР; Сузана Пауновска - Црвен крст на Македонија

  • Странски владини и меѓувладини институции:
    Кевин Карен- Амбасада на САД/ПРМ; Чарлс Сечел - УСАИД/ОФДА; Алдо Бионди - ЕЦХО; Александар Јовановиќ – Швајцарска амбасада; Стив Ансворт- ДФИД; ПРМ Канцеларија

  • Меѓународни НВО:
    Милка Кипровска - Засолниште сега интернационал; Ник Скот Флин - Спас за децата; Ане Бидју - Солидаритес; Роберто Бернардо – ОЏФАМ; Пол Хеберт- ОЦХА; Тимоти Пит - МСФ

  • Домашни НВО:
    Абдурауф Пруси - Ел Хилал; Сашо Клековски, Емина Нурединоска- МЦМС


    Отсутни

  • Државни институции:
    Координативно тело за справување со кризи; Министерство за транспорт и врски; Министерство за финансии; Министерство за здравство; Министерство за земјоделие , шумарство и водостопанство.

  • Агенции на ООН:
    СПХ; ФАО; УНДП

  • Странски владини и меѓувладини институции:
    СДР

Седницата ја свика и со неа претседаваше Боге Чадиновски, Раководител на одделение за бегалци, раселени лица и хуманитарна помош во Министерството за труд и социјална политика.

Записничар: Емина Нурединоска

На седницата е изменет и утврден следниот

ДНЕВЕН РЕД
Записник од вториот состанок на НХК

  1. Информативен дел - Извештаи од организациите
  2. Проблеми и прашања за разгледување и решавање


Вовед во врска со записникот од 2-от состанок на Националната хуманитарна координација поднесе Боге Чадиноски.

Записникот од 2 состанок е усвоен без забелешки.

Ад. 1.

Присутните претставници поднесоа кратки усни извештаи, како и писмени извештаи за својата работа.

Петар Димовски - Министерство за надворешни работи, информираше дека на 26.07.2001 одржан е состанок во Министерството за надворешни работи со странските невладини организации на кој се водело дискусија во врска со подобрување на условите за нивно делување. Тој истакна дека сите проблеми со кои се соочуваат при нивно делување на теренот треба да бидат доставувани до Секторот за мултилатерала при Министерството за надворешни работи.

Агостино Мулас, УНХЦР, истакна дека интерагенциските состаноци продолжуваат да се одржуваат како и секторските состаноци и има значаен прогрес во преземените активности. Постоечки сектори се: сектор за храна, сектор за логистика - СПХ; сектор за здравство - СЗО; сектор за засолништа – УНХЦР; сектор за локални услуги, сектор за образование и секторот за водоснабдување и санитација-УНИЦЕФ; сектор за земјоделие-ФАО. Дополнително ќе бидат доставени информации од сите секторски состаноци.

Амбросио Маненд, СЗО, истакна дека завршено е со идентификацијата за капацитетот на организациите кои делуваат во секторот за здравство во моментов, како и во случај на ескалирање на ситуацијата и сите информации се доставени до меѓународната заедница. Редовно доставуваат лекарства до медицинскиот центар во Тетово. Исто така во Скопје постојат три аптеки во кои ќе се добиваат бесплатни лекови за ВРЛ. Сите три аптеки се компјутеризирани од страна на СЗО.

Сузана Пауновска, Црвен крст на Македонија дополни дека трите аптеки во кои ќе можат внатрешно раселените лица да добиваат бесплатни лекови се: Поликлиниките во населба Ченто, Ѓорче Петров и Бит Пазар. Исто така бесплатни лекови раселените лица ќе може да се земаат и во Медицинскиот центар во Куманово.

Филип Гилард, МКЦК, информира дека се продолжува со дистрибуирање на хуманитарната помош и евакуирање на лицата кои се останати во кризните подрачја. Конвој со храна се обидува да влезе во селата кои се на патот помеѓу Тетово и Јажинце.

Абдурауф Пруси, Ел Хилал, информираше во врска со 2-та средба на НВО хуманитарната координација (домашните НВО) и ги изнесе заклучоците од средбата. На присутните им е поделен записник од средбата.

Моник Торман, УНИЦЕФ, истакна дека УНИЦЕФ обезбедува психосоцијална подршка на раселените деца во Скопје , Куманово и Тетово и во сите колективни центри каде се сместени ВРЛ. Во доменот на образованието остварена е соработка со Министерството за образование со што се прават напори за социјализација на хендикепираните деца. Исто така УНИЦЕФ преку своите партнери (Ел Хилал) дистрибуира и материјали за заштита од мини и учествува во опремувањето на пунктовите (аптеките) каде ВРЛ може да подигаат лекови, бесплатно.

Александар Јовановиќ, единица за хуманитарна помош при Швајцарската амбасада, најави дека е во подготовка проектот готовина за засолниште (цасх фор схелтер) за помош на семејствата домаќини на внатрешно раселените лица.

Ад. 2

Последователни активности по прашања и проблеми од претходен состанок

Флора Латифи, Кабинет на Претседателот, рече дека во изминатата недела преземени се активности по две точки од претходниот состанок:

  • со Министерството за економија е расправано за прашањето на ДДВ и данокот на трансакции за домашните невладини организации;
  • со Координативното тело за справување со кризата е расправано во врска со олеснување на процедурата за пристап во конфликтните региони.

Агостино Мулас, УНХЦР, уште еднаш ја нагласи потребата од учество на претставници на Владата и соодветните министерства на интерагенциските и секторските состаноци. НХК ќе го следи ова прашање и ќе побара од надлежните министри одредување на одговорни лица за координација.

Сами Бесими, Министерство за економија
, истакна дека проблемот со ДДВ за домашните НВО при набавка во земјата е во надлежност на Министертвото за финансии. Тој укажа дека тоа е сериозно прашање кое оди на штета на директните корисници (ВРЛ) на кои помошта се скратува за 20%. Сето ова е на штета на Македонското стопанство бидејќи домашните НВО се принудени да набавуваат стока од странство.

Сашо Клековски, МЦМС
, рече дека проблемите кои ги истакна претставникот на Министерството за економија треба да ги пренесе директно до Владата и Министерството за финансии. Според него, нашите производи се неконкурентни поради ДДВ и данокот на трансакции и дека тоа посебно ќе дојде до израз при реконструкција на објектите.

На наредниот состанок на НХК да се обезбеди присуство на претставник од Министерството за финансии кој би одговорил на сите прашања во врска со тоа.

Нови прашања и проблеми

Филип Гилард, МКЦК, го истакна проблемот со кој се соочуваат странските организации. Имено, деновиве каменувано е возило на МКЦК од страна на раселените лица. Доколку се случи сличен инцидент МКЦК ќе бидат принудени да ја напуштат државата. Поселедиците од тоа би биле несогледиви.

Петар Димовски, Министерство за надворешни работи побара од МКЦК во врска со инцидентот писмено да ги извести надлежните органи за да може да се преземаат соодветни мерки.

Сузана Пауновска, МЦК
, рече дека проблем со кој се соочува Движењето на црвениот крст е евакуацијата на лицата кои се останати во кризните подрачја.

Абдурауф Пруси, Ел Хилал
, истакна повеќе проблеми. Потребно е да се обезбеди финансиска помош на семејствата домаќини од страна на Владата. Потребно е да се обезбеди процедура за добивање на лична документација за раселените лица и тие навремено да бидат информирани за правата кои ги уживаат. Исто така укажа на фактот дека прехранбените и непрехранбените продукти кои ги доделуват странските организации треба да бидат социо-културно прифатливи за ВРЛ (сојата не се употребува во исхраната во населението во земјата) и со соодветен квалитет (помошта подржана од европски фондови, а увезена од соседна земја е со несоодветен квалитет).

Во Куманово изразено е незадоволство од работата на црвениот крст на Македонија. Побарано е претставникот на Црвениот крст да провери од кои причини е предизвикано ова незадоволство.

Моник Торман, УНИЦЕФ
, рече дека според направените проценки постои потреба заедно со МЦК да обезбедат психосоцијална подршка и во регионите кои не се достапни (кризните региони).

По расправата заклучени се следниве прашања и проблеми:

  1. Осуда на нападите врз меѓународните организации.
    Националната хуманитарна координација ги осудува нападите врз меѓународните и странските организации и повикува на мирно изразување на евентуалното незадоволство. НХК ќе побара од Владата јавно објаснување за целите, задачите и мисијата на меѓународните организации, посебно на Движењето на црвениот крст со што би се избегнале несакани последици.

  2. Бесплатни лекови за ВРЛ и посебен третман за хендикепираните раселени лица.
    Потребно е информациите во врска со можноста за бесплатно снабдување со лекови од страна на ВРЛ, да биде пласирана до јавноста преку медиумите за да се надминат сите недоразбирања во врска со тоа.

    МКЦК и МЦК да достават до НХК список каде се сместени хендикепираните деца и младинци по семејства и колективните домови за да се обезбеди посебен третман за нив.

  3. Оценка на можноста за настава во кризните подрачја.
    УНИЦЕФ во соработка со Министерството за образование ќе формираат подтело со кое ќе се координираат активностите и ќе се определи дали се задоволени стандардите за непречено започнување и одвивање на учебната година во кризните подрачја.

  4. Поголема опфатеност со психосоцијална поддршка.
    Освен психосоцијалната подршка за деца и жени која ја даваат УНИЦЕФ и некои домашни женски организации, потребно е активирање на сите капацитети (соодветни државни институции, други домашни и странски организации) за да се одговори адекватно на оваа потреба и да се опфата што е можно поголем број раселени лица.

  5. Соодветност на хуманитарната помош.
    Прехранбените и непрехранбените продукти, и останатата помош треба да бидат социо-културно прифатливи, односно прилагодени за ВРЛ, и со соодветен квалитет, кој ги задоволува минималните стандарди во Македонија.

Back to Aid