Novosti
Humanitarni Informacii
Pomosh
Pozadina na situacijata
Organizacii
Linkovi
Makedonski Centar za Megjunarodna Sorabotka
Action by Churches Together
  НАЦИОНАЛНА ХУМАНИТАРНА КООРДИНАЦИЈА

ЗАПИСНИК
од првиот координативен состанок

одржан на 11.07.2001 година во Скопје

Присутни

  • С. Смилева и Ф. Љатифи - Кабинет на претседател на РМ
  • Б. Чадиноски и Ристо Георгиев - Министерство за труд и социјална политика
  • Д. Кановски и А. Мулас - UNHCR
  • В. Дулатахи, Р. Смит и г-дин К. Карен - Американска амбасада
  • Д. Скориќ - WFP
  • Р. Шолартон - UNWEP
  • Гзиме Хасими и Имран Алиу - UNWFP
  • Хелен Летер Цколаѕ и Амброко Маненти - WHO
  • М Едмонт-УНИЦЕФ
  • А. Бионди-ECHO
  • Sue Mcintyre- УСАИД
  • Б. Истрефи-Швајцарска амбасада
  • Катерина и В. Лазари од CRIC
  • Д. Антиќ и Х. Крис-Mercy Corps
  • Ф. Пагани-IRC
  • Ф. Штам, Л. Абот и С. Филипе-ICRC
  • И. Нарашанов и Љ. Петков - Црвен крст на Македонија
  • С. Пауновска од IFRC/MCK
  • А. Пруси - Ел хилал
  • З. Абдиу - Класје на доверба
  • М. Рахмани - Месечина
  • А. Кржаловски и Е. Нурединоска-МЦМС


    ДНЕВЕН РЕД

  1. Односи со други координативни механизми (УНХЦР, Кординативно тело на Владата на РМ)
  2. Формирање координативно тело (членство, делокруг на работа, одговорности, механизам на работа)
  3. Распределба на активностите (пријавување и координација на хуманитарна помош; контакт-листа; собирање, подготовка и дистрибуција на информации)


Првиот состанок на Националната хуманитарна координација (НХК), формирана на иницијатива на Претседателот на Република Македонија г-дин Борис Трајковски, под раководство на Министерството за труд и социјална политика, го отвори Г-дин Боге Чадиноски раководител на одделение при Министерството за труд и социјална политика. Тој истакна дека целите на НХК е обезбедување на ефикасен механизам за координација на хуманитарните активности и обезбедување на соодветно информирање помеѓу организациите вклучени во хуманитарната помош со што би се избегнале загубите и дуплирањето на помошта.

Претставникот на Кабинетот на Претседателот на Република Македонија Г-ца Флора Љатифи, ја истакна неопходноста од ваква координација на сите релевантни актери, која се наметна како неминовност од ескалацијата на кризата во Македонија последните два месеци. Зголемениот број на внатрешно раселени лица и бегалци е факт кој треба да влијае на единството и соработката помеѓу сите заинтересирани организации и институции. Според Г-ца Љатифи, идејата на првиот координативен состанок на НХК е да се дефинираат основните задачи, делокругот, одговорностите, членството, работните механизми и координацијата со другите постоечки тела (во моментов тоа се координативните состаноци на УНХЦР и Владиното координативно тело за справување со кризата).

Заменик министерот за труд и социјална политика, Г-дин Ристо Георгиев, смета дека со НХК би се дефинирале надлежностите помеѓу актерите во хуманитарната помош. Со тоа би се избегнало дуплирање на помошта од една страна и би се опфатиле поголем број внатрешно раселени лица (ВРЛ) од друга страна. Исто така, би се избегнале несакани последици и револт кај внатрешно раселените лица.

Иницијативата за формирање на Национална хуманитарна координација беше поздравена од претставниците на ИЦРЦ, УНХЦР, ЊХО и Црвениот крст на Република Македонија.

Ад. 1

Александар Кржаловски од МЦМС, истакна дека НХК нема намера да ги замени постоечките координативни тела, туку да ги дополнува со што би се обезбедило соодветно покривање на потребите за меѓусебно информирање во функција на планирање и адекватно покривање на целните групи.

Во врска со ова прашање, дискутираа претставниците на ICRC, UNHCR, WHO и WFP кои го истакнаа својот придонес и активност кон ублажување на кризата, својата досегашна соработка со Министерството за труд и социјална политика и сите ја истакнаа потребата од поголема секторска соработка и проток на информации со Владините институции.

Беше изнесено мислење (WFP и УНИЦЕФ) дека не е потребен уште еден координативен механизам, туку да се поттикне учество на Владините претставници на постоечките состаноци (UNHCR и секторските). Според нив Владата на Република Македонија треба да назначи свои претставници според сектори (сектор за храна, здравство, образование, водоснабдување и санитација, прифатилишта и сл.) кои би зеле активно учество на редовните состаноци.

Наместо дополнителна координација, има очекувања (WFP) дека НХК треба да има повисока функција: да се покренуваат и дискутираат прашања релевантни за хуманитарниот одговор на кризата, за кои потоа треба да расправа и одлучува Владата на РМ; да се носат оперативни одлуки кои треба да бидат поддржани од Владата.
Претставникот на Министерството за труд и социјална политика, истакна дека намерата на ова тело е да помогне во поефикасната координација, а не да донесува политички одлуки.

Ад. 2.

Во однос на предложените функции на НХК немаше коментари.

Околу составот на Координативното тело на НХК, претставникот на ЊФП предложи да се намали бројот на членови. Тој истакна дека е веќе формиран Совет на меѓународни невладини организации, кои би предложиле еден претставник да присуствува на идните состаноци. Истото се предложи и за домашните невладини организации, кои би формирале слично тело и би делегирале свој претставник во ова тело. Со ова бројот на НХК значително ќе се намалил додека ефикасноста на работата би се зголемила.

Претставникот на МЦМС истакна дека постои вакво искуство (локална НВО координација) од косовската криза во 1999 и дека МЦМС може да го фацилитира нејзиниото повторно функционирање.

Ад. 3.


Расправата по оваа точка е одложена за следниот состанок, по формирањето, откако ќе се утврди составот на Националната хуманитарна координација.

Последователни активности

  1. Министерството за труд и социјална политика да изврши дополнителни консултации за составот на Координативното тело на НХК и да го закаже следниот состанок;
  2. Министерството за труд и социјална политика да изврши консултации со другите надлежни Министерства, за делегирање на Владини претставници на секторските координативни состаноци;
  3. Во дообликувањето на надлежностите на НХК, да се земат предвид научените лекции од косовската криза (според документот од семинарот одржан во Охрид, есента 1999, во организација на Министерството за одбрана на Република Македонија)
  4. Меѓународните невладини организации, на следниот состанок на Советот на МНВО да делегираат еден претставник во НХК.
  5. Домашните невладини организации да организираат локална НВО координација и исто така да делегираат претставник во НХК.
Back to Aid