Novosti
Humanitarni Informacii
Pomosh
Pozadina na situacijata
Organizacii
Linkovi
Makedonski Centar za Megjunarodna Sorabotka
Action by Churches Together
  МЦМС Извештај за ситуацијата бр. 12/2001

20 август - 26 август 2001 година

Скопје, 27 август 2001



ХУМАНИТАРНА СОСТОЈБА

Раселени лица


Се зголемува бројот на ВРЛ.
Во Македонија, според Македонскиот црвен крст, бројот на внатрешно раселените лица (ВРЛ) изнесува 70,728 лица. Од нив, 3.857 се сместени во колективните центри.

Непроменет бројот на бегалците во Косово.
Според податоци од УНХЦР во Косово се наоѓаат околу 51.880 бегалци (етнички Албанци), додека во Македонија до сега се вратени околу 29.595 лица.


ХУМАНИТАРЕН ОДГОВОР

Храна


Помош за раселените лица.

Конвој за Вратница, Јажинце и Шипковица.
На 22 август, четири домашни НВО: Ел Хилал, Милосрдие, Класје на добрината и МЦМС организираа конвој од седум камиони со хуманитарна помош за жителите од Вратница, Јажинце и Шипковица. Четири камиона беа наменети за Вратница, еден за Јажинце и два за Шипковица. Со конвојот отидоа и два автобуси со раселени лица од Лешок и Теарце, кои ги посетија нивните домови. Помошта се состоеше од основна храна, свеж зеленчук, хигиенски продукти и сточна храна.

МЦМС достави основна храна за кујните во колективните центри “1 мај”, “25 мај” во Скопје и “Негорски бањи” во Гевгелија. Исто така дистрибуираше 25 тона брашно за ВРЛ сместени во 400 семејства домаќини во Куманово.

Ел Хилал врши дистрибуција на 610 пакети со хигиенски артикли, обезбедени од ДРЦ (Дански совет за бегалци), за ВРЛ сместени во семејства домаќини, 305 пакети во Тетово и 305 пакети во Скопје.

Црвениот крст на Скопје отвори магацин каде раселените лица, кои имаат евидентен лист од било која општинска организација, можат да подигнат облека, обезбедена од многубројни национални хуманитарни организации.

САЖМ врши дистрибуција на хуманитарна помош за 103 семејства од приватните донации во Тетово.

Здравство

Светската здравствена организација/WHО, има формирано мобилен лекарски тим за Арачиново.

Засолништа

Македонската влада и хуманитарните агенции, на 22 август почнаа со проценка на оштетените куќи во село Арачиново. Формирани се заеднички тимови за извршување брза проценка и во другите региони, со цел да се помогне враќањето на раселените лица.

Водоснабдување и санитација

Во село Арачиново, МЦМС ќе инсталира 4 резервоари (еден резервоар има опфатнина од 20.000 литри) за технолошка вода, но истата може да се искористи и за пиење.

Во текот на неделата, со одговорните од општината и од комуналното претпријатие „Комунална хигиена“ ќе бидат утврдени локациите за поставување на резервоарите.

Училишта и образование

УНИЦЕФ се согласи да ги подржи училиштата во Куманово со книги, училишен прибор, клупи и столчиња отткако ќе се добие официјално барање.

Хуманитарно деминирање

Тим на Министерството за внатрешни работи, врши проверка на објекти во Арачиново, пред да се врши проценка на штетите. Процесот оди бавно (10 куќи на ден), бидејќи има само еден таков опремен тим. Владата побара да се обезбеди потребна опрема или додатни антитерористички тимови.

Заштита и човекови права

МЦМС во соработка со Црвениот крст и Министерството за труд и социјална политика изготви и испечати брошура “Информативна и правна поддршка на внатрешно раселени лица”. Тиражот е 15.000 примероци (8.000 на македонски јазик). Текстот на брошурата е консултирана со УНХЦР и ИОМ.

Психосоцијални активности

Асоцијацијата на социјално-хуманитарни иницијативи “Хоризонти”, за 38 деца од домовите “Ранка Милановиќ”, “25 мај” и “11 Октомври” ќе организира бесплатни курсеви по англиски јазик, берберски и фризерски курсеви и обука за возачка дозвола.

Посткризна рехабилитација

Во Арачиново, на 24 август, Ел Хилал почна да дели 420 душеци од УНХЦР за раселените лица кои се вратени во селото.


ХУМАНИТАРНА ОРГАНИЗАЦИЈА

Финансирање


Македонскиот министер за финансии, на 21 август имаше средба со претставникот на Светската банка во Република Македонија, при што е побарано забрзување на активностите од страна на Светската банка за одржување итна донаторска конференција за Македонија.

На 24 август во Македонија престојуваше директорот на Светската банка за Македонија, која најави помош од 20 милиони долари за Македонија, која би можела да биде доделена на донаторската конференција во средината на октомври, но тоа зависи од имплементацијата на Рамковниот договор.

Ослободување за хуманитарни организации од ДДВ

Упатство на Министерство за финансии за користење на постапката за извоз без премин на гранична линија. Меѓународните хуманитарни организации со признат дипломатски статус при набавка на производи од странски производители наменети за хуманитартни цели, целосно се ослободени од плаќањето на ДДВ. Исто така, меѓународните хуманитарни организации, при набавката на производи од домашни производители плаќаат ДДВ, па потоа го остваруваат правото за повраток на ДДВ во рок најдолго од 30 дена.

Домашните хуманитарни организации кои набавуваат производи од домашни производители, за да бидат ослободени од ДДВ мораат да ја применат постапката за извоз без премин преку граница.

Координација

Петти состанок на НВО хуманитарна координација.
На состанокот одржан на 21 август, беше разговарано за определување на локации за одржување на обука за заштита од мини. Домашните НВО треба да достават информации за можните локации каде би се одржиле обуките. Дополнително треба да се направат консултации со претставници од УНИЦЕФ за планот и активностите кои се однесуваат на обуката. Имено обуката ја организира МЦМС, додека предавачите ќе бидат стручни лица од Универзитетот во Висконсин, САД. Како можни локации за одржување се спомнати Охрид и Скопје.

ДРОМ од Куманово учествува во регионалното координативно тело, кое е формирано во соработка со ИРЦ, каде покрај локалните невладини организации учествуваат и претставници на мониторинг мисиите на ОБСЕ, УНХЦР и МКЦК.

На состанокот своја презентација имаше МКЦК. Беше заклучено организациите членки на НВО хуманитарна координација, да остварат дополнителни контакти со претставниците на МКЦК, за сите проблеми со кои се соочуваат и ќе се разгледаат сите можности за интервенции кои се во надлежност на МКЦК.

На овој состанок беа донесени и два други заклучоци:

  1. Сите релевантини институции и организации (владини инстиуции, агенциите на ОН, меѓународните и домашните невладини организации и др.) да преземаат поконкретни активности за враќање на довербата на раселените лица во институциите на системот и уште повеќе враќање на меѓусебната доверба и помирување меѓу луѓето и

  2. Покрај описот на делокруг на работа на НВО хуманитарната координација потребно е да се изготви конкретен план за хуманитарните активности и воопшто работата на телото. Дополнително да се определат 3 - 5 члена од НВО хуманитарната координација кои ќе го изготват планот.

Шести состанок на НХК.
На состанокот присутните дадоа краток извештај за минатонеделните активности, но од страна на председавачот е апелирано до невладините организации навремено да ги доставуваат своите неделни планови за организација на конвои. Од страна на претставникот на Министерството за транспорт и врски беше образложена бавната проценка на оштетените објекти во Арачиново. Поради безбедносни причини тимот за проценка е придружен од антитерористички тим во рамките на МВР, но бидејќи постои само еден таков и не е во можност секогаш да го придружува експертскиот тим, проценката тече споро. Исто така ова министерство изготвил програма за санација на оштетувањата на водоснабдителните системи, која не е преведена на англиски. Во изготвената програма не е дадена проценка на штетите туку само моменталната состојба на водоснабдителните системи во населените места. Претставникот на ОЦХА потенцираше на опасноста од неексплодираните мини. Тој потесети на иницијативата на УНИЦЕФ за деминирање на кризните подрачја и извести дека се во очекување на експерт од ОН Одделот за мини, кој би извршил проценка.

Back to News