Novosti
Humanitarni Informacii
Pomosh
Pozadina na situacijata
Organizacii
Linkovi
Makedonski Centar za Megjunarodna Sorabotka
Action by Churches Together
  МЦМС Извештај за ситуацијата бр. 10/2001

6 август - 12 август 2001 година

Скопје, 13 август 2001



ХУМАНИТАРНА СОСТОЈБА

Раселени лица

Зголемен бројот на ВРЛ.
Во Македонија, според Македонскиот црвен крст, бројот на внатрешно раселените лица (ВРЛ) изнесува 52.954 лица. Од нив, 3.512 се сместени во колективните центри.

Зголемен бројот на бегалците.
За време на викендот во Косово од Македонија, според УНХЦР, се отидени околу 1.669 етнички Албанци, повеќето од Сарај, Чаир и Визбегово. Додека од Косово во Македонија се вратени 67 бегалци, етнички Албанци.


ХУМАНИТАРЕН ОДГОВОР

Храна

Помош за раселените лица.

Конвој на МЦМС за Вратница и Јажинце.
МЦМС, на 7 август, успеа да достави помош за жителите на општина Вратница, по неуспешниот обид од 4 август. Помошта се состоеше од 15 тони основни животни продукти. Кај појдовната точка (бензинската пумпа Петрол компани пред Тетово) четири од шесте камиони се вратија назад, заради несигурноста на возачите во безбедноста на патот Тетово – Јажинце. Конвојот беше запрен кај село Џепчиште, од месното население, етнички Албанци, и по два часа, со посредство на ЕУ Мониторинг Мисијата, беше пропуштен. Помошта стигна во општина Вратница (за селата Вратница, Беловиште, Старо Село и Рогачево), населено со етнички Македонци, а дел беше испорачан во село Јажинце (за Јажинце и Орашје) населено со етнички Албанци. Дел од помошта во свежа храна (компир, пиперки, зелка) што требаше да се достави во Вратница и Јажинце, се пренамени за ВРЛ сместени во колективните центри во Пелагонија и Олимписко Село.

Конвојот на МКЦК со храна и лекови на 7 август влезе во Липково.

Вратен конвојот за Шипковица.
На 11 август Ел хилал требаше да достави помош во храна и лекови за Општина Шипковица. Иако ја имаше сета потребна документација и дозвола од Координативното тело за справување со кризи, заради безбедносни причини, на последниот полициски пункт, не беше дозволено да се продолжи понатаму.

Конвои на МКЦК.
Конвоите со помош планирани за Шипковица (со лекови) и Вратница и Јегуновце (со храна и лекови) поради безбедносни причини не стигнаа на крајната дестинација.

Здравство

Меѓународниот комитет на црвениот крст достави помош во медицинска опрема, лекови и други медицински материјали за тетовскиот Медицински центар.

Светската здравствена организација во соработка со Министерството за здравство ја разгледуваат можноста за оспособување за работа на амбулантата во Арачиново.

Засолништа

УНХЦР/ИРЦ (Меѓународен комитет за спас) ја завршија проценката за нови можни колективни центри во Република Македонија. Извештајот е доставен до Владата за понатамошна координација.

Водоснабдување и санитација

На 6 август водата од Липковоското езеро беше стопирана од страна на т.н. ОНА, со што е прекинато водоснадбувањето на Куманово. Обновувањето е условено со хуманитарна помош и отстранување на прекинот на електрична енергија за Липково. И двата услови беа исполнети. На 10 август водата потече во градскиот водовод, но поради процедурата со хиперхлорирање и пречистување на системот, водата се користи само како техничка вода. Се очекува вода за пиење жителите на Куманово да добијат на 14 август.

Училишта и образование

УНИЦЕФ континуирано работи на обезбедување услови за отпочнување на учебната година во кризните подрачја.

Хуманитарно деминирање

Претставникот на УНХЦР за координација со НАТО, информираше дека НАТО нема да врши деминирање освен во 16 контролни точки каде што ќе се врши предавањето на оружјето.

Пристигнат е тим од UNMACC (UN Mine coordination centre – Центар на УН за координација на активностите за деминирање) од Приштина за првична проценка на минираноста на теренот во кризните подрачја.

Заштита и човекови права

Нема такви активности во овој период.

Психосоцијални активности

Нема такви активности во овој период.

Посткризна рехабилитација

УНХЦР/МЦМС по дистрибуцијата на 1,500 пластични церади во Арачиново, на
03.08 привремено ја запре понатамошната дистрибуција, заради најновата ескалација на судирите во Скопскиот регион.

Постигнат е начелен договор за рехабилитација на куќите во село Арачиново и тоа: УНХЦР/МЦМС за категорија 1 и 2 (санација на мали оштетувања); УСАИД за категорија 3 (поголеми оштетувања); а ЕЦХО/Мовимондо за категорија 4 и 5 (значителни поправки или изградба на нови објекти). Мовимондо сеуште не може да ги започне активностите бидејќи не е регистрирана во Македонија.


ХУМАНИТАРНА ОРГАНИЗАЦИЈА

Финансирање

Неколку домашни НВО, упатија апел за поголема хуманитарна помош (прилог 2).

Координација

Координирано доставување на помош.
Претседателот на Координативното тело за справување со кризи на Владата и заменик-шефот на мисијата на ОБСЕ во Македонија има средба, на која е разговарано за создавањето услови за враќање на раселените лица од кризните подрачја, како и за задоволување на животните потреби на лицата во регионите опфатени од кризата, без разлика на нивната национална припадност. Договорено е да се изработуваат неделни оперативни планови, врз чија основа подготовката и доставувањето на хуманитарната помош во кризните региони би се извршувале координирано.

Четврта средба на НХК.
Организациите поднесоа кратки извешти за активностите од изминатата недела. Претсавникот на Координативното тело за справување со кризи информираше дека е оформен експертски тим за сите прашања во врска со хуманитарните активности и назначени се владини претставници по сектори.
Министерството за финансии детално информираше за можностите за ослободување од ДДВ (за странските има можност преку постапката извоз без премин на гранична линија, а за домашните НВО засега не).

Истакнати се неколку проблеми: неопходното преселување на ВРЛ од ученичките и студентските домови во наредните 15-тина дена, заради новата учебна година; влошената хуманитарна состојба во Гостивар; бенефициран автобуски превоз на ВРЛ (се бара можен донатор); санација на колективниот центар во Дојран, за да се зголеми капацитетот; дозволи за престој на странски државјани во Македонија; армиска мобилизација на вработените во хуманитарните организации.

Предложени се и последователни активности: донесување владина времена мерка за ослободување од ДДВ на домашни НВО вклучени во хуманитарната помош; организирање лекарска посета во колективните центри; забрзување на постапката за ослободување од царина и проценка на штетите.

Back to News