Novosti
Humanitarni Informacii
Pomosh
Pozadina na situacijata
Organizacii
Linkovi
Makedonski Centar za Megjunarodna Sorabotka
Action by Churches Together
  МЦМС Извештај за ситуацијата бр. 7/2001

23 јули - 29 јули 2001 година

Скопје, 30 јули 2001


ХУМАНИТАРНА СОСТОЈБА

Раселени лица

Зголемен бројот на ВРЛ.
Во Македонија, според Македонскиот црвен крст, бројот на внатрешно раселените лица (ВРЛ) изнесува 41,956 лица. Од нив, 2,607 се сместени во колективните центри.

Раселените лица од кризните подрачја на Тетово и околните села се евидентираат во три пункта на Црвениот крст на Македонија во Скопје.
Сојузот на организациите на жените на Македонија формираа Кризен центар каде се укажува првата неопходна помош за раселените лица од Тетовско.
Се намалува бројот на бегалците кои од Косово се враќаат во Македонија. Досега во Македонија од Косово, според УНХЦР, се вратени околу 15 илјади бегалци, етнички Албанци, додека во Косово се наоѓаат околу 60,000 илјади лица.

Влијание на човечките животи

Поради оштетување на далноводот, од воените дејствија, во близина на Тетово, околу 20 села на потегот Тетово - Јажинце останаа без електрична енергија. Еден дел од далноводот е поправен, но се уште повеќето од селата се без електрична енергија.

Во селото Арачиново, Скопско, по месец и пол, на 29 јули се вратија околу четири илјади жители, претежно етнички Албанци, кои ги напуштија нивните домови на 8 јуни кога ОНА влезе во селото. Во селото нема електрична енергија и вода. Во селото, претходниот ден, претстојуваа УНХЦР и повеќе меѓународни организации и претставник на МЦМС како едниствена домашна НВО.

Во општините Липково и Вратница, во зоните со ограничен пристап, се наоѓаат 14,000, односно 2,500 лица.


ХУМАНИТАРЕН ОДГОВОР

Храна


Помош за раселените лица. Меѓународниот комитет на Црвениот крст дистрибуира хуманитарна помош за ВРЛ од Тетовско во хотелот "Пелагонија", а започна и дистрибуција на основна храна и лекови во селата во Тетовско, од каде беа иселени жителите пред недела дена.

Црвениот крст на град Скопје почна со дистрибуција на хуманитарна помош за привремено раселените лица од подрачјето на Скопска Црна Гора, тетовскиот и кумановскиот регион. Помошта се дели во дистрибутивните пунктови Момин Поток 2 и во ОУ "Никола Вапцаров".

Натира доделува пакети со храна за 1453 раселени семејства во Куманово.
МЦМС дистрибуираше храна во колективниот центар во Долно Којнаре (за 100 ВРЛ/1 месец), како и за новопристигнатите ВРЛ од Тетовско во центрите Пелагонија (за 450 ВРЛ/1 недела) и Стив Наумов (за 300 ВРЛ/1 ден).


Здравство

Светската здравствена организација, во соработка со Министерството за Здравство и УНИЦЕФ, во Скопје, определија три пункта, градски аптеки, каде ВРЛ ќе можат да набават бесплатни лекови. Аптеките се наоѓаат во поликлиниките Ченто, Бит-пазар и Ѓорче Петров. Веќе подолго време во Куманово постои таков пункт. СЗО редовно доставуваат лекарства до медицинскиот центар во Тетово.

СЗО заврши со идентификацијата за капацитетот на организациите кои делуваат во секторот за здравство во моментов, како и во случај на ескалирање на ситуацијата.

Засолништа

Во Скопје во два студентски дома се сместени раселени лица од тетовските села. Во "Стив Наумов" се сместени 720 лица, додека во "Пелагонија" околу 490 лица.

Водоснабдување и санитација

МЦМС работи на обезбедување постојан извор на вода за Медицинскиот центар во Куманово.

Натира има обезбедено делови за поправка на водоводот во с. Отља – Липково. Се уште нема дозвола од Координативното тело за справување со кризи за влез во селото.

МЦМС изврши прва дистрибуција на вода во шишиња за повратниците во Арачиново.

Училишта и образование

Во доменот на образованието остварена е соработка со Министерството за образование со што се прават напори за социјализација на хендикепираните деца.

УНИЦЕФ во соработка со Министерството за образование, ќе формира поттело со кое ќе се координираат активностите и ќе се определи дали се задоволени стандардите за непречено започнување и одвивање на учебната година во кризните подрачја.

Хуманитарно деминирање

Ел хилал, заедно со дистрибуирана помош, дистрибуираше и материјали на УНИЦЕФ за заштита од мини.

Заштита и човекови права

На иницијатива на МЦМС во тек е подготовката на брошурата за "Информативна и правна поддршка на внатрешно раселени лица".

Психосоцијални активности

УНИЦЕФ обезбедува психосоцијална поддршка на раселените деца во Скопје, Куманово и Тетово и во сите колективни центри каде се сместени ВРЛ.
Продолжуваат активностите во женскиот центар во Куманово, што го сочинуваат 9 женски организации, кој за потребите на ВРЛ претставува кризен центар, каде преку разговори во групи се остварува психосоцијална поддршка на жените.

Посткризна рехабилитација

Службата за комунална хигиена во Арачиново досега закопала 500 мрши од пцовисан добиток. Екипите отстраниле околу 80 тони расипана храна од домаќинствата и околу 150 тони ѓубре, градежен шут и земја.


ХУМАНИТАРНА ОРГАНИЗАЦИЈА

Финансирање

Според извори од Брисел можно е одржување меѓународна донаторска конференција по постигнувањето на политичкиот договор.

Координација

Трет состанок на Националната хуманитарна координација.

На 26 јули се одржа третиот состанок на Националното хуманитарно координативно тело. На состанокот беа присутни претставници на државните институции, агенциите на ООН, движењето на Црвениот крст и полумесечина; странски владини и невладини институции; меѓународни НВО и домашни НВО. Организациите поднесуваа извештаи за преземаните хуманитарните активности во изминатата недела. На состанокот организациите: ги осудија нападите врз меѓународните организации и препорачаа подобрување на односите со јавноста; ја нагласија потребата од бесплатни лекови за ВРЛ и посебен третман за хендикепираните раселени лица; да се изврши оценка на можноста за настава во кризните подрачја; препорачаа поголема опфатеност со психосоцијална поддршка и социокултурна прифатливост и соодветен квалитет на хуманитарната помош.

Редовно одржување на интерагенциските состаноци.

Интерагенциските состаноци продолжуваат да се одржуваат, како и секторските состаноци, и имаат значаен прогрес во преземените активности. Постоечки сектори се: сектор за храна, сектор за логистика - СПХ; сектор за здравство - СЗО; сектор за засолништа – УНХЦР; сектор за локални услуги, сектор за образование и секторот за водоснабдување и санитација-УНИЦЕФ; сектор за земјоделие-ФАО.

Втора координативна средба на НВО хуманитарна координација.

Со цел за подобро организирање и координирање на активностите од хуманитарен апсект на локално ниво, на 18 јули формирана е НВО хуманитарна координација, која ја сочинуваат 12 невладини организации: Ел хилал, Натура, Класје на добрината, Месечина, ООЖМ, СОЖМ, САЖМ, РОЖМ "Даја", ДРОМ, Милосрдие, Меѓаши и МЦМС. На одржаниот втор состанок на 25 јули беа изнесени извештаи за хуманитарните активностите на организациите од изминатата недела. На оваа средба беа донесени следните заклучоци: осуда на нападите врз меѓународните и странските и организации; подобро адресирање на потребите на ВРЛ; вклучување во резервните планови; пристап на населението кон приватни имоти; подобра здравствена заштита за посебни групи и бесплатни лекови за ВРЛ; подобра психосоцијална поддршка за жените и децата, како и други заклучоци.

МНР контакт за меѓународните НВО.

На 26.07.2001 е одржан состанок во Министерството за надворешни работи со странските невладини организации на кој се водело дискусија во врска со подобрување на условите за нивно делување. За сите проблеми со кои се соочуваат при нивното делување, меѓународните НВО треба да го информираат Секторот за мултилатерала при Министерството за надворешни работи.

Back to News