Novosti
Humanitarni Informacii
Pomosh
Pozadina na situacijata
Organizacii
Linkovi
Makedonski Centar za Megjunarodna Sorabotka
Action by Churches Together
  МЦМС Извештај за ситуацијата бр. 6/2001

16 јули - 22 јули 2001 година

Скопје, 23 јули 2001


ХУМАНИТАРНА СОСТОЈБА

Раселени лица

Се намалува бројот на ВРЛ.
Во Македонија, според Македонскиот црвен крст, бројот на внатрешно раселените лица (ВРЛ) изнесува 31,673 лица. Од нив, 1,410 се сместени во колективните центри.

Во Куманово е отворен нов колективен центар во Долно Коњаре, каде се сместени 72 лица. Додека во Домот за старци сместени се 13 лица.

Бегалци од Косово се враќаат во Македонија.

Се зголемува бројот на бегалците кои се враќаат од Косово. Секој ден се враќаат до илјада бегалци (етнички Албанци).

Влијание на човечките животи


Околу пет илјади жители кои се наоѓаат во општина Шипковица, Тетовско, веќе неколку месеци се отсечени и немаат можност за редовно снадбување. Самото место Шипковица е најверојатно седиште на тнр. ОНА.

Предизвикани штети


Координативното тело за справување со кризата ја усвои информацијата од надлежните стручни служби задолжени за нормализација на состојбата во Арачиново. Во Арачиново се прегледани 1.000 куќи и 655 водоснабдителни објекти, односно бунари. Утврдено е дека 269 објекти можат нормално да се употребуваат, 124 не се сигурни за нормално живеење, а 41 куќа е оштетена.


ХУМАНИТАРЕН ОДГОВОР

Храна

Помош за раселени лица.
Црвениот крст на град Скопје почна со дистрибуција на хуманитарна помош за привремено раселените лица од подрачјето на Скопска Црна Гора, тетовскиот и кумановскиот регион. Помошта се дели во дистрибутивните пунктови Момин Поток 2 и во ОУ "Никола Вапцаров".

Нови потреби.
Населението во липковскиот крај, како и раселените лица во Умин Дол, искажаа потреба од помош во сточна храна.

Здравство


МКЦК врши дотур на лекови во липковскиот крај, каде е отежнат пристапот.
Се уште не важи одлуката на Владата на РМ за бесплатна набавка на лекови за раселените лица.

Засолништа

Во Куманово е отворен нов колективен центар во Долно Коњаре, каде се сместени 72 лица. Додека во Домот за старци сместени се 13 лица.

Водоснабдување и санитација

Во Тетово има недостиг од вода поради оштетувања на системот и поради летниот период, поради што се воведени и рестрикции за снабдување со вода до осум часа.

Во Медицинскиот центар во Куманово почна да се гради пумпната станица за резервно напојување со вода. Објектот се очекува да биде изграден следната недела.

Училишта и образование

Во делот на училишта и образование досега нема никакви активности.

Хуманитарно деминирање

Нема такви активности во овој период.

Заштита и човекови права

На иницијатива на МЦМС во тек е подготовката на брошурата за "Информативна и правна поддршка на внатрешно раселени лица".

МКРЦ успеа да лоцира три лица, етнички Македонци, кои пред дваесетина дена исчезнаа во подрачјето на Радуша.

Психосоцијални активности

Осум женски НВО започнаа психосоцијални активности за раселените лица.

Посткризна рехабилитација

Во Арачиново во моментот најголем проблем претставува водата и струјата. Испитувањата покажале дека во селото нема доволно хигиенска исправна вода за пиење, а нема ниту техничка вода. Една од основните причини за ова е и недостигот од електрична енергија. За делумно снабдување на жителите со вода за пиење, по нивното враќање во домовите, ќе се обезбедат цистерни.


ХУМАНИТАРНА ОРГАНИЗАЦИЈА

Финансирање

Средства од ЕЦХО за реконструкција. Од ЕУ најавена е помош од 2,5 милиони евра за реконструкција на разрушените објекти по кризните области.

Координација

Прва координативна средба на НВО хуманитарна координација.
Со цел за подобро организирање и координирање на активностите од хуманитарен апсект на локално ниво, на 18 јули формирана е НВО хуманитарна координација, која ја сочинуваат 12 невладини организации: Ел хилал, Натура, Класје на добрината, Месечина, ООЖМ, СОЖМ, САЖМ, РОЖМ "Даја", ДРОМ, Милосрдие, Меѓаши и МЦМС. Сите овие организации се со определена целна група или подрачје на делување. Логистичката поддршка на НВО хуманитарна координација ќе ја дава МЦМС. Состаноците ќе се одржуваат еднаш неделно. НВО хуманитарната координација на состаноците на Национална Хуманитарна Координација (НХК) ќе ја претставуваат МЦМС и Ел хилал, и по потреба трет претставник релевантен за расправата.

Втор состанок на Националната хуманитарна координација.
На 19 јули се одржа вториот состанок на Националното хуманитарно координативно тело. На состанокот присуствуваа претставници од Кабинетот на Претседателот, министерствата за труд и социјална политика, за надворешни работи, за одбрана, меѓународни владини организации (УНХЦР, УНИЦЕФ и др.), меѓународни невладини организации, преставници од движењето на Црвениот крст, домашни невладини организации (МЦМС и Ел хилал). Присутните на состанокот поднесоа извештаи за нивните активности и беа истакнати проблемите со кои се соочуваат.

Како прашања и проблеми за кои треба понатамошни активнсоти се издвоени: враќање на довербата на раселените лица кон Владата; подготовка на стратегија и резервен план за можен нов бран на раселени лица; подобрување на координацијата преку поврзување на разните координативни механизми меѓу странските агенции, владините институции и домашните НВО; потребна е процедура за пристап во конфликтни подрачја; да се воспостави механизам за изземање од мобилизација на дел од вработените во хуманитарни организации кои извршуваат задачи кои се битни за хуманитарните операции; да се согледаат можностите за ослободување од ДДВ и данокот на трансакции на домашните НВО при набавки во земјата.

Back to News