Novosti
Humanitarni Informacii
Pomosh
Pozadina na situacijata
Organizacii
Linkovi
Makedonski Centar za Megjunarodna Sorabotka
Action by Churches Together
  МЦМС Извештај за ситуацијата бр. 4/2001

03 јули - 08 јули 2001 година

Скопје, 09 јули 2001


ХУМАНИТАРНА СОСТОЈБА

Раселени лица


Се зголемува бројот на ВРЛ.
Во Македонија, според Македонскиот црвен крст, бројот на внатрешно раселени лица (ВРЛ) изнесува 35,694 лица. Од нив, 1,074 се сместени во колективните центри.

Бегалци од Косово се враќаат во Македонија.
По потпишувањето на договорите за прекин на огнот, започна враќање на бегалци од Косово и тоа околу 1,000 бегалци дневно. Еден од проблемите е враќањето на бегалците без пасоши. Истите најверојатно ќе се вратат колективно, во организација УНХЦР и ИОМ.

Влијание на човечките животи

Ситуацијата со водоснабдувањето во Куманово и Тетово не е изменета. Во Куманово има недостиг од вода од околу 100 литри во секунда. Во Тетово имаат доток од 200 литри во секунда што е доволно само за минималните потреби на градот.

Предизвикани штети

Засега нема службен извештај од Координативното тело при Владата на Македонија за проценката на штетите од судирите во Арачиново.


ХУМАНИТАРЕН ОДГОВОР

Храна

Дистрибуција за ВРЛ. МЦМС на 06 јули обезбеди храна и хигиенски артикли за ВРЛ во двата колективни центри во Куманово и тоа: во хотел Кристал се сместени 170 лица, додека во хотел Куба 130 лица.

Исто така, во селото Чичино Село е дистрибуирана храна и хигиенски артикли за 99 раселени лица од селото Радуша.

МЦМС ја рагледува можноста за поширок одговор на потребите за храна на внатрешно раселените лица.

Хуманитарна акција.
Голем број ликовни уметници организираат хуманитарна акција наменета за раселените деца, што ќе тече од 01 јули до 01 август. Создадените дела ќе бидат понудени на аукција, додека сите собрани средства ќе бидат наменети за децата од раселените семејства од кризните подрачја.

Конвој со помош до општината Шипковица.
Работната група на Ел Хилал во Тетово и Класје на добрината, веќе од средата чекаат дозвола од МВР и Министерството за одбрана (МО) за да отиде конвојот со помош до општината Шипковица, која е одалечена околу 10 км од Тетово. Конвојот е стопиран од безбедносни причини.

Здравство

Бесплатна здравствена заштита. Одлуката на Владата за бесплатна здравствена заштита за внатрешно раселените лица се уште не важи за набавка на лекови.

Засолништа

Нови колективни центри.
Минатата недела се отворени уште два колективни центри, во Куманово и тоа: хотел Кристал со капацитет за 80 лица (сместени 170) и хотел Куба, за 120 (сместени 130).

Во близина на Скопје, во селото Чичино Село се наоѓа рекреативниот центар за деца и младинци со капацитет за 160 лица. Во овој комлекс се наоѓаат четири павиљона по 12 соби и еден павиљон со 9 соби. Во нив се сместени 99 раселени лица од Радуша.

Првата детска амбасада во светот "Меѓаши" во Скопје веќе еден месец се грижи за 14 раселени лица, кои се иселија од селото Арачиново во почетокот на судирите меѓу албанските екстремисти и македонските безбедносни сили.

Водоснабдување и санитација

Првата фаза на активностите на МЦМС околу водоснабдувањето на Медицинскиот центар во Куманово е во тек. По првата анализа на водата е откриено малку поголемо количество на железо. Во тек е второто испитување.

Училишта и образование

Во делот на училишта и образование досега нема никакви активности.

Хуманитарно деминирање

Во скопското село Арачиново заврши акцијата на безбедносните сили за чистење на теренот од мини и од други експлозивни направи.

Заштита и човековите права

На иницијатива на МЦМС се подготвува брошура за "Информативна и правна поддршка на внатрешно раселени лица". Во врска со ова се побарани информации од Меѓународниот комитет на Црвениот крст (МКЦК) кои се надлежни за ВРЛ.

Психолошка помош

Невладината хуманитарна организација "Спасете ги децата" од почетокот на воената криза се ангажира преку работилници, играње и културни активности да ги анимираат децата од загрозените подрачја, кои во моментов престојуваат во училишните домови "Рајко Жинзифов", "Сениќ" и во домот "Ранка Милановиќ".

Посткризна рехабилитација

Започната реконструкцијата на инфраструктурата во Арачиново. Во с. Арачиново екипите на ЈП "Електростопанство" почнаа да ги поправаат оштетените енергетски доводи од Скопје до населбата. Започната е проверка на системот за водоснадбување со хлорирање на водата од локалниот водовод во село Арачиново. Водата засега е забранета за пиење од сите извори и од локалниот водовод. Започната е санација на теренот со собирање на мршите од стоката. Потребна е итна реконструкција на амбулантата. Населението се уште не се враќа, чекајќи дозвола од Владата.


ХУМАНИТАРНА ОРГАНИЗАЦИЈА

Финансирање

За време на посетата на шефот на македонската дипломатија Илинка Митрева во Брисел е побарана итна финансиска помош за земјава. Унијата ќе додели пакет грантови и заеми за обнова по првичните резултати од дијалогот што се води под покровителство на шефот на државата.

Координација

На 06 јули беше организирана средба меѓу МЦМС и Министерство за труд и социјална политика, на која е разговарано за подготовките за воспоставување Национално хуманитарно координативно тело, по иницијативата на претседателот на Републиката, Борис Трајковски. Во ова координативно тело ќе членуваат државни институции, меѓународни владини организации, меѓународни невладини организации и домашни невладини организации. Активности на ова тело ќе бидат известување и координирање на хуманитарната помош, подготовка на список на одговорни лица по општините и собирање, подготовка и дистрибуција на информации за ВРЛ. Првата средба е планирана за среда, 11 јули 2001 година.

Back to News