Novosti
Humanitarni Informacii
Pomosh
Pozadina na situacijata
Organizacii
Linkovi
Makedonski Centar za Megjunarodna Sorabotka
Action by Churches Together
  МЦМС Извештај за ситуацијата бр. 3/2001

24 јуни - 03 јули 2001 година

Скопје, 04 јули 2001


ХУМАНИТАРНА СОСТОЈБА

Раселени лица

Се зголемува бројот на раселени лица.
Од почетокот на кризата во Македонија до сега раселени се повеќе од 110.000 лица. Според податоците на УНХЦР, до 28 јуни 2001 година, во Косово се регистрирани 75.000 бегалци од Македонија. Дури 64.406 бегалци се регистрирани по 3 мај 2001 година, останатите се регистрирани претходно.

Во Македонија, според Македонскиот црвен крст, бројот на внатрешно раселени лица (ВРЛ) изнесува 34,944 лица. Од нив, 926 се сместени во колективните центри.

Влијание на човечките животи

Обновено водоснадбувањето во Куманово.
Со дозвола на екстремистите на 17 јуни е отворен дотекот од липковските езера во системот за водоснабдување на Куманово. По прочистувањето на системот овој град со 100,000 жители доби вода на 25 јуни 2001. И покрај тоа Куманово има недостиг на вода од околу 100 литри во секунда.

Состојбата со вода во Тетово сеуште е иста.
Причината за намалувањето на водата во Тетово е прекинот на електричниот довод на Попова Шапка поради што е оневозможено работењето на системот на четирите мали хидроцентрали и на цевководот. Во моментот, тетовчани имаат доток од 200 литри во секунда што е доволно за минималните потреби на градот. Поради тоа, во Тетово се прават рестрикции за да можат да добијат вода жителите во повисоките реони од градот.

Предизвикани штети

По влегувањето на македонските безбедносни сили во Арачиново, се уште не е направена проценка на штетите од 20-дневните судири. Првичните впечатоци се дека меѓу 50-60% од куќите се целосно или делумно оштетени, а дека веројатно на тоа ниво е и уништувањето на сточниот фонд.


ХУМАНИТАРЕН ОДГОВОР

Храна

Дистрибуција за ВРЛ.
Единствените организирани дистрибуции на храна за раселените лица, засега, се на Македонскиот црвен крст во соработка (МЦК) со Меѓународниот комитет на Црвениот крст (МКЦК) и на МЦМС. Дистрибуцијата се врши до колективните центри (МЦМС обезбеди иницијална помош во храна и хигиенски производи доволни за 20-25 дена) и до сите регистрирани внатрешно раселени лица (МЦК/МКЦК со стандардни пакети со основна храна и хигиенски продукти).

Конвој во Липково.
Хуманитарната организација Ел Хилал, на 25 јуни 2001 година, го организираше вториот конвој за Ликово, подрачје со ограничен пристап (во зоната на вооружен конфликт) каде што се уште има околу 15,000 лица цивилно население. Помошта во храна (брашно, шеќер, масло) и хигиенски производи, беше транспортирана со пет камиони.

Придонеси од граѓаните.
Надвор од ова, дел од граѓаните се самоорганизираат и собираат помош во вид на храна, облека и други потребни производи. Храната најчесто се доставува во верските објекти или во седиштата на општинските центри од каде што потоа се дистрибуира.

МЦМС ја рагледува можноста за поширок одговор на потребите за храна на внатрешно раселените лица.

Здравство

Бесплатна здравствена заштита.
Со одлука на Владата, сите внатрешно раселени лица, имаат право на бесплатна здравствена заштита, на целата територија на Република Македонија. Ова можат да го користат сите регистрирани ВРЛ, со употреба на картичката за регистрација на ВРЛ, издадена од Македонскиот Црвен Крст.

Засолништа

Нов колективен центар.
Освен петте тнр. колективни центри во кои се засолнети внатрешно раселените лица во Скопје, ученичките домови "Здравко Цветковски", "Томе Стефановски-Сениќ", студентскиот дом "Стив Наумов", институциите "Димитар Влахов" и "Ранка Милановиќ", во селото Чичино Село е отворен уште еден центар, чиј капацитет е доволен за 140 лица. Во него се сместуваат ВРЛ од с. Радуша. Покрај МЦМС и МЦК/МКЦК, Минситерството за труд и социјална политика одобри средства за финансирање на дел од режиските трошоци на центрите.

Подготовка на нови центри. Деновиве се подготвуваат уште три колективни центри, во Куманово и тоа: хотел Кристал со капацитет за 80 лица, хотел Куба, за 120 и студентскиот дом во Долно Коњаре за 70 лица.

Водоснабдување и санитација

Активностите на МЦМС во секторот на водоснабдувањето во Куманово се во тек. Со нив ќе се обезбеди независно водоснадбување на Медицинскиот центар - Куманово. Донацијата на МЦМС ќе изнесува повеќе од 2.000.000 МКД. МЦМС ја разгледува можноста за дополнителни активности во делот на итното водоснабдување.

Училишта и образование

Во делот на училишта и образование досега нема никакви активности.

Хуманитарно деминирање

Безбедносните сили на Македонија по влегувањето во Арачиново преземаат активности за чистење на селото од мини.

Заштита и човекови права

МЦМС го продолжува поттикнувањето на дијалогот помеѓу црквите и верските задници во Македонија. По средбата во Женева, со ССЦ, во МЦМС се одржа средба на работната група составена од претставници на црквите и верските заедници. На средбата се разгледани впечатоците од разговорите со ССЦ и е договорена следна средба на која се очекуваат поконкретни заклучоци во однос на идните активности.
МЦМС ја разгледува можноста за одговор на потребите на внатрешно раселените лица во делот на информации (инфо линија за хуминатарни прашања, веб страна, платени огласи во медиумите), како и за мерки за градење мир и решавање на конфликти и подготовка за итни операции.

Психолошка помош


Во делот на психолошка помош досега нема никакви активности.


ХУМАНИТАРНА ОРГАНИЗАЦИЈА

Финансирање

ECHO отвори нова програмска линија.
Европската комисија одобри 3.15 милиони Евра за Македонија, наменети за обезбедување храна, рехабилитација на здравството, водоснабдување и санитација. Помошта ќе се реализира преку Канцеларијата за хуманитарна помош - ECHO (повеќе за ова на веб: europe.eu.int/comm/echo/whatsnew/whatsnew_1.htm)

ACT апел за македонската криза
МЦМС во текот на неделата, подготви апликација за АЦТ, за хуманитарен одговор на Македонската криза. Се очекува апелот (кој засега се однесува само на Македонија) да биде објавен до крајот на оваа недела.

СДЦ - готовина за засолниште
Швајцарскиот комитет за катастрофи (СДЦ) одобри 1.5 милиони ДЕМ за помош на семејствата домаќини, кај кои се сместени внатрешно раселени лица од конфликтните подрачја.

Координација

НВО координација.

МЦМС и Македонскиот Црвен крст (МЦК) и Меѓународниот комитет на Црвениот крст (МКЦК) на 2 јули 2001 година, одржаа координативна средба на која беше договорено:

  • МЦК и МКЦК ќе обезбедуваат храна и основни хигиенски пакети за лична употреба за внатрешно раселените лица сместени во колективните центри, а МЦМС ќе обезбедува комплементарна (додатна) храна и средства за хигиена за зградите и кујните. Трите организации ќе обезбедат иницијална помош за новите колективни центри доколку ги има.

  • МЦК обезбедува основни пакети со храна за речиси 100% од регистрираните внатрешно раселени лица. Помош за семејствата домаќини ќе биде обезбедена од Швајцарскиот комитет за катастрофи (СДЦ), а МЦМС ќе се фокусира на помош за внатрешно раселените лица кои не се опфатени ниту со првата ниту со втората дистрибуција.

  • МЦМС ќе обезбеди хуманитарна помош за цивилното население во подрачјата со ограничен пристап.

Владина координација.
Владата формираше Координативно тело за справување со кризата, раководено од потпретседателот на Владата, Илија Филиповски, а во кое членуваат Министрите за: внатрешни и надворешни работи, одбрана, правда и финансии, како и претставник од Кабинетот на претседателот и на дирекцијата за јавна безбедност.

Back to News