Novosti
Humanitarni Informacii
Pomosh
Pozadina na situacijata
Organizacii
Linkovi
Makedonski Centar za Megjunarodna Sorabotka
Action by Churches Together
  Брошура за Правата и Обврските на ВРЛ во РМ

Брошура за Правата и Обврските на ВРЛ во РМ

Понекогаш е доволно да знаеш кому и каде да се обратиш во вистински момент!

Што е внатрешно раселено лице?
Како да се регистрираш како внатрешно раселено лице?
Што е картон (евидентен лист) на Црвениот крст и зошто ти треба?
Какви права имаш како внатрешно раселено лице?
Какви обврски имаш како внатрешно раселено лице?
Каде да се обратиш за помош?

Во оваа мала брошура ќе најдете одговор на сите овие прашања!







Што е Внатрешно Раселено Лице (ВРЛ)?

Внатрешно раселени лица се лица или група луѓе кои се присилени или принудени да побегнат или да ги напуштат своите домови или постојаните живеалишта, особено како резултат на ефектите на вооружените конфликти или со цел нив да ги избегнат, во ситуации на општо насилство, прекршување на човековите права или поради природни катастрофи или катастрофи предизвикани од човекот и кои не ја преминале меѓународно признатата граница на државата.

  1. Секој граѓанин на Република Македонија кој го напуштил местото на живеење мора да се пријави до најблиската организација на Црвениот крст.

  2. Без пријавување не можеш да се стекнеш со статус на внатрешно раселено лице (ВРЛ) и нема да можеш да добиваш хуманитарна помош.


Како да се регистрираш како Внатрешно Раселено Лице (ВРЛ)?

1. Регистрацијата се врши во сите општински организации на Црвениот крст каде што има привремено раселени лица.

2. Во Скопје регистрацијата се врши во:

  • Соба бр. 8 во ДХО Даре Џамбаз
  • Црвен крст - Чаир
  • Црвен крст - Карпош

Откако ќе се регистрираш, добиваш картон (евидентен лист) од Црвениот крст со кој добиваш статус на Внатрешно раселено лице.

  • Картон се издава за лица над 18 години.
  • Лицата под 18 години се евидентираат на картонот од родителот или старателот.

Со пријавувањето и добивањето на картонот стануваш Внатрешно Раселено Лице (ВРЛ)!


3. Станувајќи ВРЛ ќе можеш да добиваш хуманитарна помош!

  • Дистрибуцијата се врши во сите општински организации на Црвениот крст каде што има привремено раселени лица каде се регистрирани.
  • Во Скопје, дистрибуцијата се врши во магацините на: Момин Поток ИИ, во Црвен крст Чаир и Црвен крст Карпош.

4. Доколку имаш потреба од здравствена заштита, картонот добиен од Црвениот крст претставува официјален картон за здравствена заштита кој може да го користите во сите здравствени домови и клиники во Република Македонија.

  • Доколку имаш здравствена книшка, понеси ја заедно со картонот (евидентниот лист).

5. Доколку имаш итен случај, а немаш картон (евидентен лист), обрати се до најблиската општинска организација на Црвениот крст или Информативниот центар на Црвениот крст (тел. 02/162 558).

6. Доколку имаш потреба од лекарства, бесплатно можеш да ги подигнеш на следните места:

  • Поликлиника Бит-пазар - Скопје
  • Поликлиника Ченто - Скопје
  • Поликлиника Ѓорче Петров - Скопје
  • Медицински центар во Куманово

Со себе понесија и здравствената книшка и картонот (евидентниот лист).

7. Како ВРЛ тебе ти следува храна, медицинска помош, хигиенски пакети и кебиња според стандардите за хуманитарна помош.

Ти како внатрешно раселено лице (ВРЛ) подеднакво ги уживаш сите права и слободи според меѓународното и домашното право, исто како и другите лица во твојата земја. Ти нема да бидеш дискриминиран во уживањето на кои било права и слободи врз основа на тоа што си внатрешно раселено лице.

Лица како тебе, кои бегаат пред насилства, војни или масовни кршења на човековите права имаат право на заштита од својата држава.

Република Македонија ја има примарната должност и одговорност да обезбедат заштита и хуманитарна помош за внатрешно раселените лица, под своја јурисдикција. Република Македонија мора да обезбеди:

  1. Да ги прифати лицата кои побарале заштита од неа;

  2. Да го почитува принципот на невраќање на територијата каде животот им е загрозен. Ова право обезбедува дека ВРЛ нема да бидат вратени на територијата која ја напуштиле поради оправдан страв од прогон врз расна, верска, национална, социјална или политичка основа. Исто така нема да бидат вратени ВРЛ кои ја напуштиле територијата поради воени судири или ризик од мачење;

  3. Да ги почитува и им овозможува непречено уживање на нивните основни човекови права;

  4. На секое лице да му го обезбеди правото на живот. Ниту едно лице нема да биде лишено од живот. Внатрешно раселените лица особено ќе бидат заштитени од:

    а) геноцид;
    б)убиство;
    в)вонсудско или произволно извршување смртна казна;
    г) присилно исчезнување, вклучително и грабнување или прикриван притвор, кој се заканува или резултира со смрт;

  5. Во ниту еден случај нема да бидат користени како заложници;

  6. Право на слобода на движење и слобода на избор на местото на живеење;

  7. Право на слободно движење во и надвор од камповите (колективните центри);

  8. Внатрешно раселените лица имаат:

    а) право да бараат безбедност во друг дел од земјата;
    б) право да ја напуштат земјата;
    в) право да бараат азил во друга земја; и
    г) право на заштита од присилно враќање или преселување во кое било место каде би биле изложени на ризик нивните животи, безбедноста, слободата и/или здравјето;

  9. Право на почитување на семејниот живот. На членовите на семејството кои сакаат да останат заедно треба да им се дозволи истото;

  10. Право на соодветен животен стандард. Како минимум, без оглед на околностите и без каква било дискриминација, ќе се обезбеди и осигура безбеден пристап до:

    а) Основна храна и вода за пиење;
    б) Основно засолниште и сместување:
    в) Соодветна облека; и
    г) Основни здравствени услуги и санитарни услови;

  11. Право да бидат признати како лице пред законот. Надлежните органи ќе ги издават сите потребни документи, неопходни за уживање и користење на законските права, како на пр. пасоши, документи за лична идентификација, изводи од матичната книга на родените и венчаните;

  12. Особено ќе го олесни издавањето нови документи или замена на документите изгубени во текот на раселувањето, без наметнување неразумни услови, како што е барање за враќање во областа на постојаното живеалиште, со цел раселените лица да ги добијат овие или други потребни документи;

  13. Без оглед на тоа дали живеат во камп (колективен центар) или не, нема да бидат дискриминирани како резултат на нивното раселување на уживањето на следниве права:

    а) Правата на слобода на мислата, свеста, вероисповеста или верувањето, мислењето и изразувањето;
    б) Право на слободно барање можности за вработување и учество во стопански активности;
    в) Право на слободно здружување и еднакво учество во работите на заедницата;
    г) Право на глас и учество во владините и јавните работи, вклучувајќи го и правото на пристап кон средствата неопходни за користење на ова право;
    д) Право на комуникација на јазикот на кој го разбираат;

  14. Со цел ефективно да го користат правото на образование, надлежните власти ќе обезбедат таквите лица, особено раселените деца, да добиваат образование кое ќе биде бесплатно и задолжително на основно ниво,

  15. Да се предвидат посебни мерки за заштита на децата и жените;

  16. Сета хуманитарна помош ќе се спроведува во согласност со начелата за хуманост непристрасност и без дискриминација;

  17. Хуманитарната помош за внатрешно раселените лица нема да биде спречувана, особено поради политички или воени причини;

  18. Меѓународните хуманитарни организации и други соодветни учесници имаат право да ги нудат своите услуги за поддршка на внатрешно раселените лица;

  19. Да го олесни враќањето во нивните домови кога за тоа ќе се создадат услови;

  20. Внатрешно раселените лица кои се вратиле во нивните домови или постојани живеалишта или кои се населиле во друг дел од земјата, нема да бидат дискриминирани заради нивното раселување. Тие ќе имат право целосно и рамноправно да учествуват во јавните работи на сите нивоа и ќе имаат еднаков
    пристап кон јавните служби;

  21. Должност и одговорност да им помогне на вратените и/или преселените внатрешно раселени лица да го повратат, колку што е можно, нивниот движен и недвижен имот којшто го оставиле или им бил одземен по раселувањето;

  22. Ќе им одобри и ќе им овозможи на меѓународните хуманитарни организации и на другите соодветни учесници во извршувањето на нивните мандати, брз и непречен пристап до внатрешно раселените лица, за да им помогнат во враќањето или преселувањето и реинтеграцијата.

Секое внатрешно раселено лице мора да ги почитува сите обврски кои се утврдени со Уставот и законите на Република Македонија.

1. Како државјанин на Република Македонија движењето е неограничено.


Поважни телефони:

Информации во врска со регистрација на ВРЛ и дистрибуција на хуманитарна помош

  • ДХО Даре Џамбаз 02/228-347
  • Информативен центар на Црвениот крст 02/162-558 (за сите информации околу регулирање на статусот)
  • ООЦК "Карпош" 02/368-806, 02/368-789
  • ООЦК "Чаир" 02/621-924
  • Информации во врска со термините за дистрибуција на помош 02/228-347 и 02/621-924

Други телефони за информирање

  • Црвен крст на Македонија 02/114-355
  • Меѓународен комитет на Црвениот крст 02/371-951
  • Меѓународна федерација на Црвениот крст и Црвената полумесечина 02/114-271

Поважни НВО:

  • Ел хилал 02/118-748
  • Милосрдие 02/230-695
  • Месечина 042/222-272
  • Класје на добрината 02/113-277
  • Меѓаши 02/463-900
  • ООЖМ 02/121-280
  • СОЖМ 02/220-570
  • САЖМ 044/24-163
  • РОЖМ "Даја" 031/423-654
  • ДРОМ 031/427-558
  • Натура 031/478-002
  • Јета 02/631-722
  • МЦМС 02/365 381

Адреси:

  • Хуманитарен дом "Даре Џамбаз" ул. 11 Октомври бб, Скопје
  • ООЦК "Карпош" ул. "Руѓер Бошковиќ" 3, позади "Симпо" на булевар "Партизански одреди"
  • ООЦК "Чаир" ул. "Вуковарска" 23, пред стадионот во Чаир
Back to Main Menu