24 - 30 септември 2001 година

Скопје, 1ви октомври 2001


Безбедносна состојба

Инцидент кај изворот Рашче.
На 24 септември, Министерството за одбрана соопшти дека припадници на македонската армија застрелале едно 71 годишно лице, етнички Албанец, кој заедно со едно друго лице не застанале откако биле предупредени од војниците да не се приближуваат до пунктот, кој го обезбедува изворот Рашче.

Повлечено тешкото оружје.
Армијата на Република Македонија на 25 септември го повлече тешкото оружје од Тетовското Кале и врвот на ридот Балтепе. Скоро еден месец беа поставени барикади од граѓаните на овие тетовски населби, кои го попречуваа повлекувањето.

Конвој со раселени лица за Матејче и Липково.
На 28 септември беше организиран конвој за раселените лица, етнички Македонци и Срби, во посета на село Матејче. Исто така конвој со раселени етнички Албанци беше во посета на село Липково.

Граничен инцидент.
На 27 септември, во граничниот појас на караулата „Спас“ кај Дебар, се случил инцидент каде животот го загубил еден етнички Албанец. По предупредувањата од страната на граничната патрола, бидејќи возилото се движело во недозволен патен правец, патролата на АРМ отворила оган, при што две лица биле потешко ранети, од кои едниот им подлегнал на повредите. Сите четворица во возилото се државјани на РМ.


Политичка состојба

Утврдени нацрт-амандманите на Уставот.
На 24 септември пратениците на Собранието на Република Македонија (РМ), ги утврдија сите 15 нацрт-амандмани за промена на Уставот. Седмиот амандман, кој се однесува на прашањето за верските заедници, беше повторно изгласан и доби 65 гласа. Од 24 септември, во рок од десет дена трае јавната расправа во врска нацрт-текстот. Граѓаните, политичките партии, здруженијата на граѓаните, органите и организациите, своите забелешки, предлози и сугестии ги упатуваат до предлагачот – Претседателот на државата и до Комисијата за уставни прашања на Собранието на РМ. Комисијата за уставни прашања се задолжува да ја следи и сумира јавната дискусија, да подготви извештај за резултатите од јавната дискусија и да го достави до предлагачот и до Собранието. Предлагачот – Претседателот на државата го подготвува текстот на предлогот на амандманите и го доставува до Собранието. На 27 септември продолжи собраниската седница во врска со распишувањето референдум околу измените на уставот.

Заврши мисијата „Неопходна жетва“.
Наменските сили на НАТО „Неопходна жетва“ на 25 септември завршија со собирањето на доброволно предаденото оружје од страна на припадниците на ОНА. Беа собрани вкупно 3.875 парчиња оружје и 397.625 парчиња муниција, експлозиви и мини. Командантот на наменските сили генерал Гунар Ланге го информирал претседателот на државата Борис Трајковски за завршената мисија. Наменските сили почнаа да се повлекуваат од Македонија на 27 септември.

Посета на генералниот секретар на НАТО Робертсон во Македонија.
При посетата на Џорџ Робертсон во Скопје, тој го пренел планот на земјите членки на Алијансата за нова мисија во Македонија, која би броела 700 војници и би траела од три до шест месеци. Новата мисија на НАТО во Македонија е наречена „Килибарна лисица“. Мисијата ќе ја предводи Германија. На разговорите со македонските лидери беше поставено и прашањето за амнестија на припадниците на ОНА. Владата на РМ донесе одлука за распоредување на силите на НАТО „Килибарна лисица“ на територијата на земјата.

Почна обуката на првите албански полицајци.
На 24 септември, во Центарот за обука на кадри во Идризово почна обучувањето на 100 полицајци, етнички Албанци, од страна на американски инструктори. Како што пренесува весникот на албански јазик „Факти“, албанските кандидати наишле на провокации од страна на македонските припадници на полицијата. Инаку, оваа обука е предвидена со Рамковниот договор.

Конференција на печатот на екс-лидерот на ОНА.
Бившиот политички лидер на ОНА Али Ахмети, одржа конференција за печатот во село Шипковица, каде информираше дека ОНА е расформирана, а нејзините поранешни припадници сега се обични граѓани.

Закажана седницата за усвојување на амандманите.
Претседателот на Собранието на РМ, Стојан Андов, најави дека седницата за усвојување на амандманите за промена на Уставот е можно да ја закаже за 5 октомври.

Нови набљудувачи на ОБСЕ во Македонија.
Постојаниот Совет на ОБСЕ, на 29 септември во Виена, донесе одлука за зголемување на својата мисија во Македонија со дополнителни 159 лица, кои треба да им се придружат на постојните 51 претставника кои се наоѓаат во земјата.


Претходни извештаи

  • Извештај за ситуацијата бр. 16/2001 [17 - 23 септември]
  • Извештај за ситуацијата бр. 15/2001 [10 - 16 септември]
  • Извештај за ситуацијата бр. 14/2001 [3 - 9 септември]
  • Извештај за ситуацијата бр. 13/2001 [27 август - 2 септември]
  • Извештај за ситуацијата бр. 12/2001 [20 - 26 август]
  • Извештај за ситуацијата бр. 11/2001 [13 - 19 август]
  • Извештај за ситуацијата бр. 10/2001 [06 - 13 август]
  • Извештај за ситуацијата бр. 09/2001 [06 - 08 август]
  • Извештај за ситуацијата бр. 08/2001 [30 јули - 05 август]
  • Извештај за ситуацијата бр. 07/2001 [23 - 29 јули]
  • Извештај за ситуацијата бр. 06/2001 [16 - 22 јули]
  • Извештај за ситуацијата бр. 05/2001 [09 - 15 јули]
  • Извештај за ситуацијата бр. 04/2001 [03 - 08 јули]
  • Извештај за ситуацијата бр. 03/2001 [24 јуни - 03 јули]
  • Извештај за ситуацијата бр. 02/2001 [11 - 24 јуни]
  • Извештај за ситуацијата бр. 01/2001 [03 - 10 јуни]

Back to News

Novosti
Humanitarni Informacii
Pomosh
Pozadina na situacijata
Organizacii
Linkovi
Makedonski Centar za Megjunarodna Sorabotka
Action by Churches Together