27 Август - 2 Септември 2001 година

Скопје, 3 септември 2001

Безбедносна состојба

Ослободени седум цивили и нови киднапирања.
На 27 август, во Тетовскиот регион беа ослободени седум киднапирани цивили, етнички Македонци. Шест од нив се од Лешок, а еден од Скопје и сите со посредство на ИЦРЦ/МКЦК беа пренесени во Скопје. На 31 август биле киднапирани двајца жители, етнички Македонци, од селото Стенче и Беловиште. Киднапиран етнички Албанец. Координативното тело за справување со кризи, го осуди киднапирањето на еден етнички Албанец од Непроштено, за да се издејствува ослободувањето на тројца етнички Македонци од Челопек. Весникот на албански јазик „Факти“, пишува дека две униформирани лица го киднапирале од работното место, во супермаректот „Веро“, во Тетово.

Блокирано повлекувањето на тешкото вооружување на АРМ.
На 27 август, жителите етнички Македонци, во населбата Колтук во Тетово и пред селото Брвеница, застанаа како жив штит, за да не дозволат да се повлечат тешките артилериски орудија на силите на АРМ. Граѓаните ги поставија барикадите, поради несигурноста и можните навлегувања на екстремистите во овие населени места.

Шест нови експлозии во Скопје.
На 29 август, во близина на основното училиште „Лирија“ беше активирана експлозивна направа, која не предизвика материјална штета. На 30 август во Скопје и Тетово, експлодираа две направи во објекти чии сопственици се етнички Албанци, еден од нив е пратеник во Собранието на Република Македонија. Експлозиите предизвикаа материјални штети, додека во Тетово се повредени двајца работници. На 2 септември, беа активирани две рачни бомби, во дворот на една куќа и на еден салон за автомобили. Во една чајџилница беше фрлен молотов коктел, при што објектот изгоре потполно. Сите експлозии се случија во северозападниот дел на Скопје, кој е етнички мешана средина.

Блокиран граниничниот премин со СРЈ.
Раселените жители, етнички Македонци, од кумановските села Матејче и Опаје, во организација на Светскиот македонски конгрес, на 29 август, го блокираа граничниот премин Табановце, на границата со СР Југославија. Протестантите не ги пропуштаат конвоите на НАТО и камионите кои се упатуваат за Косово. На 2 септември, од блокадата се повлекоа раселените лица, по разговорите со претседателот на Координативното тело за справување со кризи, но таму останаа сипматизерите на СМК. Инаку, сеуште трае блокадата на граничниот премин Блаце од 18 август, поминувањето е слободно само за персоналот на ИЦРЦ/МКЦК.

Блокада на патиштата, со поставување барикади.
На 31 август, Координативното тело за справување со кризи, организираше конвој од шест автобуси и 30 возила, со раселени лица од Непроштено, Лешок и Теарце. Конвојот не беше пропуштен да се врати во Скопје, од страна на жителите, етнички Албанци, на населбите Циглана и Дреновец 1 во Тетово. Тие бараа да бидат ослободени двајца притворени Албанци од Доброште и да се тргне полицискиот пункт кај стадионот. Како реакција на ова, жителите, етнички Македонци, поставија блокада пред населбата Дреновец. Следниот ден, по разговорите на претставниците на Координативното тело со етничките Албанци, конвојот беше пропуштен.


Политичка состојба

Заврши првата фаза од операцијата „Суштинска жетва“.
На 27 август, на пунктот во село Отља, почна доброволното предавање на оружјето од припадниците на ОНА. Оружјето, исто така е собирано и во други два пункта, Бродец, Тетовско и Тануша, Гостиварско. Собирањето на оружјето го набљудуваа и тројца пратеници од Собранието на РМ. Според мајор Џонсон, од наменските сили на операцијата “Суштинска жетва”, првата фаза на собирање оружје е завршена, при што собрана една третина од оружјето на ОНА, односно 1.400 (од предвидените 3.300) парчиња. Операцијата ќе продолжи оваа недела. Бундестагот на СР Германија на 29 август донесе одлука за испраќање на 500 војници во Македонија, во рамките на операцијата на НАТО. Сега силите на НАТО во Македонија вкупно бројат околу 4.800 војници, кои се дојдени од 13 држави. Во посета на Македонија беше и генералниот секретар на НАТО, Џорџ Робертсон, кој го посети и полигонот Криволак, каде ќе се уништува дел од собраното оружје.

Експертот по уставно право Бадентер во Скопје.
Францускиот експерт по уставно право, Робер Бадентер на 29 август беше во посета на Македонија, каде имаше средби со координаторите на пратеничките групи во Собранието на Република Македонија. Тој изјави дека Рамковниот договор што предвидува промени на Уставот, ги содржите основните принципи што ги поставил и тие доминираат во уставниот документ. Во договорот е ставен акцент на локалната демократија, механизмот за двојно гласање, со кој се заштитуваат правата на припадниците на заедниците, принципот на недискриминација и на еднакво учество на сите граѓани во државните органи.

Почна собраниската расправа за пристапување кон уставни промени.
Претседателот Борис Трајковски на 30 август го извести претседателот на Собранието дека е собрана една третина од оружјето на ОНА. На 31 август, поради блокадата на влезовите на Собранието, организирано од страна на партијата МААК – единствена македонска опција и група на иселени лица од тетовскиот крај, седницата на Парламентот почна со задоцнување. Протестите беа организирани против измените на Уставот. На 1 септември, по одлуката на претседателот на Собранието седницата не продолжи, со образложение дека нема услови за работа, поради блокадата на патот Тетово-Јажинце. По разговорите со претседателот на државата и странските дипломати Леотар и Пердју, претседателот на Собранието, го закажа продолжувањето на седницата за 3 септември.

Усвоен ребалансот на буџетот.
Собранието на Република Македонија на 28 август, го усвои ребалансот на буџетот за оваа година. Новиот буџет изнесува 2,36 милијарди марки. Главната разлика, меѓу стариот и новиот буџет, е што во новиот е вметната сумата од 143 милиони марки (средства од приватизацијата на Телеком) и вонредните 437 милиони марки што се наменети за полицијата и армијата. За покривање на дефицитот се влезени сумите од 256 милиони марки приходи од приватизацијата на Телеком, 20 милиони марки донации од странство, 146 милиони марки странски кредити и 184 милиони марки депозити во Народната Банка на Македонија.


Претходни извештаи

  • Извештај за ситуацијата бр. 12/2001 [20 - 26 Август]
  • Извештај за ситуацијата бр. 11/2001 [13 - 19 Август]
  • Извештај за ситуацијата бр. 10/2001 [06 - 13 Август]
  • Извештај за ситуацијата бр. 09/2001 [06 - 08 Август]
  • Извештај за ситуацијата бр. 08/2001 [30 Јули - 05 Август]
  • Извештај за ситуацијата бр. 07/2001 [23 - 29 Јули]
  • Извештај за ситуацијата бр. 06/2001 [16 - 22 Јули]
  • Извештај за ситуацијата бр. 05/2001 [09 - 15 Јули]
  • Извештај за ситуацијата бр. 04/2001 [03 - 08 Јули]
  • Извештај за ситуацијата бр. 03/2001 [24 Јуни - 03 Јули]
  • Извештај за ситуацијата бр. 02/2001 [11 - 24 Јуни]
  • Извештај за ситуацијата бр. 01/2001 [03 - 10 Јуни]

Back to News

Novosti
Humanitarni Informacii
Pomosh
Pozadina na situacijata
Organizacii
Linkovi
Makedonski Centar za Megjunarodna Sorabotka
Action by Churches Together