20 - 26 Август 2001 година

Скопје, 27 август 2001


Безбедносна состојба

Мирна состојба во кризните подрачја со сериозни поединечни инциденти.
Во текот на минатата недела не се регистрирани сериозни прекршувања на примирјето. Регистрирани се неколку провокации во регионот на селата Матејче, Никуштак и Умин Дол во Кумановско-липковскиот регион. Исто така и во тетовскиот регион се забележани помали вооружени инциденти во регионот на селата Шипковица, Жилче, Ратае и Непроштено. Медиумите на македонски јазик пишуваат дека во Непроштено од страна на екстремистите се запалени околу стотина куќи на етнички Македонци.

Миниран мотел, двајца загинати цивили.
На 26 август, во близина на селото Челопек, медиумите на македонски јавија дека од страна на екстремистите од големо количество на експлозив е уништен мотел, каде животот го загубиле двајца цивили, етнички Македонци. На 24 август екстремистите ја минирале и Станицата за технички преглед на возила, лоциран на патот Тетово-Брвеница. Весниот на албански јазик „Факти“ ја пренесува изјавата на претседателот на општина Брвеница, кој вели дека од почетокот на кризата во мотелот биле стационирани полициски сили, така што Албанците не можеле да имаат пристап во местото на настанот.

Минирана црквата во комплексот на Лешочкиот манастир.
На 21 август, со големо количество на експлозив е урната црквата „Свети Атанасиј“, изградена во 1924 година, која се наоѓа во склоп на Лешочкиот манастир, кој потекнува од ЏИВ век. Сите македонски партии, Македонската православна црква, Исламска верска заедница, Заводот за заштита на спомениците и други институции го осудија овој акт кон верските објекти. Исто така целата меѓународна јавност го осуди овој вандален чин. Македонските партии и институции овој акт им го препишаа на есктремистите. Партиите на Албанците околу нападот на црквата изјавија дека немаат доволно информации. Шефот на Штабот на ОНА Гзим Острени, изјавил дека тие досега не нападнале ниту еден верски објект. Како што пишуваат албанските медиуми, уривањето на црквата можеби е реакција на гранатирањето на џамијата во село Непроштено еден ден пред тоа. Медиумите на албански јазик пишуваат дека никој од власта досега не го осуди уривањето на околу 46 џамии во кризните региони, додека медиумите на македонски јазик пишуваат дека десега од страна на екстремистите се уништени околу 20 цркви и манастири.

Експлозии во Скопје.
Утрото на 27 август во одделни делови на Скопје екслподираа три експлозивни направи, кои предизвикаа значителна материјална штета, но без човечки жртви.

Загина британски војник.
Еден британски војник загина во трагичен инцидент, кога на 26 август при влезот на Скопје врз возилото на НАТО млади луѓе фрлиле поголеми камења, со што тешко го повредиле во главата војникот на британскиот контингент. Министертсво за одбрана го осуди овој акт.

Две жртви како последица на малтретирање.
Весникот на албански јазик “Факти” пишува за неколку случаи на малтретирања на граѓани, етнички Албанци, од страна на полицијата. Двајца од нив, еден од Луботен, а другиот од Сарај, умреле од здобиените повреди. (Извештај на Human Rights Watch: Полициската злоупотреба против Албанците продолжува во Македонија / Police abuse against Albanians continues in Macedonia, 22 август).

Сеуште трае блокадата на граничниот премин со Косово.
Стотина Македонци од тетвоските села Лешок, Теарце и Непроштено, организирани од Светскиот македонски конгрес (СМК), од 18 август сеуште го држат под блокада граничниот премин кон Косово. Се најавува и блокада на граничниот премин Табановце, во границата со Југославија. На сите возила на меѓународните организации им е забранет влезот и излезот од Македонија.

Ослободени осуммина киднапирани етнички Македонци.
Со посредство на Меѓународниот комитет на црвениот крст, на 26 август, беа ослободени осум етнички Македонци, кои беа киднапирани од страна на есктремистите. Четири од нив, двајца цивили и двајца војници, беа ослободени во Липково. Според нивни изјави, им било тешко само првите шест дена, а потоа добивале редовно храна и не биле малтретирани. Исто така од селото Радуша се ослободени четири цивили, меѓу кои и еден државјанин на САД.


Политичка состојба

Донесена одлуката на Алијансата за почеток на операцијата „Неопходна жетва“.
На 20 август, во Македонија престојуваше командантот на НАТО за Европа, Џозеф Ралстон, кој беше дојден заради собирање факти од теренот за отпочнување на операцијата за собирање на оружјето. Врховниот штаб на здружените сили за Европа, на 22 август издаде наредба за започнување на операцијата “Неопходна жетва”, откако Североатлантскиот совет во Брисел, ја одобри мисијата на НАТО во Македонија.

Велика Британија го зголеми бројот на нивните војници на 2.100.
Вкупниот број на војниците кои ќе зимаат учество во операцијата, се очекува да биде поголем од предвидените 3.500. Операцијата треба да започне на 28 август во осум часот наутро со разоружувањето на првите припадници на ОНА во село Отља. ОНА даде список со 3.500 парчиња различно оружје. Според информации на Министерство за внатршни работи, ОНА располага со 60.000 парчиња оружје од различни видови и околу 5.000.000 куршуми од различен калибар. Поголемиот дел од собраното оружје ќе биде уништено во Грција, додека останатото во Криволак, Македонија.

Можна политичка криза.
Премиерот на Република Македонија поднесе предлог за разрешување на Министерот за правда, бидејќи тој навреме не ја потпишал екстрадикцијата на лицето Семи Хебиби, за кого се претпоставува дека го извршил нападот на полициската станица во Теарце и за кого македонските власти имаат распишано меѓународна потерница. Министерот за правда изјавил дека не се комплетирани сите потребни документи за екстрадикција. Партијата за демократски просперитет најави дека доколку се разреши нивниот министер за правда, тие ќе ги повлечат сите министри и пратеници од Парламентот.

Пописот на населението во април.
Владата на Република Македонија, со оглед на актуелната безбедносна ситуација во земјата, донесе одлука Комисијата задолжена за спроведување на пописот да достави предлог до Собранието за измена во Законот за попис, со прецизирање на терминот за 1 април 2002 година, наместо во октомври оваа година.

Back to News

Novosti
Humanitarni Informacii
Pomosh
Pozadina na situacijata
Organizacii
Linkovi
Makedonski Centar za Megjunarodna Sorabotka
Action by Churches Together