Novosti
Humanitarni Informacii
Pomosh
Pozadina na situacijata
Organizacii
Linkovi
Makedonski Centar za Megjunarodna Sorabotka
Action by Churches Together
  30 Јули - 5 Август 2001 година

Безбедносна состојба

Прекршување на примирјето и договорот од 25 јули.

Еден загинат и еден повреден полицаец.
На 31 јули, според полициски извори, е нападнат пунктот на безбедносните сили кај село Брвеница, Тетовско, од страна на екстремистите, при што загина еден припадник на полицијата. Исто така, беше нападнат пунктот на безбедносните сили во самиот град Тетово, при што од снајпер е повреден еден полицаец.

Блокиран и претресуван хуманитарен конвој за Вратница.
Хуманитарен конвој со 40 тона помош организиран од страна на МЦМС, за општина Вратница, на 4 август, следен од Мониторинг мисијата на Европската унија (ЕУММ), ОБСЕ и НАТО беше блокиран на патот Тетово – Јажинце. Конвојот беше запрен пред влезот на селото Доброште од страна на 150 до 200 жители од селото, етнички Албанци. На граѓаните им се приклучија и дваесетина униформирани лица, без ознаки, лесно наоружани, кои извршија преглед на конвојот. Блокадата и извршениот преглед од страна на униформираните лица претставува прекршување на примирјето, бидејќи според склучениот договор за прекин на огнот од 25 јули, екстремистите треба да се повлечат од патот Тетово-Јажинце. По тричасовни разговори, конвојот беше вратен назад во Скопје.

Вооружени лица влегоа во село Лешок.
На 4 август четири до пет вооружени екстремисти влегоа во село Лешок, иако според постигнатиот договор екстремистите треба да бидат на 500 метри оддалечени од последната куќа во селото.

Опожарени куќи на етнички Албанци во Велешко.
Медиумите на албански јазик јавуваат дека на 2 август се опожарени пет куќи на етнички Албанци во село Босилце, општина Чашка, Велешко. Исто така се демолирани неколку продавници на етнички Албанци во Велес. Извор на МЦМС потврдува дека има две опожарени куќи и неколку трла во велешките села Стари град, Долно Врановци, Босилце. Овие села се главно напуштени етнички македонски села, кои во лето ги користат овчари етнички Албанци. Опожарените куќи припаѓаат на етнички Македонци, а ги користеле етнички Албанци. Во однос на Велес, изворот ги демантира овие вести и тврди дека во јули имало обид да се фрли молотов коктел на еден дуќан, но истиот се одбил од излогот и не предизвикал штети. Во мај непознат сторител фрлил молотов коктел на капијата на џамијата, но пожарот бил брзо изгаснат и не е предизвикана штета.


Повик за бојкот на етничките Албанци од страна на СМК.
Светскиот македонски конгрес (СМК), на единаесеттото Генерално собрание, одржано од 4 до 5 август, усвои Декларација во врска со најновиот развој на кризата и безбедносната состојба во земјава. СМК ги отфрла преговорите кај Претседателот на државата меѓу четирите политички парти и меѓународните посредници вклучени во дијалогот. Исто така, не се прифаќаат измените во Уставот. СМК апелира да се бојкотираат сите фирми, дуќани, ресторани, културни манифестации, чии сопственици се Албанци. Исто така, се упатува повик до сите граѓани на Македонија да ја блокираат хуманитарната помош за села и населби каде што живеат Албанци, како одговор на блокадата на Вратница. СМК објавува дека ќе организира блокади на патните правци спрема Косово.


Политичка состојба

Продолжија разговорите за уставни промени.
Политичкиот дијалог кој се води под покровителство на Претседателот на државата, со посредство на меѓународните претставници на САД и ЕУ, во кој се вклучени четири политички партии, на 1 август во Охрид постигнаа провизорен договор за употреба на јазикот на националностите. Јазикот на националностите ќе биде во службена употреба во оние општини каде што националностите се застапени со повеќе од 20 проценти во вкупниот број на населението, во определени области и околности. Националностите ќе имаат право да го употребуваат мајчиниот јазик и на пленарни седници на државното Собрание. Но, ова ќе биде валидно само ако се постигне општ договор околу сите спорни прашања.

На разговорите во Охрид им се приклучија високиот претставник на Европската унија Хавиер Солана и шефот на украинската дипломатија Анатолиј Зленко, кои се надеваат дека брзо ќе се потпише договорот меѓу четирите политички партии.

Back to News