Novosti
Humanitarni Informacii
Pomosh
Pozadina na situacijata
Organizacii
Linkovi
Makedonski Centar za Megjunarodna Sorabotka
Action by Churches Together
  23 - 29 Јули 2001 година

Безбедносна состојба

Жестоки судири во Тетовско и крај на примирјето.
На 23 и 24 јули започнаа жестоки борби во градот Тетово каде жестоко се напаѓани позициите на македонските безбедносни сили. ОНА напаѓала од позициите во населбата Дреновец 2, селата Порој, Гајре, Џепчиште, Шипковица, Ѓермо и падините над Тетово. Македонските сили се позиционирани во самиот град и кај Тетовското кале. На тетовската касарна се истрелани преку 200 гранати и мини. Водени се и улични борби при кои е стрелано и од цивили. Се смета дека се вооружани голем број цивили. Ова значеше крај на првото примерје. Според Министерството за внатрешни работи, за време на дводневните борбени дејствија во Тетовско, животот го загубија 2 цивили (етнички Македонец и едно девојче етничка Албанка), додека се повредени 33 лица (26 цивили и 7 припадници на македонските безбедносни сили). Медиумите на албански јазик јавуваат дека гранатирајќи ги позициите на екстремистите во село Порој и околината од страна на македонските сили се погодени цивилни објекти, каде загинале осум цивили (етнички Албанци), меѓу кои и две деца.

Етничко чистење на македонски села.
За време на дводневните воени дејствија во Тетовско, под притисок на екстремистите, се иселени неколку илјади жители, етнички Македонци, од селата Непроштено, Лешок, Теарце, Глоѓи, Ратае и Доброште. Жителите од овие села со тоа што го имале при себе, по собирањето во село Жилче, дојдоа во Скопје, каде протестираа пред Собранието.

Киднапирање на цивили.
Во околината на селото Шемшово, Тетовско, на 23 јули, беа киднапирани тројца етнички Македонци кои подоцна беа ослободени. Истиот ден од страна на екстремистите беа киднапирани 20 жители, етнички Македонци, на тетовските села, кои со автобус се движеле на патот Тетово-Јажинце, кои исто така подоцна се ослободени. Блокада на четири македонски села во Вратница. Селата од општината Вратница - Вратница, Беловиште, Рогачево и Старо Село, во Тетовско, близу до граничниот премин Јажинце кон Косово, се опколени од ОНА и се без основно снабдување веќе осум дена.

Антизападни протести во Скопје.
Протестите на незадоволните иселени жители на тетовските села, на кои им се придружија и голем број граѓани на Скопје, прераснаа во антизападни протести. Ова се случи бидејќи примирјето беше потпишано од НАТО, кој се сметаше за гарант на спроведувањето на примирјето. Протестите беа проследени и со насилство, за време на кои беа каменувани американската, британската, германската амбасада, грчката канцеларија за врски и канцеларијата на ОБСЕ, делумно или потполно беа демолирани околу дваесет продавници (меѓу кои и Макдоналдс), како и околу 15 возила на ОБСЕ. Раселените лица од Тетовско утредента се оградија од насилството и продолжија со постојан протест пред Собранието, барајќи да им се обезбедат услови за брзо и безбедно враќање во нивните домови, како и реконструкција на нивните куќи уништени за време на воените дејствија.

Затворени граничните премини кон Косово.
Македонските власти на 24 јули ги затворија сите гранични премини кон Косово. Тие се затворени за сите меѓународни претставници на мировната мисија на Косово и за припадниците на странските хуманитарни мисии. Неколку дена подоцна е демантирана веста за затворање на границите. Последните информации говорат дека границите се уште се затворени за странските државјани кои влегуваат во Македонија од Косово.

Ново примирје.
Со посредување на НАТО, веќе на 25 јули, е постигнато ново примирје со кои ОНА се повлековува на позициите од 5 јули и ќе изврши деминирање. Во селата од кои ќе се повлече ОНА нема да влегуваат македонските безбедносни сили, туку тие ќе бидат на половина километар оддалеченост.

Конвој од два автобуса со раселени лица.
На 26 јули два автобуса со раселени лица од Лешок, во придржуба на македонскиот министер за одбрана Владо Бучковски, амбасадорот на НАТО во Македонија Ханс Јорг Ајф и специјалниот пратеник на НАТО Питер Фејт, влегоа во селото Лешок. Во селата останаа само неколку жители, додека другите, бидејќи не чуствувале сигурност, се вратија во Скопје. Втор конвој. Осум автобуси, со околу 350 етнички Македонци, на 28 јули ги посетија нивните домови во тетовските села Лешок, Непроштено и Теарце. Во селото Теарце се запалени осум објекти од страна на екстремистите. Тричлена екипа на МЦМС, исто така престојуваше во овие села.

Нови судири.

На 29 јули армиски извори јавија дека од страна на екстремистите е нападнат пунктот на Армијата на Република Македонија кај село Лавце, каде за време на престрелките беа ранети четири војници. Истиот ден на патот Тетово – Скопје, во заседа, група вооружени лица стрелале кон полициски конвој, во кој се наоѓал и Министерот за внатрешни работи.

Загинаа двајца цивили од мина.
На 29 јули, на патот Жилче – Лешок, од поставена мина загинаа двајца цивили (етнички Македонци). Според ОБСЕ само ОНА практикува да употребува мини.

Медиумска војна.
Медиумите на македонски и албански јазик водат војна со објавување на спротивставени верзии или со премолчување на настани. Пример се борбите во Тетово. Медиумите на албански јазик јавуваа дека примирјето го прекршиле македонските безбедносни сили, додека на македонски јазик спротивното. Или пак инцидентот со загинатите од мина. Иако е познато дека само ОНА практикува поставуавње на мини (повеќето погинати од македонските безбедносни сили се погинати од мини, снајпери и заседи), медиумите на албански јазик пишуваа дека мината е поставена од страна на полицијата. Од друга страна, медиумите на македонски јазик го премолчеа бројот на цивилни жртви во Порој.


Политичка состојба

Посета на Робертсон, Солана и Џоана во Скопје.

По ескалацијата на ситуацијата во Тетовско, во посета на Скопје пристигнаа генералниот секретар на НАТО Џорџ Робертсон, високиот претставник за заедничка надворешна и безбедносна политика на ЕУ Хавиер Солана и претседавачот со ОБСЕ Мирчеа Џоана, каде тие разговараа со лидерите на политичките партии и специјалните претставници на САД и ЕУ, Џејмс Пердју и Франсоа Леотар. Робертсон и Солана изјавија дека насилствата треба да престанат и политичкиот дијалог мора да продолжи.

Продолжија разговорите за уставни промени.
Поради нарушената безбедносна состојба, претставниците на политичките партии не разговараа за промени на Уставот во текот на целата недела. Дијалогот продолжи во саботата во Охрид. Албанскиот политички блок не отстапува од барањата за официјализирање на албанскиот јазик, додека македонскиот блок се спротиставува на ова. Меѓународните претставници на САД и ЕУ, Џејмс Пердју и Франсоа Леотар, изјавија дека разговорите се сведуваат на едно прашање - употреба на албанскиот јазик како официјален, во одредени области и под одредени околности.

Социјална состојба

Според последните податоци на Центарот за социјални работи, околу 20.000 семејства во Скопје живеат од социјална помош што ја добиваат од државата. Според последниот попис од 1994 година во Скопје живеат 444.760 жители, ако се земе предвид дека едно семејство во просек има по четири члена, близу 20% од населението или 80.000 луѓе живеат од социјална помош.

Меѓуетнички односи

Прво градење мерки на доверба.
Во Советот на општина Теарце се одржа средба меѓу жители од македонска и албанска националност од девет села од тетовскиот регион, меѓу кои од Теарце, Непроштено, Доброште, Лешок, Одри и Глоѓи. На состанокот присуствувал и специјалниот пратеник на НАТО Мајк Летји, како и советници на општините.

Најава за започнување на работа на Универзитетот за Југоисточна Европа во Тетово.
Одборот за акредитација ја почна постапката за доделување акредитација за Универзитетот за Југоисточна Европа во Тетово, кој е прв приватен универзитет во земјава. Универзитетот има пет факултети – правни студии, за јавна и деловна администрација, за комуникации и за обука на наставници. Наставата ќе биде на албански, македонски и на англиски јазик. Почетокот на наставата се најавува на 1 октомври.

Back to News