Novosti
Humanitarni Informacii
Pomosh
Pozadina na situacijata
Organizacii
Linkovi
Makedonski Centar za Megjunarodna Sorabotka
Action by Churches Together
  16 - 22 Јули 2001 година

Безбедносна состојба

Прво сериозно кршење на примирјето.
Според официјалните извори на 22 јули екстремистите го нарушиле примирјето напаѓајќи ги безбедносните сили од селата Шипковица, Гајре и Селце. Престрелката траела околу еден час. Притоа биле лесно повредени двајца војници. Додека, весниците на албански јазик, според извори од ОНА, јавуваат дека примирјето го прекршиле македонските безбедносни сили. Според армиски извори е ранет војник од караулата Стрезимир, на македонско-албанската граница, за време на престрелките со една вооружена група која сакала да влезе во македонска територија. Еден од облиците на кршење на примирјето е воспоставување контролни пунктови на екстремистите. На пример, во тетовското село Порој, екстремистите на 20 јули поставиле контролен пункт на раскрсницата на патот кон село Гермо. Само на неколку стотини метри оттука се наоѓа пунктот на македонските сили.

Еден од растечките проблеми се киднапираните цивили.
На 18 јули во непосредна близина на Теарце (Тетовско) екстремистите киднапира тројца етнички Македонци од село Отушиште. Цивилите беа ослободени следниот ден и беа однесени во Медицинскиот центар во Тетово, по здобиените телесни повреди.

Протест на раселените Македонци од тетовските села.
Околу двесте раселени Македонци од тетовските села Варвара, Једоарце, Сетоле, Отуње, Брезно, Јелошник, Непроштено и Лешок, на 16 јули протестираа пред канцелариите на Европската унија, НАТО и ОБСЕ. Нивнита барања беа што побрзо да се вратат во нивните домови кои веќе две недели се заземени од екстремистите.

Загинаа тројца набљудувачи на ЕУ.
Двајца набљудувачи на Мониторинг мисијата на ЕУ (Норвежанин и Словак) и нивниот преведувач (етнички Албанец) загинаа кај селото Боговиње, Тетовско, откако нивниот џип налетал на мина. Екипата на ЕУ требало да има активности на потегот Маздрача-Ново Село. Мониторинг мисијата на ЕУ во Македонија има задача да ги набљудува границите, меѓуетничките односи, враќањето на бегалците, како и да прави анализи и извештаи за ситуацијата.

Експлодираа бомби во Скопје.
На 18 јули, во вечерните часови експлодираа три рачни бомби "кашикари", од кои едната експлодира во трговскиот центар "Чаирчанка", каде се оштетени шест продавници, а другите две беа подметнати под едно патничко возило. Оштетените се од различно етничко потекло.


Политичка состојба

Советот на министрите на УЕ ќе им забрани влез на 38 лица во земјите на Унијата. Министрите за надворешни работи на ЕУ на 16 јуни во Брисел усвоија заеднички став со кој ќе им се забрани влез во Унијата на 38 лица, ако тие не се согласат со тоа што албанските политички лидери во политичкиот дијалог во Скопје ќе го одлучат. Овој список нема да стапи во сила ако во Македонија дојде до договор.

Ад-хок комисија на советот на Европа во Македонија.

Во работна посета во Македонија (16-19 јули) престојуваа членови на Ад-хок комисијата за ситуацијата во земјава на парламентарното собрание на Советот на Европа, која треба да поднесе извештај за ситуацијата во Македонија. Ад-хок комисијата е форма која во парламенатрното собрание на Советот на Европа се применува во исклучителни случаи и за определени прашања.

Продолжуваат разговорите околу рамковниот документ.

Последната верзија на рамковниот документот составен од меѓународните претставници на САД и ЕУ, Џејмс Пердју и Франсоа Леотар, доживеа жестока критика од македонската јавност и медиуми, а политичарите сметаат дека предлозите дадени од страна на олеснувачите отстапуваат од основните принципи утврдени во документот на Бадинтер. Жестокоста беше предизвикана од предлогот кој значи воведување на албанскиот јазик како службен јазик на целата територија на земјата. Претседателот на државата се обиде да го надмине прекинот. Албанскиот блок партии по двете апстиненции на средбите се враќаат во разговорите. За да се надминат недоразбирањата, нема да се расправа за документите предложени од меѓународните посредници, туку ќе се расправа само за разликите, конкретно за употребата на албанскиот јазик.

Back to News