Novosti
Humanitarni Informacii
Pomosh
Pozadina na situacijata
Organizacii
Linkovi
Makedonski Centar za Megjunarodna Sorabotka
Action by Churches Together
  3 - 8 Јули 2001 година

Безбедносна состојба

Судири од низок интензитет во Тетовско и во Танушевци.
Тетовско беше центар на минатонеделните континуирани судири меѓу екстремистите и македонските безбедносни сили. Судирите се од низок интензитет. Во Танушевци, пак, беше нападнато возилото "хермелин" на Армијата на Република Македонија (АРМ) на еден километар од караулата во Танушевци, каде за првпат почнаа судирите во март оваа година. Во нападот животот го загуби еден припадник на АРМ (муслиман), додека другиот беше потешко ранет.

Исчезнати цивили.
Веќе една недела се исчезнати седум етнички Албанци, сите седум припадници на македонските безбедносни сили. Во јавноста се шпекулира дека исчезнатите лица или дезертирале или се киднапирани, по наводниот ултиматум од ОНА упатен до етничките Албанци да ги напуштат македонските безбедносни сили.

Во реонот на Радуша исчезнати се тројца етнички Македонци, од кои еден е државјанин на САД.

Приведени новинари.
Македонските безбедносни сили на 04 јули во близина на Рашче (главниот извор за водоснадбување на Скопје), приведе екипа од четири новинари на весникот на албански јазик "Факти". По осумчасовно задржување новинарите се ослободени.

Гранатиран градот Тетово на денот на потпишување на примирјето.
На 05 јули околу 17 часот, по објавувањето дека се потпишани договори за прекин на огнот, екстремистите кои се наоѓаат во селата Џепчиште, Шипковица и Гајре ги гранатирале полициските и армиските позиции во градот и околу него. За време на неколкучасовните престрелки со минофрлачки проектили се погодени повеќе цивилни згради и се ранети вкупно дванаесет случајни граѓани и два војника.

Протести на иселените етнички Македонци.
Неколку стотици етнички Македонци од тетовските села Јелошник, Једоарце, Варвара, Сето, Брезно и Лешок се иселени од нивните домови, под притисок на екстремистите. Тие бараа од надлежните органи да ги заштитат и да им обезбедат враќање во домовите. На 06 јули, при посетата на општина Тетово од американскиот амбасадор Мајк Ајник, иселените лица бараа средба. По средбата неколку десетици иселени лица го удираа неговото возило и го испратија со свирежи.

Потпишани договори за прекин на огнот.
Потпишани се два одвоени договори за сеопфатен прекин на огнот, кој стапи на сила на 06 јули во 00.01 часот. Првиот договор е потпишан од страна на НАТО и ЕУ, преку нивниот претставник Питер Фејт со политичкиот претставник на ОНА, Али Ахмети. Вториот договор на НАТО-ЕУ со РМ, од македонска страна го потпишаа началникот на Генералштабот на АРМ, Панде Петровски и генералот на Министерството за внатрешни работи (МВР), Ристо Галевски. Потпишувањето на примирјето од двете страни беше поздравено од сите релевантни политички фактори во земјата.

Прекинот на огнот спроведен по неколкучасовно неприменување.
Неколку часови по стапувањето на сила на договорите за прекин на огнот се одвиваа судири во тетовскиот крај. Екстремистите се обидоа да воспостават контрола во предградијата на Тетово и магистралниот пат од Тетово до границата со Косово. Утрината на 06 јули екстремистите се повлекоа од магистралниот пат.

Повторни нарушувања.
На 08 јули екстремистите ги нападнаа селата Непроштено и Лешок (кое е етнички македонско). Селото Лешок го бранат околу 200 жители. Дури вечерта се испратени единици на македонските безбедносни сили. ОНА воспоставува контрола на територија. Во некои места на градот Тетово кои се поблиску до падините на Шара екстремистите направиле контролни пунктови. На еден од нив (во Дреновец) на 08 јули, екстремистите не пуштиле да помине една екипа на весникот "Дневник".


Политичка состојба

Продолжен политичкиот дијалог.
Претседателот на државата, Борис Трајковски, на 04 јули информираше за резултатите од последниот состанок со лидерите на политичките партии, на која присуствувале и специјалните пратеници Франсоа Леотар и Џејмс Пердју. На овој состанок е постигнат значаен напредок во расправата за зајакнување на граѓанскиот карактер на државата. Политичкиот дијалог кај претседателот Трајковски тече и понатаму.

Назначен уште еден меѓународен олеснувач.
Претседавачот на ОБСЕ и шеф на романската дипломатија Мирчеа Џоана, го назначи Макс ван дер Штул за свој личен пратеник во Македонија, кој ќе помага во "олеснувањето" на политичкиот дијалог и давањето совети за брзо решавање на кризата во Македонија.

Западните пратеници предложија нацрт-измени на Уставот.
Специјалните пратеници на Европската унија, Франсоа Леотар и на САД, Џејмс Пердју, во саботата, на 07 јули, предложија експертска рамка за измени во Уставот на РМ. Овој нацрт се заснова на предлогот на Роберт Бадинтер, фрацуски експерт за уставно право и расправата во која беа вклучени домашни партиски и странски стручњаци.

Албанските лидери не се согласуваат со нацрт-измените на Уставот. Веќе на 08 јули албанските лидери изразија несогласување со нацрт-измените и ќе настапат со свои предлози. Етничките македонски лидери не се огласија, но во основа го поддржуваат предлогот на западните пратеници.

Подобрување на застапеноста на малцинствата во државната администрација. Владата одлучи да формира работна комисија на чело со Џевдет Насуфи, потпретседател на Владата, која ќе треба да подготви програма за реализација и подобрување на застапеноста на малцинствата во Република Македонија во државната администрација.


Економска состојба

Со воведувањето на т.н. воен данок од 01 јули па се до крајот на годината, според министерот за финансии, треба да се соберат околу 80 милиони германски марки.


Други состојби

На 04 јули надлежните општински органи почнаа со рушење на бесправно градените куќи во неколку села, приградски како и на скопски и кичевски населби. Како што пишуваат средствата за информирање на албански јазик, рушењето било селективно, само на албанските сопственици.

Back to News