Novosti
Humanitarni Informacii
Pomosh
Pozadina na situacijata
Organizacii
Linkovi
Makedonski Centar za Megjunarodna Sorabotka
Action by Churches Together
 24 Јуни - 3 Јули 2001 година


Безбедносна состојба

Екстремистите се повлекоа од Арачиново.
Во скопското село Арачиново беше постигнато примирје на 24 јуни 2001 година, по тридневни борби. Примирјето е остварено под притисок на меѓународната заедница. Хавиер Солана лично го искажа своето задоволство од прекинот на огнот. По два дена ОБСЕ и КФОР на 26 јуни 2001 година евакуираа околу 500 (непотврдена информација) екстремисти со нивното оружје само десетина километри на север во липковскиот крај.

Повлекувањето беше попречувано од лути граѓани кои поставуваа барикади на патиштата. Од борбите во Арачиново нема информации за цивилни жртви, оние на екстремистите се непознати и се шпекулира дека изнесуваат од 6 до 100, а на страната на македонските безбедносни сили имаше четворица загинати и 26 ранети.

Македонските безбедносни сили влегоа во Арачиново на 28 јуни 2001 година и започнаа проверка на можната опасност од мини и заостанато оружје и експлозивни направи. Од овие причини, жителите на селото не можат да се вратат назад.

Бунт во Скопје и вандализирање на зградата на парламентот.
Неколку илјади граѓани, меѓу нив и вооружени припадници на резервниот состав на полицијата протестираа на 25 јуни 2001 пред парламентот во Скопје. Протестот беше насочен против дозволувањето на повлекувањето на екстремистите со нивното вооружување, од Арачиново кон липковскиот крај, каде тие повторно можат да напаѓаат врз македонските безбедносни сили. Во доцните вечерни часови толпа од неколку стотини лица провали и го вандализира парламентот. На насобраните граѓани им се обрати Ристо Галевски, полициски генерал кој ја смири наелектризираната состојба и побара припадниците на безбедносните сили да се вратат на своите места на линијата на одбраната на земјата. Овој бунт за некои е веројатно најнасилничкиот бунт во македонската историја. Уништени се просториите на кабинетот на Претседателот на Републиката, три автомобили (еден на министерот за внатрешни работи, еден службен на полицијата и еден автомобил на ОБСЕ), и искршени излози на околу 17 продавници во градот.

Смирување на состојбата.
Претседателот Трајковски им се обрати на граѓаните следниот ден, на 26 јуни 2001 година. Тој повика на единство во насока на постигнување на целта, пораз на тероризмот и успех на политичките разговори за иднината на државата. Смирувачко обраќање истата вечер имаше и Премиерот Георгиевски.

И повторна есклација на судирите.
На 26 јуни 2001 година беше нападната полициската станица на Попова Шапка, тетовско. Во нападот загина еден припадник на безбедносните сили на Македонија, а четворица беа повредени. Екстремистите од Арачиново, повлечени во липковскиот крај започнаа напади на селото Умин Дол, населено со етнички Македонци и Срби. Отворено ново боиште. Од крајот на месецот е отворено ново боиште околу село Радуша, триесет километри северозападно од Скопје, непосредно на границата со Косово. Борбите ескалираа на 2 и 3 јули 2001. Во текот на косовската криза овде беше стациониран еден од бегалските кампови. МЦМС беше одговорна организација за кампот.

За првпат нападнати етнички македонски села.
Значајна промена во конфликтот е упадот на екстремистите во тетовските села Брезно, Варвара, Сетоле, Отуње, Једоарце и Јалошник. Жителите на овие села, етнички Македонци биле протерани под закана на оружје. И прва цивилна жртва на екстремистите. Во селото Брезно, тетовско е убиен цивил. Борис Магденовски, 58-годишен етнички Македонец е првата цивилна жртва на милитантните екстремисти.


Политичка состојба

Изолација на екстремистите во САД.
Американскиот претседател Џорџ Буш издаде извршна наредба со која се блокира имотот на лицата што претставуваат закана за меѓународните напори за стабилизација на Македонија. На листата на претседателот Буш се најдоа дваесет и три имиња на екстремистите и четири организации меѓу кои и тнр. ОНА и нејзините водачи Фазли Велиу, Али Ахмети, Г'зим Острени и Џавид Асани. На овие лица им е забранет и влезот во САД. И во Швајцарија. Федералниот совет му забрани било каква политичка активност во Швајцарија на Фазли Велиу, со закана за екстрадикција на Македонија.
Меѓународна експертиза на македонскиот устав.

Во Македонија пристигна Роберт Бадинтер.
Тој ја направи првата експертиза на македонскиот устав уште во почетокот на деведесетите години (Бадинтерова комисија). Неговата оценка тогаш беше дека уставот ги исполнува сите демократски стандарди. Бадинтер смета дека консензуалната демократија која што ја заговараат претставниците на политички партии на етничките Албанци во Македонија, не е одговор на кризата. Бадинтер смета дека е подобро реформите да се насочат кон проширување на локалната демократија.

Назначени меѓународни пратеници од ЕУ и САД.
Во текот на неделата, Франсоа Леотар (ЕУ) и Џејмс Пердју (САД) беа назначени за постојани претставници во Македонија и пристигнаа во земјата. Целта на нивниот ангажман е поттикнување и "олеснување" на политичкиот дијалог меѓу претставниците на најзначајните партии во Македонија.

Обновен политичкиот дијалог.
По двонеделен прекин, на 02 јули 2001 година, остварена е средба на претседателот Трајковски со лидерите на четирите најголеми партии. Следниот ден, остварена е уште една средба, овој пат во присуство и на меѓународните претставници Леотар и Пердју, на која се разговарало за предлозите на Бадинтер за уставни промени.


Економска состојба

Воведен тнр. воен данок.
Од 1 јули 2001 година па до крајот на годината започна да се применува нов данок за финансиски трансакции со кој ќе се покрива минусот во државниот буџет. Државниот буџет има минус од 200 милиони долари предизвикан од безбедносната криза во земјата. Министерот за финансии, Никола Груевски, за тнр. воен данок согласност добил од Меѓународниот монетарен фонд. Стапката на данокот ќе биде 0,5%, а ќе се однесува на сите финансиски трансакции на правните лица, транферите на физичките и правните лица но не и на финансиските трансакции на физичките лица.

Back to News