Novosti
Humanitarni Informacii
Pomosh
Pozadina na situacijata
Organizacii
Linkovi
Makedonski Centar za Megjunarodna Sorabotka
Action by Churches Together
  Водечки Начела за Внатрешно Раселување

Водечки Начела за Внатрешно Раселување

ОСНА

Предговор кон Водечките начела од г-дин Серџо Виеира де Мело, генерален потсекретар за хуманитарни прашања

Хуманитарната заедница се повеќе станува свесна за кризата во однос на внатрешното раселување која погаѓа преку 20 милиони луѓе низ целиот свет. Иако одговорноста за заштитата на внатрешно раселените лица (ВРЛ) првенствено ја имаат националните влади и локалните власти, за меѓународната заедница е важно да види како може најдобро да придонесе кон јакнењето на заштитата на внатрешно раселените лица во конфликтни и кризни ситуации. Исто така хуманитарната помош мора да ја структурираме на начин со кој ќе се унапреди заштитата на ВРЛ.

Во рамките на системот на Обединетите нации, преземени се значајни чекори за јакнење на ефикасен и навремен одговор за потребите на внатрешно раселените лица (ВЛР). Постојаниот меѓуагенциски комитет (ПМАК) ми ја довери задачата да дејствувам како средишна точка во рамките на системот на Обединетите Нации за прашањата во врска со внатрешно раселените лица. Во спроведувањето на таквиот мандат, јас се залагам за јакнење на капацитетите на Обединетите Нации во целина, за да се одговори во ситуации на внатрешно раселување, како и за унапредување на засилена координација, појасна поделба на институционалните одговорности и соодветна поддршка на оперативните агенции.

Во овој контекст, го поздравувам издавањето на Водечките начела за внатрешно раселување од страна на Претставникот на Генералниот секретар за внатрешно раселени лица. Овие Начела коишто се засноваат врз постоечкото меѓународно хуманитарно право и меѓународните инструменти во областа на човековите права, треба да послужат како меѓународен стандард според кој ќе се раководат владите, како и меѓународните хуманитарни агенции и агенциите за развој во обезбедувањето на помош и заштита за ВРЛ.

ПМАК целосно ги поддржува Водечките начела и ги поттикнува своите членови да ги споделат истите со нивните Извршни одбори и персонал, особено персоналот кој работи на самиот терен, со цел да обезбедеи применување на Начелата во рамки на активностите преземени во корист на внатрешно раселените лица.

Верувам дека Водечките начела можат да одиграат значајна улога во подигањето на свеста за потребите на ВРЛ, во поттикнување поддршка во рамките на хуманитарната заедница, и, исто така, да им помогнат на колегите кои работат на самиот терен во изнаоѓање решенија при соочувањето со потребите за помош и заштитата на внатрешно раселените лица. Начелата, исто така, ќе им помогнат на Владите во обезбедувањето сигурност и добросостојба за нивното внатрешно раселено население.

Се надевам дека секој од вас ќе работи со цел да осигура најшироко можно распространување и примена на Водечките начела, за да се постигне толку потребното подобрување на положбата и третманот на внатрешно раселените лица.


Воведни забелешки од г-дин Франсис М. Денг, претставник на Генералниот секретар за внатрешно раселени лица


Меѓународната заедница е соочена со огромната задача да обезбеди заштита за лицата кои се присилени да ги напуштат своите домови, но кои остануваат во границите на нивните земји поради насилни конфликти, грубо кршење на човековите права и поради други трауматични настани. Тие скоро секогаш страдаат од лишување од основните потреби, тешкотии и дискриминација. Водечките начела се составени токму со цел да се справиме со тие проблеми.

Начелата ги идентификуваат и гаранциите релевантни за заштита на внатрешно раселените лица во сите фази на раселувањето. Тие обезбедуваат заштита од произволно раселување, нудат основа за пружање заштита и помош, и ги предвидуваат гаранциите за безбедно враќање, преселување и реинтеграција. Иако Начелата не претставуваат обврзувачки инструмент, тие ги одразуваат и се во сообразност со меѓународните човекови права, хуманитарното право и аналогното право во областа на бегалските прашања.

Начелата се создаваа во тек на неколку години во согласност со мандатот што ми беше доделен во 1992 година од страна на Комисијата за човекови права, зајакнат со неколку последователни резолуции и на Комисијата и на Генералното собрание. Најнапред, од мене беше побарано да ги проучам причините и последиците од внатрешното раселување, положбата на внатрешно раселените лица според меѓународното право, степенот до кој нивните потреби се задоволуваат според постоечките институционални аранжмани, и начините за подобрување на заштита и помош за таквите лица.

Следствено, главните активности на мојот мандат се состоеја во развивање на потребната правна и институционална рамка за внатрешно раселените лица и спроведување на мисии во одделни земји, со цел во нивна корист да се ангажираат Владите и другите учесници во дијалогот. Во соработка со тим на експерти по меѓународно право, јас го испитав степенот до кој внатрешно раселените лица се соодветно опфатени со меѓународното право, по што беше издадена “Збирка и анализа на правните норми” (Е/ЦН.4/1996/52/Адд.2). Со оваа студија се утврди дека, од една страна, постоечкото право значително ги опфаќа внатрешно раселените лица, но дека, од друга страна, постои значителен број области каде што не се обезбедени соодветни основи за заштита и помош за внатрешно раселените лица.
Затоа, Комисијата и Генералното Собрание побараа од мене да ја подготвам соодветната нормативна рамка за внатрешно раселените лица. Ова доведе до составување на предлог текстот за Водечките начела, каде што повторно се наведуваат постоечките норми, се појаснуваат “сивите зони” и се пополнуваат областите каде што недостасува регулатива.

Откога на Комисијата во 1998 година & ги претставив Водечките начела, таа усвои резолуција во која се земени предвид Водечките начела и мојата намера како Претставник на Генералниот секретар истите да ги употребам во тековниот дијалог со Владите и сите оние чиј мандат и активности се однесуваат на потребите на внатрешно раселените лица. Комисијата, иста така, ја зема предвид одлуката на Постојниот меѓуагенциски комитет, кој ги поздрави Начелата и ги поттикна своите членови истите да ги споделат со Извршните одбори и персоналот, особено оној којшто е ангажиран на самиот терен, и да ги применуваат во своите активности во корист на внатрешно раселените лица.

Водечките начела треба да обезбедат вредни практични упатства за Владите, другите надлежни органи, меѓувладините организации и невладини организации за нивната работа со внатрешно раселените лица. Се надевам дека тие ќе бидат широко распространети и дека ќе имаат практична примена на теренот.



ВОДЕЧКИ НАЧЕЛА ЗА ВНАТРЕШНО РАСЕЛУВАЊЕ


ВОВЕД – ОПФАТ И ЦЕЛ

1. Овие Водечки начела се однесуваат на специфичните потреби на внатрешно раселените лица низ целиот свет. Со нив се идентификуваат правата и гаранциите релевантни за заштита на лицата од присилно раселување и за нивната заштита и помош во текот на раселеноста, како и за нивното враќање или преселување и реинтеграција.

2. Во целите на овие Начела, внатрешно раселените лица се лица или групи лица кои се присилени или принудени да побегнат или да ги напуштат своите домови или постојаните живеалишта, особено како резултат на ефектите на вооружените конфликти или со цел нив да ги избегнат, во ситуации на општо насилство, прекршување на човековите права или поради природни катастрофи или катастрофи предизвикани од човекот, и лица кои не ја преминале меѓународно признатата граница на државата.

3. Овие Начела го одразуваат и се во согласност со меѓународното право за човековите права и меѓународното хуманитарно право. Тие даваат упатства:

(а) за спроведување на мандатот на Претставникот на Генералниот секретар за внатрешно раселени лица;

(б) За државите кога се соочени со појавата на внатрешно раселени лица;

(в) За сите други власти, групи или лица во нивните односи со внатрешно раселените лица; и

(г) за меѓувладините и невладините организации кои се справуваат со внатрешното раселување.

4. Овие Водечки начела треба да се распространуваат и да се применуваат на што е можно поширока основа.


ДЕЛ I: ОПШТИ НАЧЕЛА

-Начело 1-

1. Внатрешно раселените лица подеднакво ќе ги уживаат сите права и слободи според меѓународното и домашното право, исто како и другите лица во нивната земја. Тие нема да бидат дискриминирани во уживањето на било кои права и слободи врз основа на тоа што се внатрешно раселени лица.

2. Овие Начела не ја ограничуваат поединечната кривична одговорност според меѓународното право, особено во однос на геноцидот, кривичните дела против човештвото и воените злосторства.

-Начело 2-

1. Сите власти, групи и лица без оглед на нивниот правен статус ќе ги почитуваат и применуваат овие Начела, без воопшто да прават разлики на штета на раселените лица. Почитувањето на овие Начела нема да влијае врз правниот статус на кој било вмешани власти, групи или лица.

2. Овие Начела нема да се толкуваат во смисла на тоа дека ги ограничуваат, менуваат или намалуваат одредбите на кој било инструмент на меѓународното хуманитарно право, човековите права или правата кои им се гарантираат на лицата според домашното право. Овие Начела особено не го ограничуваат правото на барање и уживање азил во други земји.


-Начело 3-

1. Националните власти ја имаат примарната должност и одговорност да обезбедат заштита и хуманитарна помош за внатрешно раселените лица под нивна јурисдикција.

2. Внатрешно раселените лица имаат право да бараат и да добијат заштита и хуманитарна помош од властите. Тие нема да бидат прогонувани или казнувани поради таквото барање.

-Начело 4-

1. Овие Начела ќе се применуваат без каква било дискриминација врз основа на раса, боја на кожа, јазик, вероисповест или верување, политичко или друго мислење, национално, етничко или општествено потекло, правна или општествена положба, возраст, инвалидите, сопственост, статус по раѓање или други слични критериуми.

2. Одредени внатрешно раселени лица, како што се децата, особено непридружуваните малолетници, бремените жени, мајките на мали деца, женските глави на семејството, лицата со хендикеп и постарите лица ќе имаат право на заштита и помош потребна за нивната состојба, како и право на третман, при што ќе се земат предвид нивните посебни потреби.


ДЕЛ II: НАЧЕЛА ВО ВРСКА СО ЗАШТИТА ОД РАСЕЛУВАЊЕ


-Начело 5-

Сите власти и меѓународни учесници ќе ги почитуваат и ќе го осигураат почитувањето на нивните обврски според меѓународното право, вклучувајќи го и меѓународното хуманитарно право и човековите права во сите околности, за да се спречат и избегнат услови кои би можеле да доведат до раселување на луѓето.

-Начело 6-

1. Секое лице ќе има право на заштита од произволно раселување од неговиот дом или постојаното живеалиште.

2. Забраната на произволното раселување вклучува раселување:

(а) кое се заснова на политиката на апартхејд, “етничко чистење” или слична практика насочена кон /или која резултира со измена на етничкиот, религиозниот или расниот состав на погоденото население;

(б) во ситуации на вооружен конфликт, освен доколку тоа не го бара безбедноста на инволвираните цивили или императивните воени причини;

(в) во случај на големи развојни проекти, кои не се оправдани од најважен јавен интерес;

(г) во случај на катастрофи, освен доколку безбедноста и здравјето на погоденото население не наложуваат негова евакуација; и

(д) кога раселувањето се употребува како колективна казна.
3. Раселувањето нема да трае подолго отколку што е потребно во дадените околности.

- Начело 7-

1. Пред донесувањето на било каква одлука со која се бара раселување на населението, засегнатите власти ќе гарантираат дека се испитани сите остварливи алтернативи со цел да се избегне раселувањето во целост. Кога не постојат алтернативи, ќе се преземат сите мерки за да се минимизира раселувањето и неговите негативни ефекти.

2. Властите кои преземаат такви мерки на раселување ќе гарантираат, колку што е можно повеќе, дека е обезбедено соодветно сместување за раселените лица, потоа дека раселувањето се одвива во задоволително исполнети услови на безбедност, обезбедена храна, здравствена заштита и хигиена, и дека не се разделуваат членовите на семејството.

3. Доколку раселувањето се одвива во други ситуации надвор од итните состојби на вооружени конфликти и катастрофи, треба да се исполнат следниве гаранции:

(а) Државниот орган кој е овластен со закон да изрече таква мерка, ќе ја усвои конкретната мерка;

(б) ќе се преземат соодветни мерки со цел на раселените лица да им се гарантираат информации за причините и процедурите за нивното раселување, и, кога е потребно, за компензацијата и релокацијата;

(в) ќе се бара слободна и информирана согласност на лицата кои треба да се раселат;

(г) засегнатите власти ќе настојуваат да го вклучат погоденото население, особено жените, во планирањето и управувањето со нивната релокација;

(д) надлежните законски власти ќе спроведат мерки за спроведување на законот, онаму каде што е тоа потребно;

(ѓ) Ќе се почитува правото на ефикасен лек, вклучително и ревизија на одлуката од страна на соодветните судски власти.
-Начело 8-

Раселувањето нема да се изведува на начин со кој се прекршуваат правата на живот, достоинство, слобода и безбедност на погодените лица.

-Начело 9-

Државите се обврзани да им пружаат заштита од раселување на автохтоните народи, малцинствата, земјоделците, сточарите и други групи кои особено зависат од и се приврзани кон своето земјиште.


ДЕЛ III: НАЧЕЛА ВО ВРСКА СО ЗАШТИТАТА ВО ТЕКОТ НА РАСЕЛЕНОСТА


- Начело 10-

1. Секое лице има неотуѓиво право на живот кое ќе биде заштитено со закон. Ниту едно лице нема да биде лишено од живот. Внатрешно раселените лица особено ќе бидат заштитувани од:

(а) геноцид;

(б) убиство;

(в) вонсудско и произволно извршување смртна казна; и

(г) Присилно исчезнување, вклучително и грабнување или прикриван притвор, кој се заканува или кој резултира со смрт.
Забранети се заканите и поттикнувањето за извршување на кој било од актите наведени погоре.

2. Нападите или други акти на насилство против внатрешно раселените лица кои повеќе не учествуваат во насилствата се забранети во сите околности. Внатрешно раселените лица особено ќе се заштитуваат од:

(а) Директни или општи напади или други акти на насилство, вклучително и од создавање области каде се дозволени напади врз цивилите;

(б) Изгладнување како борбен метод;

(в) Нивна употреба за заштита на воени цели од напад или за заштита, поттикнување или спречување на воени операции;

(г) Напади врз нивните кампови или населби; и

(д) Употреба на пешадиски мини.

- Начело 11-

1. Секое лице има право на достоинство и физички, ментален и морален интегритет.
2. Внатрешно раселените лица, без оглед на тоа дали им е ограничена слободата, особено ќе бидат заштитени од:

(а) Силување, осакатување, тортура, сурово, нечовечно или понижувачко постапување и казнување, и друго нарушување на личното достоинство, како што се актите на насилство засновани врз полот, присилната проституција, и која било форма на непристојни напади;

(б) Ропство или било која современа форма на ропство, како што се продажбата заради брак, сексуалната експлоатација, или присилниот труд на децата; и

(в) Акти на насилство насочени кон ширење страв меѓу внатрешно раселените лица.

Забранети се заканите и поттикнувањето на извршување на кој било од актите наведени погоре.

- Начело 12-

1. Секое лице има право на слобода и на безбедност на личноста. Никој нема да подлежи на произволно апсење или на притвор.

2. Со цел и внатрешно раселените лица ефективно да го користат ова право, тие нема да бидат затворени или ограничени во камп. Доколку во исклучителни околности таквото затворање или ограничување е апсолутно неопходно, тоа нема да трае подолго отколку што е потребно во околностите.

3. Внатрешно раселените лица ќе бидат заштитени од дискриминаторско апсење или притвор како резултат на нивното раселување.

4. Внатрешно раселените лица во ниту еден случај нема да бидат користени како заложници.

-Начело 13-

1. Во никакви околности раселените деца нема да се регрутираат, ниту пак од нив ќе се бара, ниту ќе им биде дозволено да учествуваат во непријателства.

2. Внатрешно раселените лица ќе бидат заштитени од дискриминаторската практика на регрутирање во било кои вооружени сили или групи, како резултат на нивното раселување. Особено се забрануваат какви било сурови, нечовечни или понижувачки практики со кои се изнудува почитување или се казнува непочитување на регрутирањето во какви било околности.

-Начело 14-

1. Секое внатрешно раселено лице има право на слобода на движење и слобода на избор на местото на живење.

2. Внатрешно раселените лица особено имаат право на слободно движење во и надвор од камповите или другите населби.

-Начело 15-

Внатрешно раселените лица имаат:

(а) право да бараат безбедност во друг дел од земјата;

(б) право да ја напуштат земјата;

(в) право да бараат азил во друга земја; и

(г) право на заштита од присилно враќање или преселување во кое било место каде би биле изложени на ризик нивниот живот, безбедност, слобода и/или здравје.

- Начело 16-

1. Сите внатрешно раселени лица имаат право на информации за тоа што им се случило и каде се нивните роднини кои се изгубени.

2. Засегнатите власти ќе настојуваат да обезбедат информации за тоа што се случува и каде се внатрешно раселените лица, пријавени како исчезнати, и ќе соработуваат со релевантните меѓународни организации ангажирани на оваа задача. Тие ќе ги информираат роднините за напредокот на истрагата и ќе ги известат за резултатите.

3. Засегнатите власти ќе настојуваат да ги приберат и идентификуваат посмртните останки на умрените, да го спречат нивното ограбување и осакатување, и ќе го овозможат враќањето на посмртните останки на роднините или истите ќе ги погребаат со должна почит.

4. Гробовите на внатрешно раселените лица треба да се заштитуваат и почитуваат во сите околности. Внатрешно раселените лица треба да имаат право на пристап кон гробовите на нивните починати роднини.

- Начело 17 -

1. Секое лице има право на почитување на семејниот живот.

2. Со цел и внатрешно раселените лица ефективно да го користат ова право, на членовите на семејството кои сакаат да останат заедно треба да им се дозволи истото.

3. Семејствата кои е разделени поради раселувањето треба да се обединат колку што е можно побрзо. Ќе се преземат сите неопходни мерки за да се забрза повторното обединување на таквите семејства, особено кога се работи за деца. Одговорните власти ќе ги олеснуваат истрагите на членовите на семејствата и ќе ги поттикнат и ќе соработуваат со хуманитарните организации кои работат на задачата за семејно обединување.

4. Членовите на внатрешно раселените семејства чија лична слобода е ограничена со затворање или ограничување во кампови имаат право да останат заедно.

-Начело 18-

1. Сите внатрешно раселени лица имаат право на соодветен животен стандард.

2. Како минимум, без оглед на околностите и без било каква дискриминација, надлежните власти на внатрешно раселените лица ќе им обезбедат и осигураат безбеден пристап до:

(а) Основната храна и вода за пиење;

(б) Основно засолниште и сместување;

(в) Соодветна облека; и

(г) Основни здравствени услуги и санитарни услови.

3. Треба да се преземат посебни напори со цел да се обезбеди целосно учество на жените во планирањето и распределбата на овие основни работи.

-Начело 19-

1. Сите ранети и болни внатрешно раселени лица, како и лицата со хендикеп, со најмало можно одлагање ќе добијат, целосна можна здравствена заштита и внимание кое им е потребно, без какви било разлики по ниедна основа освен медицинска. Во случај на неопходност, внатрешно раселените лица ќе имаат пристап кон психолошки и социјални служби.

2. Треба да се обрне посебно внимание на здравствените потреби на жените, вклучително и пристап кон здравствените работници и служби за жените, како што е репродуктивната здравствена заштита, но и на соодветните советодавни услуги за жртвите на сексуална и друга злоупотреба.

3. Посебно внимание треба да се посвети на спречување на заразни и инфективни болести меѓу внатрешно раселените лица, вклучително и на СИДА-та.

-Начело 20-

1. Секое лице има право да биде признато како лице пред законот.

2. Со цел и раселените лица ефективно да го користат ова право, засегнатите власти на сите нив ќе им ги издадат сите потребни документи, неопходни за уживањето и користењето на нивните законски права, како на пр. пасоши, документи за лична идентификација, изводи од матичната книга на родените и венчаните.

Властите особено ќе го олеснуваат издавањето на нови документи или замената на документите изгубени во текот на раселувањето, без наметнување на неразумни услови, како што е барањето за враќање во областа на постојаното живеалиште со цел раселените лица да ги добијат овие или други потребни документи.

3. Мажите и жените ќе имаат еднакви права да добијат такви документи и ќе имаат право таквите документи да се издаваат на нивно име.

-Начело 21-

1. Ниту на едно лице нема да му биде произволно одземен движниот или недвижниот имот.

2. Движниот и недвижниот имот на внатрешно раселените лица ќе биде заштитуван во сите околности, особено од следниве акти:

(а) Ограбување;

(б) Директни или општи напади или други акти на насилство;

(в) Нивна употреба за заштитата на воени операции или цели;

(г) Нивно користење како предмет на одмазднички акции; и

(д) Уништување или одземање како форма на колективна казна.

3. Движниот и недвижниот имот кој зад себе го оставиле внатрешно раселените лица треба да се заштити од уништување и произволно и нелегално одземање, запоседнување или употреба.

- Начело 22 -

1. Внатрешно раселените лица, без оглед на тоа дали живеат во кампови или не, нема да бидат дискриминирани како резултат на нивното раселување во уживањето на следниве права:

(а) Правата на слобода на мислата, свеста, вероисповеста или верувањето, мислењето и изразувањето;

(б) Правото на слободно барање можности за вработување и учество во стопански активности;

(в) Право на слободно здружување и еднакво учество во работите на заедницата;

(г) Право на глас и учество во владините и јавните работи, вклучувајќи го и правото на пристап кон средствата неопходни за користење на ова право; и

(д) Право на комуникација на јазикот кој тие го разбираат.

- Начело 23-

1. Секој има право на образование.

2. Со цел и внатрешно раселените лица ефективно да го користат ова право, надлежните власти ќе осигураат таквите лица, особено раселените деца, да добиваат образование кое ќе биде бесплатно и задолжително на основното ниво. Во образованието треба да се почитуваат нивниот културен идентитет, јазик и вероисповест.

3. Треба да се преземат посебни напори за да се осигура целосно и еднакво учество на жените и девојчињата во образовните програми.

4. Образовните капацитети и капацитетите за обука ќе бидат достапни за внатрешно раселените лица, а особено за адолесцентите и жените, штом тоа ќе го дозволат условите и без оглед на тоа дали живеат во кампови или не.


ДЕЛ IV: НАЧЕЛА ВО ВРСКА СО ХУМАНИТАРНАТА ПОМОШ

-Начело 24-

1. Сета хуманитарна помош ќе се спроведува во согласност со начелата за хуманост и непристрасност и без дискриминација.

2. Хуманитарната помош за внатрешно раселените лица нема да биде спречувана, особено поради политички или воени причини.

-Начело 25-

1. Примарната должност и одговорност за обезбедување на хуманитарна помош за внатрешно раселените лица ја имаат националните власти.

2. Меѓународните хуманитарни организации и другите соодветни учесници имаат право да ги нудат своите услуги за поддршка на внатрешно раселените лица. Тоа нема да се смета за непријателски акт или вмешување во внатрешните работи на државата и врз него ќе се гледа со добра волја. Согласноста во оваа цел нема произволно да се одлага, особено кога засегнатите власти не се во состојба или не сакаат да ја обезбедат бараната хуманитарна помош.

3. Сите засегнати власти ќе го овозможат и олеснат слободното минување на хуманитарната помош и на лицата ангажирани за остварување на таква помош ќе им овозможат брз и непречен пристап до внатрешно раселените лица.

-Начело 26-

Лицата ангажирани во хуманитарната помош, како и нивните транспортни средства и материјали ќе бидат почитувани и заштитувани. Тие нема да бидат предмет на напад или други акти на насилство.

- Начело 27-

1. Меѓународните хуманитарни организации и други соодветни учесници при обезбедувањето помош треба задолжително да ги земат предвид потребите од заштита, како и човековите права на внатрешно раселените лица и ќе ги преземат соодветните мерки во врска со ова. При тоа, овие организации и учесници треба да ги почитуваат релевантните меѓународни стандарди и кодекси на однесување.

2. Претходниот став не ги ограничува одговорностите на меѓународните организации со мандат во оваа област, чии услуги можат да се понудат или да се побараат од државата.


ДЕЛ V: НАЧЕЛА ВО ВРСКА СО ВРАЌАЊЕТО, ПРЕСЕЛУВАЊЕТО И РЕИНТЕГРАЦИЈАТА

-Начело 28-

1. Надлежните власти ја имаат примарната должност и одговорност за воспоставување на услови, и обезбедување средства, кои на внатрешно раселените лица ќе им овозможат доброволно да се вратат, безбедно и достоинствено, во нивните домови или постојани живеалишта, или пак, доброволно да се преселат во друг дел од земјата. Властите ќе настојуваат да ја олеснат реинтеграцијата на преселените или вратените внатрешно раселени лица.

2. Треба да се преземат посебни напори за да се осигура целосно учество на внатрешно раселените лица во планирањето и управувањето со нивното враќање или преселување и реинтеграција.

- Начело 29-

1. Внатрешно раселените лица кои се вратиле во нивните домови или постојани живеалишта или кои се населиле во друг дел од земјата, нема да бидат дискриминирани заради нивното раселување. Тие ќе имаат право целосно и рамноправно да учествуваат во јавните работи на сите нивоа и ќе имаат еднаков пристап кон јавните служби.

2. Надлежните власти имаат должност и одговорност да им помагаат на вратените и/или преселените внатрешно раселени лица да го повратат, колку што е можно, нивниот движен и недвижен имот којшто го оставиле или им бил одземен по раселувањето. Кога враќањето на таквиот движен и недвижен имот е невозможно, надлежните власти ќе им обезбедат или ќе им помогнат на овие лица да добијат соодветна компензација или друг вид праведен надомест.

- Начело 30-

Сите надлежни власти ќе им одобрат и ќе им овозможат на меѓународните хуманитарни организации и на другите соодветни учесници во извршувањето на нивните мандати, брз и непречен пристап до внатрешно раселените лица, за да им помогнат во враќањето или преселувањето и реинтеграцијата.

Nazad kon Pomosh